Нова комбинација

Богов се повлекува од кандидатурата за гувернер на НБРМ, вицегувернерката Бежоска нов фаворит на СДСМ и на Иванов

Димитар Богов се повлекува од кандидатурата за гувернер на Народната банка на Македонија и за тоа веќе го известил претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој го предложи за нов гувренерски мандат. Од партиски извори дознаваме дека вицегувернерката Анита Ангеловска-Бежоска е новиот фаворит за гувернерското место на СДСМ. Oд кабинетот на претседателот на државата Ѓорге Иванов велат дека веќе бил испратен до Собранието предлогот Бежоска да биде гувернер на НБМ. 

Богов вели дека одлуката ја донел имајќи ги предвид реакциите на дел од чинителите во политиката и роковите за избор на гувернер.

„Во оваа пригода би сакал да му се заблагодарам на претседателот на Република Македонија, проф. д-р Ѓорге Иванов за довербата што ми ја даде со моето повторно предложување за прв човек на Народната банка, што за мене лично претставува валоризација на сработеното во изминатите седум години. Имајќи ги предвид реакциите на дел од чинителите на политичкиот живот во Република Македонија, моменталната политичка констелација и роковите за избор на гувернер, во интерес на државата се повлекувам од кандидатурата за гувернер на Народната банка, за што веќе го известив претседателот на Република Македонија“, вели Богов во неговата писмена изјава.

Тој верува дека во периодот што претстои ќе се изнајде решение и во најскоро време ќе биде предложен нов кандидат за гувернер на Народната банка, од редот на професионалците, кој ќе добие консензуална политичка поддршка.

„Народната банка на Република Македонија не смее да се остави без гувернер. Очекувам решение во најкус можен рок, што ќе биде во интерес на Република Македонија“, вели Богов.

Мандатот на Богов како гувернер на НБРМ завршува на 20 мај, а на 21 мај на новата седница на Собранието, според собраниски извори, ќе биде ставена точка на дневен ред за избор на нов гувернер.

ДУИ и натаму притиска за Фатмир Бесими, а нов фаворит на СДСМ за ова место е вицегувернерката Анита Ангеловска - Бежоска.

Анита Ангеловска-Бежоска на местото вицегувернер на Народната банка на Република Македонија е од октомври 2017 година. Таа дипломирала на Економскиот факултет во Скопје во 1994 година, со добиено признание како еден од тројцата најдобри студенти во генерацијата. Магистрирала на истиот факултет во 1997 година, а докторирала на Економскиот факултет во Љубљана во 2015 година.

Работната кариера ја започнала во Министерството за финансии во 1996 година, кога министер за финансии бил д-р Таки Фити. Унапредена е во раководител на секторот Трезор во 2000 година, кога министер бил м-р Никола Груевски, по успешното имплементирање на проектот за воведување трезорско работење во министерството, за што има добиено и меѓународно признание.

Во 2003 година била унапредена во државен секретар, кога министер бил м-р Петар Гошев. Од 2004 до 2006 година, работела во ММФ во Вашингтон, во одделите за Европа и за фискални политики, каде што учествувала во поголем број мисии на ММФ во земјите-членки.

До 2010 година работела на местото главен економист во Народната банка на Република Македонија, кога на предлог на тогашниот гувернер била именувана од Собранието на Република Македонија на местото вицегувернер. Од 2006 година наваму обезбедува техничка помош како експерт во тимови на Меѓународниот монетарен фонд во повеќе земји во Европа (Летонија, Белорусија, Молдавија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија).

Владите постојано ги повторуваат истите грешки. Тие го сметаат долгот како предност за долгорочен раст, наместо она што тој всушност е: тежок товар и извор на масивни долгорочни ризици.

повеќе

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе