Интервју

Билјана Ивановска: Вицепремиерот Николовски со дискрециско право си избра човек од ДКСК во работна група за дискрециските овластувања

Сознанијата дека коруптивното однесување стана начин на живот се поразителни, ја уништуваат демократијата и човековите права. Но уште пострашни се сознанијата дека законската корупција позната како „сѐ е по закон“ е длабоко вткаена во општеството, вели Билјана Ивановска, директорката на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Таа во врска со проблемите во комуникацијата со Љупчо Николовски, вицепремиерот за борба против корупцијата, вели дека ДКСК треба да избере член на работната група која ќе работи на прописите за дискрециските овластувања, а не Владата. А во одговорот што го добивме стои дека согласно владиниот заклучок Николовски има дискрециско право да формира свој тим со експерти кои ќе работат на прописите за дискрециони овластувања. Тоа значи дека генералниот секретар на ДКСК е член на работната група по избор на г-динот Николовски, а не како номиниран член од страна на ДКСК, вели Ивановска.

Што правите во случаите кога вашите решенија не ги почитува Владата или државните институции, како во случајот со МЕПСО и Агенцијата за филм?

- ДКСК утврди дека при именувањето директор на МЕПСО, од страна на надзорниот одбор не се почитувани забраните за вршење дејност по престанок на функцијата, предвидени во Законот за спречување корупција и судир на интереси. Писмено се обративме до Надзорниот и до Управниот одбор со барање овие тела да се произнесат за своето постапување. Во отсуство на одговор испратена е и ургенција. Исто така, во функција на почитување на начелото за контрадикција, ДКСК ќе го повика г-динот Рамадани, како и претставници на надзорниот одбор и уште еднаш ќе им ги предочи забраните предвидени со Законот.

Доколку состојбата и понатаму остане непроменета, ДКСК ќе продолжи со своето постапување согласно со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси во насока на изрекување прекршочна мерка. Но, дали прекршочната мерка е соодветна за ваков вид забрана е прашање кое заслужува поширока дискусија.

А во случајот со вашите укажувања за одговорност од Горјан Тозија, поранешниот директор на Агенцијата за филм?

- Во врска со Тозија, на 24 јули 2020 поднесовме иницијатива до Владата како надлежен орган за именување и разрешување на директорот на Агенцијата за филм, да поведе постапка за одговорност на службеното лице Горјан Тозија, в.д. директор на Агенцијата за филм, односно да поведе постапка за негово разрешување.

Владата во рок од 60 дена од доставувањето на иницијативата нѐ извести дека сѐ уште не е извршен избор на нов директор на Агенцијата, но дека не е разрешен в.д. директорот Тозија, на кого мандатот му истекол во август. По повеќе од 4 месеци следеше изборот на Лазаревски за в.д. директор, иако тој истовремено бил и член на УО, односно Владата го именувала без претходно да го разреши од член на УО. За оваа состојба укажавме дека постои неспоивост на функции. Владата на РСМ постапи по ова укажување и го разреши г-динот Лазаревски од член на УО.

Кои инструменти ги имате на располагање кога Владата на вашите решенија ви одговара дека тие сметаат дека нема конфликт на интереси, а вие цитирате закони според чии одредби сте го донеле тоа решение? Тука пак може да се наброи примерот со МЕПСО.

- ДКСК своите одлуки, мислења и ставови ги базира на Законот за спречување корупција и судир на интереси. Овој закон е усогласен со европската регулатива и претпоставува европско однесување од страна на носителите на јавни функции.

Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на РСМ, на владините авторитети јасно им упати препорака да ги почитуваат и применуваат препораките на ДКСК.

Како ДКСК функционираше во 2020 година имајќи ја предвид вонредната состојба и пандемијата?

- Оваа година беше многу тешка година за сите. ДКСК се прилагоди на настанатите вонредни услови. Годината ја започнавме со донесување на Националната стратегија за борба против корупција и доставување на истата до Собранието. Претходниот собраниски состав не успеа да го усвои овој значаен документ, поради што крајот на годината повторно го одбележавме со Националната стратегија, со ревидирање на активностите и ажурирање на временските рокови во Акцискиот план. Националната стратегија сега се однесува за периодот 2021-2025 година.

Го подготвивме и до Собранието на РСМ го доставивме Годишниот извештај за работењето на Комисијата, кој ја отсликува работата на новиот состав на Комисијата во првата година од нејзиниот избор согласно Годишната програма за работа на ДКСК за 2019 година.

Во време на вонредната состојба ја следевме содржината, транспарентноста и отчетноста во реализацијата на уредбите со сила на закон и мерките што Владата и институциите ги носат во овие вонредни услови, а особено на оние кои вклучуваа трошење на буџетски средства и, користење на донации и слично, a во насока на заштита на здравјето на граѓаните и економската состојба на земјава.

Согласно законските надлежности ги следевме и парламентарните избори, постапувајќи по приговори од организатор на изборна кампања, како и пријави од граѓани, а го следевме и финансирањето на политичките партии. До Собранието доставиме Посебен извештај за утврдени состојби во финансирањето на изборната кампања во кој се нотирани сите активности кои ги презеде ДКСК во изборниот период, но и мерките на Владата преземени во изборниот период кои не беа спротивни на изборниот законик, но не беа ни во духот на добро владеење за што ДКСК даде и соодветни препораки.

Особено внимание посветивме на бројни предмети поврзани со непотизам односно со вработувања на блиски лица на поранешни и сегашни функционери и во најголем број случаи утврдивме дека се злоупотребува дискреционото овластување, без притоа да се земат предвид сите околности, квалитети и компетенции на кандидатите. Со изборот преку влијание и злоупотреба на дискреционите овластувања се урива и системот на вредности при вработувањата, се поткопува желбата и мотивацијата кај стручните и квалитетните лица за поголеми достигнувања, но и вербата на јавноста во постоење фер и праведен институционален систем заснован на вредности, достапен за сите граѓани подеднакво. Заради откривање на причините за злоупотреба на дискреционите овластувања инициравме изработка на Анализа за ранливоста од корупцијата – Процена на политиките и процедурите за вработување, со посебен фокус на непотизам, кронизам и клиентелизам, која се реализира со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија и Транспаренси интернешнал. Со анализата се нотираа и истакнаа проблемите или „точките на ранливост“ во постапките за вработување на административните службеници, јавните службеници, како и за постапките за избор и именување директори, претседатели и членови на комисии. Извршена е анализа на вкупно 19 закони, два подзаконски акти и анализа на Годишниот извештај од Регистарот за вработените во јавниот сектор. Наодите и препораките кои произлегоа од Извештајот од оваа анализа се добра основа за постапување на Владата и надлежните институции од кои се очекува да направат измени во законската регулатива.

Согласно законот, ДКСК има надлежност да подготвува и анализи за ризици од корупција во различни сектори. Во таа насока подготвивме и Анализа за непродуктивните буџетски трошоци со која ги опфативме трошоците за сместување и патните трошоци, трошоците за апанажа на избрани и именувани лица, трошоците за користење службени возила, трошоците за репрезентација како и трошоците за користење платежни картички во странство. Анализата укажува на потребата од допрецизирање на законската и под законската регулатива и намалување на овие трошоци.

Во овој период до Владата на РСМ доставивме и иницијативи за покренување одговорност односно за разрешување на двајца директори, а издадовме и повеќе мислења, јавни опомени и укажувања за постоење судир на интереси во извршната и локалната власт, вклучувајќи го и последното мислење поврзано со забраната за вршење дејност по престанок на функцијата кој се однесува на член, а воедно и на заменик претседател на Регулаторната комисија именуван за директор на МЕПСО.

Се злоупотребува од власта именувањето на вд директори, без конкурси?

- Работевме по предмети што се однесуваат на именување в.д. директори во повеќе сектори, а заедничко за сите овие именувања е што функцијата вд директор се користи редовно, најчесто во повеќе циклуси како да е тоа единствен начин за поставување директори. Поради непочитување на материјалните закони за избор на директори по пат на конкурс и обезбедување фер конкуренција се применува начин на работа кој со години се гради во нашето општество и остава простор за постоење на висок ризик од политичко влијание и разградување на системот на вредности, на професионализмот, преселување на квалитетен кадар во чие образование се вложувало во оваа држава. Укажавме дека е неопходно што побрзо да се донесе Законот за висока раководна служба кој речиси пред една година е поднесен во Собранието.

Во функција на намалување на ризиците од корупција поради лоши законски решенија, направивме и антикорупциска проверка на 16 закони.

До каде сте со проверката на имотната состојба на судиите?

- Во текот на 2020 година донесовме Годишен план за проверка на податоците за имотна состојба со кој беа опфатени претседателите на судовите и специјалните јавни обвинители. ДКСК врши проверка на вистинитоста на податоците внесени во изјавата за имотната состојба и интересите, со собирање, споредување и анализа на податоци добиени од правни и физички лица кои располагаат со потребните податоци. Доколку се утврди несразмерно зголемување на имотот во однос на месечните примања се поведува постапка за испитување на имотната состојба. Од извршената анализа кај три лица е утврдено несразмерно зголемување на имотот.

Од досегашното постапување по предмети за проверка на податоците за имотна состојба утврдивме дека постои висок ризик, службените лица додека се на функција новостекнатиот имот да го регистрираат на друго име, а по завршување на функцијата да го префрлат на свое име, дотолку повеќе што ДКСК нема надлежност да ја следи имотната состојба по завршување на мандатот. Од тие причини ДКСК предлага да се донесе Закон за потекло на имотот на сите граѓани, со што ќе се обезбеди отчетност за стекнатиот имот на граѓаните, а воедно и ќе се надмине ризикот за евидентирање на имотот на друго име од страна на службени лица.

Каква е соработката со невладиниот сектор, меѓународните организации од аспект на реализација на заеднички проекти?

- Со невладиниот сектор имаме одлична соработка, особено со Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, која е партнер на многу активности на Државната комисија за спречување на корупцијата во борбата против корупцијата. Особен е придонесот и поддршката од Платформата во процесот на изготвување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025.

Соработката со УСАИД преку програмата НМСИ почна веднаш по изборот на членовите на ДКСК и беше насочена кон јакнење на капацитетите на Комисијата, подготовка на нов образец на анкетен лист, подготовка на техничка спецификација за софтвер за размена на информации до другите надлежни институции, за подготовка на Националната стратегија за борба против корупција, како развивање на стратешки комуникациски капацитети на ДКСК.

За периодот што следи обезбедена е поддршка на активноста „Проценка на ранливост на корупција во легислативата и во државните институции која го регулира прашањето за физичко планирање, урбанизам и градежништво”, како и поддршка во процесот на евалуација на споменатото софтверското решение во спроведена постапка за јавна набавка преку обезбедување на соодветни стручни ИТ лица.

Во тек е спроведувањето на два ИПА проекти кои се всушност поддршка кон реформата на јавната администрација и се однесуваат на отчетност и транспарентност и на подобрување на рамката на дискреционите права.

Со мисијата на ОБСЕ потпишан е Меморандум за разбирање за спроведување на заеднички активности за периодот 2020-2022. Согласно овој документ ДКСК со поддршка на ОБСЕ ќе спроведе активностите во областа на превенција на корупцијата и јакнење на личниот и институционалниот интегритет, особено на локално ниво, и во согласност со националните стандарди, заложбите на ОБСЕ и меѓународните стандарди.

Во рамките на воспоставената соработка со проектот против економски криминал, кој се имплементира од страна на Советот на Европа, во рамките на Хоризонталната програма за Западен Балкан и Турција, се реализираат повеќе актвности во текот на 2020 година, меѓу кои активности за зајакнување на капацитетите на ДКСК за следење на финансирањето на политичките партии, градење на центар за обуки и др.

Со Регионалниот секретаријат за борба против корупција (Секретаријат на РАИ) потпишан е Меморандум за разбирање и соработка за подобрување на каналите за известување на укажувачите и механизмите за нивна заштита, преку имплементирање на активностите предвидени во рамките на проектот финансиран од ЕУ „Прекинување на тишината: Унапредување на политиките и културата на укажување на земјите од Западен Балкан и Молдавија“.

Каква е соработката со вицепремиерот за борба со корупцијата? Дали се зајакна учеството на вашиот член во работната група што тој ја формираше?

- Со вицепремиерот за борба против корупција имавме средба и го запознавме со нашата работа, со предизвиците и проблемите со кои се соочуваме. За составот на работната група за анализа на законите и другите прописи во кои се предвидуваат дискрециони овластувања на функционерите, ДКСК се информираше индиректно од решението донесено во октомври 2020 година за формирање работна група кое кабинетот на заменик премиерот го достави до генералниот секретар на ДКСК. Решението е донесено од страна на вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата, по заклучок од Владата, со кое во составот на работната група е определена и д-р Розета Трајан, генерален секретар на ДКСК.

Се обративме со барање до кабинетот на вицепремиерот со образложение дека согласно статусот и положбата на ДКСК во правниот и институционален систем во РСМ, како самостојно и независно тело, да ни се достави формално барање ние да номинираме член во работната група согласно областа и предметот на работа на работната група.

Во одговорот што беше доставен од страна на вицепремиерот се наведува дека тој постапил согласно заклучокот на Владата со кој тој се задолжува да формира работна група, без притоа да се обрати на која било државна институција со цел на номинација на експерти. Тој наведе дека членовите на работната група се избрани исклучиво врз од критериумите на стручност и компетентност и дека сите членови на работната група имале долгогодишно искуство во проучувањето на дискрециските овластувања. Врз основа на тоа, составот на работната група останува непроменет.

Сакате да кажете дека ДКСК не е дел од таа работна група само затоа што Љупчо Николовски така решил?

- ДКСК писмено побара да номинира член во работната група. Но, во одговорот што го добивме од вицепремиерот Николовски стои дека согласно владиниот заклучок тој има дискреционо право да формира свој тим со експерти кои ќе работат на прописите за дискрециони овластувања. Тоа значи дека генералниот секретар на ДКСК е член на работната група по избор на г-динот Николовски, а не како номиниран член од страна на ДКСК.

Со власта некако не ви оди соработката и во однос на обезбедување просторни и технички услови и човечки ресурси.

- Со Буџетот за наредна година обезбедивме средства за нови вработувања, набавка на софтвер и реконструкција на постојните простории на ДКСК, имајќи предвид дека просторот кој со одлука на Владата ни беше доделен на почетокот на 2020 година, не го добивме. Средствата наменети за купување на истиот Владата ги пренамени за здравствената криза. Надлежните министри нѐ уверија дека државата нема можности да го купи тој простор. Па ние за да го решиме проблемот со просторните услови за вработените, а уште повеќе со условите за сместување на опремата (сервери) што Комисијата ја доби преку ИПА проект, донесовме одлука за реконструкција на истиот. А неодамна Владата донесе одлука да го купи истиот простор, во кој ДКСК требаше да се пресели, но овој пат во тој простор ќе се пресели Министерството за политички систем.

Дали сте калкулирале некогаш со вашите укажувања и решенија со личности од власта, како на пример со вработувања на роднини на министри, случајот со Љупчо Николовски и роднини вработени во М-НАВ, дали работите на случајот со Еуростандард банката...?

- Нема зошто да калкулираме. Сите предмети кои се однесуваат на високи функционери во целост се презентирани пред јавноста. Сепак, доколку има н екакво сомнвање, стоиме на располагање да ги објасниме нашите аргументи врз основа на кои сме донеле одлука.

Во врска со вработувањата во атрактивни акционерски друштва формирани од Владата, подготвуваме Анализа со која ќе утврдиме колку потребите од нови вработувања биле реални, односно колку со промена на систематизацијата наменски се креирале нови работни места. Оваа анализа се подготвува заедно со Платформата на граѓанските организации за борба против корупција.

Конкретно посебен предмет за роднините на Љупчо Николовски не сме отвориле, но доколку постојат такви вработувања секако ќе бидат опфатени со анализата.

За случајот со Еуростандард банка имавме предмет поврзан со поранешната министерка за финансии Нина Ангелова од аспект на тоа дали таа располагала со информации и податоци кои можеле да имаат влијание врз донесувањето на нејзините одлуки поврзани со депозитот што го имала во банката, со што таа остварила предност пред останатите штедачи на банката. Од документите кои ги добивме не можевме тоа да го потврдиме, бидејќи Комитетот за финансиска стабилност на кој се разговарало за состојбата со банката, се одржал откако таа ги уплатила средствата за купување стан. Но јасно укажавме дека таа како министер морала да го почитува Етичкиот кодекс на Владата и да го отстрани секој сомнеж за постоење на судир на интереси.

До Народна банка упативме препорака Меморандумот за одржување на финансиска стабилност и управување со финансиска криза во РСМ, да се дополни со одредба со која ќе се ограничи користењето информации со кои службеното лице располага во вршењето на функциите, јавните овластувања и службените должности за остварување корист или предност за себе или за друг. Препораката е имплементирана.

Дали воведувањето на функцијата вицепремиер за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси е всушност дуплирање на надлежностите со вашата институција?

- Надлежностите на ДКСК се дефинирани во Законот за спречување корупција и судир на интереси и Законот за укажувачи. За кои надлежности ќе биде надлежен и одговорен вицепремиерот најдобар одговор ќе даде самиот тој. Во овој момент немам основа за да извлечам заклучок дали ќе има преклопување. Во секој случај, има широко поле за работа и секој може да даде свој придонес.

До кај сме како општество во борбата против корупцијата? Како ви изгледаат работите во однос на исполнувањето на условите за достигнување на европските стандарди?

- За да ја постигнеме целта неопходно е секој граѓанин секојдневно да дава свој придонес во борбата против корупцијата. Сознанијата дека коруптивното однесување стана начин на живот, се поразителни, ја уништуваат демократијата и човековите права. Но, уште пострашни се сознанијата дека законската корупција позната како „се е по закон„ е длабоко вткаена во општеството.

Откривањето на системските слабости во материјалните закони со препорака за нивно менување, е законска обврска и надлежност на ДКСК, која во изминатиов период ја исполни за повеќе законски решенија. Сметам дека со нашата работа правиме значајни чекори за подигнување на свеста кај граѓаните и на општествената свест.

Зрелоста на едно општество се мери преку донесување на закони ослободени од коруптивни ризици, но и со почитување на истите. Почитувањето - лично, кон другите, меѓу институциите, на законите, на природата, е основа за напредокот во општеството и огледало за нивото на свест и култура.

Во моментов мислам дека најголемата придобивка во општеството е зголемената транспарентност, бидејќи остава простор за критика, за јавен притисок, за градење по принципиелни ставови но и за владеење на правото и доброто управување. Има уште многу да се работи на ова поле, меѓутоа секој чекор е значаен за општеството.

Александар Дамовски

Фото: Роберт Атанасовски

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе