четврток, 28 март 2024

Таравари го претстави „вториот дел“ од тимот ако биде претседател на Македонија

Халим Хида, Јасмин Калац, Урим Вејсели, Аријанит Река, се новите имиња кои денеска ги претстави претседателскиот кандидат Арбен Таравари, а кои планира да бидат во неговиот кабинет доколку стане претседател на Македонија. Минатата недела Таравари рече дека кабинетот ќе го предводат експертите: Калтрина Зеколи-Шаќири – професор од областа на граѓанското право; Танер Хасан, доктор по медицински науки (од турската заедница); Бари Абдули, магистер по право (од ромската заедница), Земри Елези, професор на УЕЈЛ“

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти денеска Таравари претставувајќи го вториот дел од својот тим, амбасадорот Халим Хида ќе биде дипломатски советник на претседателството. Амбасадорот Хида докторирал на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, на Филозофскиот факултет. Моментално е амбасадор на мирот во светот и претседател на Здружението на албанските интелектуалци во Куманово и Липково.

Јасмин Калац ќе биде правен советник на Претседателството. Јасмин магистрирал право на Универзитетот „Кирил и Методиј“, а докторирал кривично право на Универзитетот во Анкара. Јасмин работел во Основното јавно обвинителство Скопје, а сега е правник и предавач на Меѓународниот Балкански универзитет.

Урим Вејсели ќе биде советник за безбедност и заштита. Тој е доктор по политички науки, вонреден професор, предавач на повеќе факултети во Македонија и Косово, гостин-говорник на Универзитетот Џон Хопкинс САД и на Институтот за одбрана за меѓународни правни студии во САД. Автор и коавтор на научни трудови со импакт фактор. Експерт за одбрана и управување со кризи.

Д-р Аријанит Река – портпарол, вонреден професор на отсекот хемија при Факултетот за математичко-природни науки на Универзитет во Тетово.

Фулбрајт алумни од Соединетите Американски Држави, докажан професионалец, автор на многу научни публикации.

„Со овој одличен тим од докажани професионалци, имам непоколеблива доверба дека ќе ги носиме напред идеалите на коалицијата Вреди, кои всушност се најточниот одраз на очекувањата и надежите на граѓаните за промени, просперитет и благосостојба за земјата и нивните семејства. Со овие луѓе со добра волја ќе ги надминеме предизвиците пред нас и ќе ја урнеме 22-годишната тиранија на владејачката партија. Затоа велам ПРОМЕНАТА ВРЕДИ. Почитувани сограѓани, придружете ни се на ова патување, со вашите идеи и барања. Јас и мојот тим сме тука да ве слушаме. Ќе слушаме, ќе разговараме и ќе се грижиме за секој од вас. Како претседател, заедно со овој тим, ќе бидеме обединувачки фактор и ќе работиме во најдобар интерес на сите граѓани на Северна Македонија, но и на генерациите што ќе дојдат после нас“, рече Таравари.

Тој додаде: „Сите тие ја делат истата посветеност да им служат на граѓаните на Северна Македонија, без етнички, верски или политички разлики“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ