Бугарски црковен аналитичар за БНР

Благоев: Бугарската православна црква ја пропушти шансата и ќе мора да ја признае Македонската црква

Откако Српската православна црква (СПЦ) ѝ даде автокефалност на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) Бугарската православна црква (БПЦ) ќе мора да ја признае македонската како една од многуте православни цркви во светот, а не како единствената со која има директно заедничко историско минато, вели за БНР црковниот аналитичар и историчар, Горан Благоев.

Според Благоев, БПЦ ја пропуштила шансата и сега речиси никој во православниот свет нема да биде импресиониран од претензиите на Бугарија кон името Охридска архиепископија.

„Во црквата, како и во политиката, работите не се случуваат секогаш како што сакаме. Она што се случи со МПЦ е очекувано, особено откако Бугарската православна црква во 2019 година одби да се заложи да го поддржи решавањето на македонскиот црковен случај. Откако синодот на БПЦ немаше ниту овластување ниту потенцијал да го стори тоа, работите природно дојдоа до она што се случи вчера – српскиот патријарх Порфириј во Скопје објави дека СПЦ ѝ дава автокефалност МПЦ-ОА“, вели Благоев.

Според него, БПЦ во последните години се покажала како „нискоавторитетна“ во семејството на православните цркви. И, ако Светиот синод на БПЦ сметал дека имало причина, можел итно да реагира со порака до сите помесни православни цркви, да ги бранат своите историски права на ова име. Ако не го стори тоа, православниот свет ќе го прифати она што го диктира и одредува Цариградскиот патријарх.

Тој во интервјуто уште објаснува дека македонската црква се одвоила од српската во 1967 година, а во 1945 година свештениците кои ја создале младата македонска црква биле дотогашни клерици на Бугарската егзархија. Исто така коментира и дека „македонска црква била воспоставена како анти-српска, но за жал, властите на Тито многу бргу ја претвориле во инструмент на анти-бугарско однесување“.

Благоев уште вели дека се навлегува во историската меморија бидејќи Охридската архиепископска црква била возможна во Средновековието благодарение на континуитетот со црквата на Првото бугарско кралство.

„И еве, ако Светиот синод сè уште има малку разум, може итно да реагира со послание до сите помесни православни цркви, да ги заштити своите историски права на ова име. Ако го не го направи тоа, православниот свет ќе го прифати она што Цариградскиот патријарх го диктира и одредува“, додава тој.

Мора да пристапиме деликатно, заклучува Благоев, затоа што огорчивме доволно луѓе во Северна Македонија „со нашата упорност да не дозволиме Македонија да влезе во ЕУ“.

Ние сме земја што први во Европа имаме стратегија за интеркултурализам.

повеќе

Францускиот предлог претставува директно рушење на основните темели на ЕУ.

повеќе

Од мали нозе ги заобиколуваме правилата на игра, па не е ни чудо што потоа се сопнуваме кога ќе истрчаме на терен.

повеќе