АНАЛИЗА

Блумберг: На земјите како Македонија им треба заштитник

ЕУ може многу да му помогне на ова место со бурно минато.

Патувањето низ Македонија оваа недела ме натера да размислам за важноста на хегемоните, вели американскиот економист и професор Тајлер Кауен за Блумберг.

И Сингапур и Дубаи се мали, просперитетни политички единици, кои делумно се потпираат на заштитата од американската морнарица, како и на тоа дека имаат во најмала рака толерантни односи со Кина и Иран. Од поширок аспект, на голем број мали, ранливи земји - вклучувајќи ја и Македонија - ќе им треба некој надворешен добротвор да ја подобрат својата иднина.

Резимето на македонската историја не звучи баш ветувачки. Во доцниот 14 век, регионот беше поробен од Отоманската Империја. Тоа од некои аспекти го забрза македонскиот развој, но на крај тој беше отежнат од надворешни владетели со различни интереси и со повеќевековниот пад на Отоманската Империја. Во раниот 20 век, Македонија беше главна точка на вриење за две балкански војни и големи делови на Македонија завршија во рацете на Грција. За време на Првата светска војна, Балканот беше бојно поле и главен предмет на спорот. Македонија не заврши како господар на својата сопствена судбина.

Потоа дојде Втората светска војна и бруталната окупација на Оската. По војната, Македонија се најде под комунистичкото владеење на Тито како дел од Југославија. Економските проблеми не беа толку големи како во Советскиот Сојуз, но Македонија сепак немаше шанса да држи чекор со Западна Европа, а уште помалку да ја стигне.

Потоа следуваа крвавите балкански конфликти во 1990-тите, па и судирот меѓу Србија и Косово на север.

Тоа е извонредно бурна историја и можеби очекувате земјата да биде непоправливо уништена, но финтата е во ова: Македонија сè уште има шанси за сосема задоволителна иднина. Бедната сиромаштија во земјата веќе е ретка, населението генерално се чини дека е разумно среќно, или барем дека не е мизерно. Процените се различни, но приходот по жител е околу 13.000 долари годишно. Економијата расте во опсег од 2 до 3 проценти годишно, што не е импресивна бројка, но ако таа постојано се зголемува, Македонија ќе созрее во развиена нација. На Македонија ѝ е потребен тој историски најредок квалитет на Балканот: политичка стабилност. Подобрата економска политика би можела многу да помогне.

Всушност, постои еден многу едноставен пат кон стабилноста: приклучување кон Европската Унија и можеби НАТО. Со други зборови, една земја може да преживее стотици години лоши настани, но ако успее да се прикачи за некој добронамерен, макар и просечно способен заштитник, сепак може да има фантастична иднина со мир и просперитет, дури и ако не е баш на светскиот врв.

Секако, патот на Македонија кон членството во ЕУ е сè само не едноставен. ЕУ се замори од проширувањето, а постои и општо чувство дека јужниот сосед на Македонија, Грција, не беше подготвена за членство и особено не беше подготвена за усвојување на еврото. Можеби ќе биде тешко ЕУ да го оправда зачленувањето на една многу посиромашна земја на Балканот. Побогатите Полска и Унгарија покажуваат знаци дека не ги почитуваат строгите правила на ЕУ во врска со политичкиот либерализам, што отвора нови сомнежи кон новите членки на истокот. Згора на сè, Грција тврди дека македонската нација треба да го смени своето име, за да покаже дека нема никакви планови со грчката Македонија, и може да стави вето на членството ако не се случи тоа.

Сепак, ако Македонија остане надвор од ЕУ, тоа може да придонесе за евентуална експлозија на Балканот. Нејзиниот западен сосед одвреме-навреме покажува амбиции за поголема Албанија, во која би можело да се најде и една четвртина од македонското население што е етнички албанско, а да собере и делови од Косово. Во 2001 година, албанското прашање речиси предизвика граѓанска војна во Македонија. Неодамна се појавија обвинувања дека рускиот претседател Владимир Путин се мешал во домашната македонска политика и дека ќе продолжи да го прави тоа, на штета на стабилноста. Едно од сценаријата е дека ЕУ ќе ја прими Македонија „предвремено“, за да спречи уривање на редот, всушност играјќи „добар хегемон“ наспроти „лошиот хегемон“.

Ако Македонија не успее да влезе во ЕУ, не е тешко да се замисли една иднина каде што земјата ќе се распадне од различните притисоци од Русија, Србија, Бугарија, Албанија и Грција, во некоја непозната комбинација. Имајте на ум дека независната македонска нација постои само неколку децении во текот на многуте векови и затоа нејзиното понатамошно постоење не може да се земе здраво за готово.

Како турист, ме погодуваат еклектичната архитектура на Скопје, прекрасните манастири во селата, Охридското Езеро на албанската граница, мошне пријателскиот срдечен народ и поволните цени, и она што јас го сметам за најдобрата храна на Балканот. Јас се надевам на поволен исход.

Но кога станува збор за економскиот развој, немојте да ја гледате само демографијата или економската политика. Размислете за хегемонот.

Пораката на амбасадорот Бејли среде Скопје, јас не ја сфатив како шлаканица врз ДИК и нивните неодговорни членови (за наша несреќа едногласни во мислите и менталната матрица)!

повеќе

Дипломатијата е уметност невозможното да го направите возможно (Ш.-М. Талеиран).

повеќе

Односите меѓу Грција и Македонија се на клучна точка, вели Катимерини и со ѕвездички дообјаснува дека употребата на терминот „Македонија“ е на авторот и дека не го одразува ставот на весникот. Сепак се чини ова е првпат грчкиот весник да нè напише со уставното име.

повеќе