ИНТЕРВЈУ ЗА РАДИО СЛОБОДНА ЕВРОПА

Биљали: Меѓународната заедница има план за Македонија, покана за членство во НАТО, спорот за името потоа

Колку што јас имам информации, меѓународната заедница или главните креатори на НАТО ќе инсистираат на некакво соломонско решение, Македонија да добие покана за членство во НАТО без да има промена на името, па потоа да се даде некој рок да се преговара, вели професор Мерсел Биљали во неделното интервју на Радио слободна Европа.

Професоре Биљали, денес се навршуваат 16 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Дали партиите од албанскиот политички блок го користат Рамковниот договор за дневно-политички цели?

-Прво, времето кога е донесен Рамковниот договор е постконфликтна или конфликтна ситуација и тука реално имаме една мешавина на тоа што е граѓанско и на тоа што е етничко. Има многу одредби што се судруваат меѓу себе. Од нормативен аспект многу е имплементирано, иако има дел што не е имплементиран, меѓутоа во практичниот дел многу што остана неимплементирано. За жал тука вината е и кај самиот албански субјект. Наша рак рана е партизацијата на институциите и на општеството како целина и наместо Рамковниот договор да стане инструмент на една граѓанска рамноправност на луѓе со еднакви можности, стана инструмент на партизирани односи и партиски интереси каде што политичките партии знаеја да направат списоци кој каде ќе се вработи, дали ќе се вработи. Значи, се претвори во рак рана на нашето општество. Практично тоа се рефлектира во севкупниот јавен живот. Значи не само што сме имале партизирана администрација, партизирано судство, туку реално создаде тешка граѓанска дискриминација и најдискриминирани станаа луѓето кои не припаѓаат на ниедна политичка партија. Тие кои се дел од власта, без оглед на критериумите, дури и без критериуми, се вработуваат, напредуваат, овие другите од опозицијата се надеваат и кога ќе дојде нивната партија и таа прави списоци, а овие кои биле индиферентни, не биле членови на ниедна партија не се надеваат на ништо, освен да извадат пасоши и да бегаат надвор. Затоа велам рак рана. Дури се рефлектира и во образованието на сите нивоа. Сега логиката на просечниот студент или ученик е тоа, да си добијам формално една диплома, имам врски во партиите и ќе се вработам и ќе напредувам, што непосредно се рефлектира во јавниот живот или на квалитетот на јавниот живот и не случајно имаме ваква ситуација.

Постојат ли механизми кои ќе овозможат целосно спроведување на законот? Како конкретен пример би го навела Законот за употреба на јазиците, којшто во моментов е актуелен, иако постои од 2008 година. Една од критиките кај овој закон беше дека не се спроведува целосно во некои од општините. Последната верзија на измените предвидува и казни за институциите кои нема да го спроведуваат, затоа ве прашувам дали казните се сигурна гаранција дека законот ќе се имплементира во целина?

-Не сега, за жал, сме незрело општество и ни треба нештата јасно да ни се напишат, многу механизми да го спроведуваат напишаното, дури и санкции ако не се спроведува, за да го спроведеме законот. Ние во Европа имаме држави кои немаа Устав или американскиот Устав кој е многу мал, а државата функционира. Нашиот Устав е обемен, огромен, а сепак нешто недостасува во него. Дури и да направиме некој волуменозен устав, кај што ќе ги затвориме сите дупки, оти нашите институции, нашите луѓе или нашите функционери не одат накај законот, туку се движат накај тоа да го избегнат, да најдат дупка како да не се спроведен законот, затоа сте принудени да ги затворите сите дупки, а ви треба голем Устав и многу закони за да ги затворите сите дупки и да ги натерате луѓето и институциите да работат според закон. Значи недостига и правна култура која дополнително беше разорена во време на минатата власт, која за жал повеќе работеше на поделби, на труење на луѓето, продуцираше и внатрешни и надворешни непријатели, сè со цел да ја задржи власта, да ги мобилизира луѓето, а општеството пропаѓаше како целина.

Господине Биљали, реални ли се очекувањата за брз прием на Македонија во НАТО?

-Мислам дека Македонија со брзи чекори треба да тргне кон зачленување во НАТО, па и во ЕУ, што е друга постапка, затоа што уште повеќе ќе постои загрозеност за егзистенцијата како држава, па и како регион. Затоа што секој можен конфликт во Македонија може да го зафати целиот регион, а и секој конфликт од регионот може да ја опфати Република Македонија. Нашиот спас, за сите зборувам во Македонија, без разлика на етничка припадност, е брзо зачленување во НАТО. Дали е тоа реално? Мислам дека НАТО алијансата, членките и важните фактори на Алијансата се многу спремни да направат многу за брзо да бидеме примени, што за нас ќе значи егзистенција, развој, па и демократија. Тоа нема да се случи преку ноќ, но ќе стартуваме со многу поголеми чекори.

Но, и покрај поддршката, како ќе се случи тоа ако се има предвид дека спорот за името со Грција останува клучен критериум?

-Колку што јас имам информации, меѓународната заедница или главните креатори на НАТО ќе инсистираат на некакво соломонско решение, Македонија да добие покана за членство во НАТО без да има промена на името, па потоа да се даде некој рок, зашто сите членки треба да го ратификуваат тој договор, да се даде можност да се преговара, да се разговара. Од прилика така ќе оди и интеграцијата во ЕУ и не мислам дека толку брзо ќе ѝ се даде толку големо значење на неминовна промена на името кое може да има негативни ефекти кај нас.

Без оглед дали сте поддржувач или противник на претходната власт, не можете да оспорите дека таа постави сосема нови стандарди во поглед на мерките, напорите и вложувањата за да се привлечат странски инвестиции, за наши услови. 

повеќе

Ако лидерите на двете најмоќни земји во светот – САД и Кина имаат суштински разлики во начинот на кој тие гледаат на меѓународните односи, какви се изгледите за глобално зајакнување на соработката?

повеќе

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе