Претседателски избори 2019

Блерим Река: По многу години вишок на етнички национализам, на Македонија ѝ е потребен државен патриотизам

Мојата визија за државата е евроатлантска и мултиетничка Република, во која нема да има политизирано судство, непотизирана администрација и неизвесно специјално обвинителство. Секако не држава во која Врховниот суд толкува закони наместо Собранието, а пак Собранието амнестира и имунизира осомничени пратеници. За конституционална држава во која и претседателот ќе мора да го почитува Уставот, вели проф. д-р Блерим Река, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа и поранешен амбасадор на Македонија во ЕУ и единствен независен претседателски кандидат на претстојните избори во интервју за МКД.мк. Неговиот став е дека „ако не ја реформираме државата во една вистинска република, како правна државa, ќе завршиме во празна држава“.

Кој Ви беше мотивот да влезете во претседателската трка, со оглед дека до сега не сте покажале дека имате политички амбиции?

На кратко, мотивот би го опишал како обид за интелектуализирање на политиката. Со години нас интелектуалците нѐ критикуваа дека не сме доволно политички гласни и дека само формално реагираме, некако од страна, без да се осмелиме да влеземе во политиката. Не дека и досега не бев активен со моите критички јавни ставови, но тие реакции беа сепак виртуелни, на еден професор, а не на политичар.

Значи мотивот беше излегување од виртуелниот свет на критиката и преземање одговорност во реалниот свет на политиката. Ние не сме Франција и немаме еден Жан Пол Сартр, којшто пред половина век ја разбуди заспаната француска интелектуална елита и омаловажуваната средна класа. Тој интелектуален импакт во политиката потоа донесе промени не само во Франција, туку во цела Европа.

Значи мојот мотив беше желбата да направам нешто добро за државата, во која граѓаните веќе ја изгубија перспективата, и во сѐ поголем број ја напуштаат земјата. Четвртина од нашите граѓани веќе ја напуштија Македонија, а проценките се дека до наредната декада, ќе ја напуштат уште толку. Ако не ја реформираме државата во една вистинска република, како правна државa, ќе завршиме во празна држава.

Како се случи да ја добиете поддршката од Алијансата за Албанците и од Беса? Што беше клучно?

Поддршката дојде откако на Фејсбук ја објавив мојата одлука дека решив да се самокандидирам за претседател.

Што може да им понудите на гласачите, и што ќе им понудите, што не можат да го понудат другите кандидати? Зошто да гласаат за Вас?

Мојата платформа ќе биде „За Републиката“, значи за држава што функционира врз основа на владеење на правото, а не како владеење на поединецот. Значи мојата визија е деперсонализација на државата, а не владеење по моделот на култот на личноста. За Република, против заробена и приватна држава. За евроатлантска и мултиетничка Република, во која нема да има политизирано судство, непотизирана администрација и неизвесно специјално обвинителство. Секако не држава во која Врховниот суд толкува закони наместо Собранието, а пак Собранието амнестира и имунизира осомничени пратеници. За конституционална држава во која и претседателот ќе мора да го почитува Уставот.

Верувам дека истото го сакаат и сите граѓани во земјата, уморени од предолгата политичка неизвесност и од рециклирањето на државните елити, кои го згаснаа републиканизмот.

Кога објавивте дека сте ги собрале неопходните потписи рековте дека ќе се борите за враќање на републиката. Што значи тоа враќање на републиката? Што имаме сега?

Сега Северна Македонија е држава, но не е Република. Републиката постои кога постои владеење на правото, а не владеење на моќните. Не е Република државата во која важните одлуки зависат од 2-3 партиски лидери. Републиката не е партиска држава, во која секојдневно се тргува политички за секое прашање, а Собранието само аминува. Не е Република државата во која имавме дури и уставна трговија. Републиката, сепак, не е и не може да биде корпоративна компанија, ниту акционерско друштво.

Во трката за претседател сте тројца универзитетски професори. Очекувате ли „академска“ кампања и битка или валкана?

Мислам дека академскиот профил ќе продуцира една поинтелектуална дебата, иако знам дека моите противкандидати се и партиски, номинирани од двете најголеми политички парти во земјата.

Зборувате дека очекувате 120-150 илјади гласа. Со што можете да привлечете гласачи од другите етнички заедници, освен албанските избирачи?

Концептот „За Републиката“ е општ концепт што нема етничко адресирање, туку е демократски поредок на сите нејзини граѓани во еден инклузивен контекст. Републиката може да функционира само врз нејзините основни постулати, владеење на правото, функционална демократија, човекови права, независно судство и компетентна и професионална непартиска администрација. Овој концепт може да профункционира само ако државата е на сите и за сите, а никако етноцентрична. Државата не може да биде ничија приватна сопственост, туку заедничко наследство на сите нејзини граѓани, без никаква дискриминација. Републиката не познава дозирана демократија, ни статистички нации, ниту пак процентуални права. Во една вистинска Република сите граѓани се рамноправни. Овие идеи се универзални, па затоа мислам дека се општо прифатливи за сите граѓани.

Мислите ли дека е дојдено време за претседател Албанец?

Да, затоа што постконфликтниот период трае предолго. По скоро две децении треба да се затвори оваа фаза за да влеземе во новата, прединтеграциска фаза. Албанец за претседател би било здраво и за демократијата во Северна Македонија, затоа што освен како независен (значи не дел од власта), тој е претставник и на немнозинскиот дел од граѓаните, па така тој би бил коректор на владините политики, за да не завршиме во еднопартиска држава што ги контролира сите делови од власта.

Како идна членка на НАТО и на ЕУ, од внатре би дале порака за меѓуетничка толеранција, а надвор би докажале државна зрелост, како иден кредибилен евроатлантски партнер. Впрочем, актуелниот претседавач со ЕУ - Романија, има претседател што е од тамошното германско малцинство. Мислам дека, по многу години суфицит на етнички национализам, на Македонија ѝ е потребен државен патриотизам.

Бевте амбасадор во ЕУ, како предлог на ДУИ во тогашната владејачка коалиција, но велите дека никогаш не сте биле дел од ДУИ. ДУИ е во власта веќе 17 години. Како би ја оцениле политиката што ја води ДУИ? Какви ви се односите со раководството на партијата?

Да, бев предложен од ДУИ, во владата на Бучковски, но не бев член на оваа партија. И порано и сега, моите ставови за владините политики се познати и јасни искажани јавно, па затоа не би ги повторувал.

Кој е вашиот став за Преспанскиот договор?

Пред да одговорам на вашето прашање, дозволете ми една мала дигресија. Знам колку тешко беше за моите сограѓани Македонци да прифатат промена на државното име. Разбирајќи ги потполно, и јас како и сите Албанци во земјата, бев солидарен со нашите сограѓани Македонци за време на целиот овој 27-годишен процес. Исто така, бевме и претпазливи поради сензитивноста на проблемот, па затоа чекавме сами да одлучат кое е најприфатливото решение од тој преговарачки процес.

Инаку, за самиот преговарачки процес, јас лично бев меѓу првите што во научните трудови објавени во странство, како и во јавните настапи, го квалификуваа целиот процес како асиметрични преговори на две нерамноправни страни. Едната, која бараше промена на државното име од другата, како и затоа што едната страна беше внатре во организациите со правото на вето, а другата страна не можеше да се зачлени во тие организации, токму поради тоа вето. Верувам дека се сеќавате на мојот говор како амбасадор на Република Македонија во ЕУ (во Европскиот парламент во Стразбур, во јануари 2010) и полемиката со грчките европратеници, коишто на крајот и ја напуштија демонстративно салата на Европскиот парламент, по моите аргументи со кои го бранев уставното име Република Македонија.

Значи, сите знаеме дека ова не беше толку лесно компромисно решение, но дека требаше да се прифати заради иднината на земјата. Со тој компромис, Грција го сочува античкото минато, додека Република Северна Македонија, својата евроатлантска иднина. И порано сум рекол, па ќе повторам, од преголемата љубов кон нацијата, можевме да ја изгубиме државата. Иако како независен кандидат, кој како противкандидат ќе го има предложениот од владината коалиција, јас и тогаш па и сега го пофалив премиерот Заев за храбрата државничка одлука. Значи не сум нихилист што ги негира издржливите државнички одлуки за доброто на земјата.

Во однос на актуелните политички прашања, СЈО повторно е во фокусот. Мислите дека СЈО го оправда своето постоење? Како гледате на неговото функционирање и процесите што ги води?

Самиот факт дека пред три години требаше да се формира специјална обвинителска институција зборува дека постојните правосудни институции во тоа време не беа независни. Инаку зошто имаше потреба од специјално обвинителство ако регуларните си ја вршеа работата? Лично мислам дека СЈО можеше подобро да ја исполни својата мисија, но очигледно е дека ни оваа специјална институција не беше имуна на политичките притисоци. Ако за нејзината иднина треба да одлучува Врховен суд со едно неовластено толкување на закон што според Уставот е ингеренција на Собранието, и ако за судбината на СЈО треба да разговараат лидерите на двете најголеми политички партии во земјата, тогаш навистина зборуваме за надворешни влијанија над институцијата, која требаше да биде независна.

Доколку не влезете во вториот круг, условно речено, бидејќи не знаеме како ќе помине првиот, дали ќе ги повикате своите гласачи во вториот круг да го дадат гласот за некој од вашите конкуренти?

Прво, мислам дека ќе влезам во вториот круг. А второ, сакам да го променам досегашното непишано правило на (про)давање гласови за другиот кандидат. Правото на глас е свето право и не е мое, туку на гласачите што го дале својот глас. Така што јас нема да учествувам во трговијата на гласови.

Како поранешен амбасадор, доколку бидете избран за претседател, што ќе се обидете да смените во македонската дипломатија, што е она што ѝ недостига?

Општо, без да навлегувам во детали, прво мислам дека во последната декада таа беше непотребно зголемена во квантитативниот аспект, а не толку засилена во квалитативниот дел. Второ, многу беше партизирана, а малку професионализирана. Верувам дека мојот уважен колега Димитров ќе ја трансформира нашата дипломатија во модерна, ефикасна и натпартиска државна служба, компатибилна на 30-та земја членка на НАТО и земја-преговарач за членство во ЕУ.

Ж.П.Б.

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе

Анализа на проф. д-р Гордан Калајџиев на Решението У.бр.96/2016 од Уставниот суд.

повеќе