ЕУ загрижена поради новите материјали

БИРН: Дали „Рекет“ ќе го урне Заев?

Без оглед на политичката заднина на случајот за изнудување, владата во Скопје мора да се фокусира на темелна истрага наместо на ограничување на штетата.

Скандалот „Рекет“, во чиј центар е контроверзниот поранешен шоумен-претворен-во-бизнисмен Бојан Јовановски брзо прерасна во голем проблем за владата во Скопје, предводена од социјалдемократите на Зоран Заев, вели Синиша Јаков Марушиќ во анализа за БИРН.

Владата, која го замени авторитарниот режим на Никола Груевски со ветување дека остро ќе се пресмета со корупцијата и ќе го врати владеењето на правото, сега се соочува со предизвик да докаже дека сериозно ги сфаќа овие ветувања и да се спротивстави на обвиненијата дека го организирала, или во најмала рака учествувала во изнудувањето.

Трите инкриминирачки видеа што од четвртокот ги објави италијанскиот десничарски весник Верита дополнително го нарушија кредибилитетот на Специјалното обвинителство (СЈО), ја загрозија позицијата на владата и ги загрижија европските сојузници на Скопје. 

„Борбата против криминалот на највисоко ниво мора да продолжи непречено. Имајќи ги предвид најновите сознанија, важно е да се утврди правна одговорност за сите кривични дела“, рече во неделата комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.

Во саботата, поттикнат од новите откритија, Заев вети бескомпромисна борба против можните сторители од неговите редови и го повика судството да ја забрза истрагата.

Сепак, многумина сметаат дека властите постапувале лошо во овој случај, обидувајќи се да ја ограничат штетата, наместо веднаш да се обидат да го испитаат случајот. Обвинителството за организиран криминал, кое го истражува случајот, исто така беше обвинето дека работи бавно и летаргично и дека дозволило да биде претекнато од странски портал со сомнителни политички мотиви, кој сега ги искомпромитира целиот случај и доказите.

„Ова ќе биде момент на вистината за оваа влада, која дојде на власт благодарение на ветувањето за враќање на владеењето на правото“, вели политичкиот аналитичар Борјан Ѓузелов. „Ако со своите постапки ја убедат јавноста дека не ги кријат и не ги штитат сторителите од своите редови, тогаш ќе добијат шанса до одреден степен да се искупат. Сепак, за жал, добив впечаток дека тие се решиле за контрола на штетата, надевајќи се дека работите нема да излезат од контрола“, рече Ѓузелов.

Тој смета дека аферата избувнала во незгодно време за владата, по неуспехот да спроведе вистински судски реформи. „Реформите останаа на ниво на стратегии и нацрти, а во судството останаа истите луѓе“, вели Ѓузелов. Според него, затоа е тешко да се очекува системот добро да си ја заврши работата, или јавноста да поверува во тоа.

 

Снимките рапидно брзо ја развиваат аферата

Аферата почна да тлее уште во почетокот на летото, откако серија новинарски написи покренаа сомневања дека функционерите на владејачката партија биле вмешани во организирано изнудување спроведено од Јовановски, познат како Боки 13.

Редовното Јавно обвинителство за организиран криминал и корупција отвори истрага против Јовановски, а тој и неговиот осомничен соучесник Зоран Милевски беа уапсени и им беше одреден притвор.

Тие се осомничени дека го рекетирале бизнисменот Орце Камчев, кој е под истрага на Специјалното обвинителство за прислушуваните разговори, така што му нуделе во замена за пари да влијаат врз главната специјална обвинителка Катица Јанева за да му ја олесни положбата во случајот „Империја“.

Работите ескалираа кога весникот „Верита“ минатиот четврток почна да објавува сензационални снимки на Јутјуб. На снимките се гледаат Јовановски и Милевски како земаат торба полна со пари од Камчев и ја напуштаат неговата куќа.

Објавени се и аудиоклипови, на кои освен гласовите на нив тројца, се слуша и гласот на Јанева.

Во третиот пакет снимки објавени во неделата, фокусот главно е на разговорите меѓу Камчев и Јовановски, кои се договараат за деталите за ослободување на Камчев од куќен притвор, враќање на неговиот пасош и затворање на случајот „Империја“ од страна на Специјалното обвинителство. На една од снимките се слуша како глас што наводно му припаѓа на Јовановски зборува за познанството со Заев, тврдејќи дека тој „нема да прави никакви проблеми“.

Како одговор на објавувањето на снимките, Јанева потврди дека на снимките се слуша нејзиниот глас, но инсистира дека нејзините постапки се законски и дека во тоа време преговарала со Камчев за да сведочи за друг случај.

Заев, меѓутоа, категорично негира вмешаност во аферата, инсистирајќи дека Јовановски го злоупотребил неговото име за да го импресионира соговорникот.

 

Повеќеслојна афера со политички призвук

На прв поглед аферата главно го опфаќа Јовановски и се чини дека не ја вовлекува и владата.

Но бившиот шоумен не е обичен човек во земјата. Откако новата влада ја презеде власта во Скопје, Боки 13 стана бизнисмен и нејзин гласен поддржувач.

На големото отворање на неговата нова приватна телевизија, 1ТВ, присуствуваа многу министри на владата и членови на новиот политички естаблишмент.

Тој, вели БИРН, отвори и добротворна организација, Интернешнел алаенс, која му овозможи пристап до многу функционери, вклучително и кабинетот на Заев.

Во текот на изминатите две години, тој редовно објавуваше фотографии на социјалните мрежи од приватни и официјални состаноци со влијателни политичари, а во една прилика рече дека е горд што Јанева му е пријателка.

Ова, според БИРН, создаде впечаток дека тој е близок до луѓе од владата, а неговите фотографии, кои сега го преплавија интернетот, му нанесуваат голема штета на имиџот на владата.

Ѓузелов вели дека скандалот има повеќе слоеви што се користат во политички цели за да се поткопа, па дури и да се собори владата.

Во моментов многу детали од аферата се непознати, вели тој.

„Сепак, владата не успева да го испере јавниот впечаток дека Јовановски бил близок до неа. Ова создава впечаток дека неговите кривични дела мора да имале политичка заднина.“

БИРН наведува дека политичкиот аспект на аферата е јасно илустриран во написите на весникот „Верита“ и во објавите на авторот за снимките Ларис Гајзер, кој не го крие својот анимозитет кон новата проевропска влада и Специјалното обвинителство.

По објавувањето на првата снимка, Гајзер на Фејсбук објави дека оваа приказна е доказ „дека ЕУ, откако ја поддржа промената на режимот во Македонија со цел да се ограничи нејзиниот суверенитет, заговараше формирање на Специјално обвинителство, кое не само што се мешаше во политиката, туку и учествува во изнуди“.

Тој понатаму тврди дека овој „мафијашки систем“ бил под директна контрола на водечките политичари во Северна Македонија - кои, тврди тој, биле поставени од „ЕУ и Џорџ Сорос“.

Гајзер потоа ја обвини министерката за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, и претседателот на ЕК во заминување, Жан-Клод Јункер, за „понижување на една цела нација (македонската)“ и „за поддршка на сè освен на владеењето на правото“.

Весникот „Верита“ исто така се смета и за близок со италијанскиот десничарски министер за внатрешни работи, Матео Салвини, кој ѝ е огорчен непријател на Могерини, потсетува БИРН.

Иако политичката агенда на италијанскиот весник е повеќе од јасна, Ѓузелов смета дека „без оглед на заднината и изворот на снимките, владата во Скопје не треба да се фокусира на тој аспект, туку треба да работи на овозможување темелна истрага на случајот“.

 

Летаргичното обвинителство почнува да се буди

Откако ја отвори истрагата, редовното Обвинителство за организиран криминал се соочи со критики од правните експерти дека не направило доволно за да се забрза истрагата.

Ескалацијата на аферата со објавувањето на снимките очигледно го фати обвинителството неспремно; повеќето обвинители, вклучително и главната обвинителка за организиран криминал, Вилма Рускоска, беа на летен одмор.

Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска во саботата за БИРН изјави дека Рускоска е премногу опуштена во однос на целата афера. Таа рече дека за почеток, досега на Јанева требало да ѝ се одземе пасошот како мерка на претпазливост.

„Додека тие се на одмор, обвинителството си дозволи да биде претркано од странски портал со сомнителни политички мотиви, кој сега ги контаминира случајот и доказите“, рече Јошевска-Анастасовска.

„Каква теорија на случај ќе понуди сега обвинителството, кога веќе се објавени докази, затоа што сите сега може да ги приспособат своите изјави за тоа што правеле, што мислеле и каква им била намерата?“, се пожали таа.

„Изјавите (од осомничените или од сведоците) се земаат без тие да знаат што имаат обвинителите за нив!“, додаде таа.

Масовно критикувано, во текот на викендот обвинителството објави дека Јанева и специјалната обвинителка што го водат случајот „Империја“, Лиле Стефанова, која беше спомната и во аудиоснимките, ќе бидат повикани да дадат изјави оваа недела.

Во меѓувреме, тежината на скандалот се чини дека разбуди и некои во владејачката политичка коалиција.

Во саботата заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски ја спореди ескалацијата на аферата со музичко крешчендо.

„Ние или ќе се справиме со ситуацијата со тоа што ќе ги разоткриеме сите што се вклучени, или ќе ја напуштиме власта“, напиша Жерновски во колумна за Плус инфо.

Бидејќи следните редовни избори не се толку далеку, се очекуваат во вториот дел од следната година, веројатно истекува времето владата да ја претстави својата верзија на приказната - и да ја спаси својата оштетена репутација.

Објавено

Вторник, Август 13, 2019 - 11:13

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе