Интервју со д-р Благоја Маркоски

Без веродостоен попис ќе си го лажеме умот дека се прават анализи и реално планирање, инвестиции и развој

За претстојната најобемна статистичка операција за која минатата недела беше донесен нов Закон за попис на населението, становите и домаќинствата, професорот Благоја Маркоски изразува надеж дека ќе биде спроведена стручо и лојално и нагласува дека на државата ѝ се потребни реални, вистински податоци. Ако не се добијат реални податоци, погрешно ќе се планира развојот на земјата, вели Маркоски и изразува жалење што нов закон за попис не беше донесен консезуално.

Благоја Маркоски е доктор по географски науки, редовен професор на Природно-математичкиот факултет на Институтот за географија во Скопје, автор на многу книги, учебници и научни трудови, истражувач на теренот во Македонија, но и на движењата на населението во земјава, во дел и од аспект на „народносната" структура. Беше заменик претседател на Државната пописна комисија во периодот кога во 2002 година беше спроведен последниот Попис на населението, становите и домаќнинствата. За последното статистичко пребројување во Македонија Маркоски објави труд со наслов „Пописот на населението од 2002 година во Република Македонија и валидноста на податоците". Маркоски е претседател на Советот за статистика, како советодавно и стручно тело на државната статистика.

Господине Маркоски, според Вашите анализи од минатиот Попис, спроведен во 2002 година, произлегува дека беа можни манипулации со резултатите, особено од аспект на бројот на населенето по етничка и верска структура, односно дека е извесно оти имаше зголемување на бројот на Албанци во одредени региони, а дека надзорот на податоците од страна на политиката, меѓународните експерти и амбасадори имаше политички предзнак. Можно ли е да дадете проценка за колкави бројки станува збор, однсно во проценти како тоа се одрази на конечните резултати, особено во поглед бројноста на Македонци и Албанци?

-Проблемот се провлекува од поодамна, но поконкретно е изразен во пописите од деведесетите години од минатиот век (обележан со фуснотите 3 и 22 во статистичките изданија) и „големите" политики од деведесетите години. Тенденцијата продолжи и во 21-от век, така што резултираше со општо познатите податоци, а реалноста на теренот (имајќи ја предвид големата миграција во странство, претежно во Европа) според разни анализи и согледувања на стручњаците во тоа време, е дека податоците биле со аномалии од околу 8 отсто. Сето тоа било поврзано со поимањето и почитувањето на дефиницијата за вообичаено место на живеење.

Врз база на вашите согледувања за движењата на населението во изминатите дваесет години, а имајќи го предвид иселувањето од земјава, дали стравувате дека Македонија ќе има значително помал број на жители во однос на последниот Попис и дали е можно да се изменат процентите на етничката структура?

-Соодветно на трендот на: стареење на населението (кој се базира на многудетните семејства во 40-тите, 50-тите и 60-тите години) во Република Македонија; еманципацијата на одредени групации од населението и скоро перманентната економска миграција на населението во странство, според мене реално е да се очекува намалување на вкупниот број на население. Бидејќи, различни групации од населението имаат различни миграциски правци (едни кон прекуокеанските земји, други кон земјите во Европа), кај некои групации на население емиграцискиот бран е многу поинтензивен и главно насочен кон поблиските eвропски земји, реално е да се очекуваaт промени и во етничката структура на населението. Така, релативно поголемиот наталитет, кај некои групации од населението, се анулира со зголемена смртност (заради трендот на стареење на населението) кај тие групации од една страна и економската и социјална емиграција од друга страна, така што реално би било очекувањето за намалување на процентите според вашето прашање.

Всушност, од какво значење ќе бидат податоците за иселениците кои се подолго од една година во странство?

-Секоја држава треба и мора да води сметка за своето население, било тоа да е во земјата или во странство. Спрема тоа, секој реален податок за населението кое е во странство би бил добредојден од аспект дека во државата ќе се знае дека толку население е во странство и соодветно на тоа ќе се грижи за нивниот статус (главно во културолошка смисла) во конкретната држава од една страна и ќе може реално да го планира влијанието на тоа население во процесите на развој државата (било како можни инвестициски вложувања, било како повремена посета на сопствената земја, преземање на разни приватни инвестициски зафати и слично. Но секако тоа не треба да се поистиветува со значењето на реалната бројка на резидентното население, кое во целост живее и работи во сопствената држава.

Како го оценувате последниот Закон за попис, донесен минатата недела? Дали и во него се кријат празнини кои евентуално би овозможиле политичко влијание како и политичка манипулација со пописните резултати?

-Не сум запознаен со детали од неодамна донесениот Закон за попис на населението, домаќинствата и становите во 2021 година и не се чувствувам компетентен да го оценувам истиот (особено покрај законодавната и судската власт). Можам да кажам дека,во интерес на статистичката операција попис како голем државен интерес, ќе беше многу убаво за овој Закон да имаше консензуален пристап.

Дали сметате дека е во ред податоците од „лице место" кои ги собираат попишувачите, да се проверуваат со соодветни бази на државните институии, почнувајќи од тие на МВР, па сѐ до тие на Министерството за труд и социјална политика, а кои покажуваат колку лица излегле од границите на земјава, а не влегле повторно во рок од една годинава, или пак колку лица земаат плата, односно се вработени, или земаат пензија, социјална помош... Дали има во тоа проблем, имајќи предвид дека таквите податоци се посвежо ажурирани и преку нив може да се провери дали податоците од терен се веродостојни или не?

-Има уверување дека апликацијата за компјутерско попишување ќе биде поврзана со низа на релевантни државни институции и нивните бази на податоци, така што поврзувањето по основ на матичниот број на граѓанинот се очекува да даде релевантни резултати. Важно е граѓаните да разберат дека реален попис е општ интерес за сите граѓани во контекст на нивното материјално живеење, наспроти некои духовни вредности, чие задоволување може да рефлектира некакви аномалии.

Од друга страна, при попишувањето ќе се користат таблет - уреди и целиот внес на податоци ќе биде електронски, веднаш споредлив со базите. При тоа, како што изјави директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, не е можно фалсификување, ниту пак повторен внес (корекција) на податоците имајќи предвид дека секој има своја лозинка и секој нов внес остава трага, односно дека секоја корекција треба „дебело" да биде образложена. Верувате дека е можна таквата електронска контрола?

-Да се надеваме дека ќе имаме солидни попишувачи, кои соодветно ќе ја познаваат апликацијата и соодветно ќе се снајдат на терен.

Кривично се одговара за неовластен влез во електронскиот систем или за менување на податоците, истото важи и за евентуален влез од страна на лице од општинските пописни комисии или на централно ниво. Може ли повеќе да се верува на ваквиот електронски тип на попишување или пак на „хартиеното" попишување на терен, како порано, имајќи предвид дека хартијата „трпи сѐ". Дали, конечно, сметате дека со електронскиот тип на попишување конечно ќе се дојде до порегуларен попис, и дека еден ден, како што е тоа случај со повеќе земји, во Македонија преку конекцијата со базните податоци, речиси во секој момент помеѓу два пописни циклуса ќе се имаат свежи податоци?

-Вашево прашање истовремено е и реална констатација. Во услови на постојниот степен на развој на информатичките технологии реално е да се очекува организација и воспоставување на целосни бази на податоци за секоја индивидуа од населението и неговата дејност. Во случајов електронскиот тип на попишување нека биде еден од почетоците кон зајакнување на модерните системи на евиденција на податоци за населението, домаќинствата и становите. Јас искрено се надевам на реални пописни податоци и дека сите страни лојално ќе пристапат, кон реализацијата на целата пописна операција. Во спротивно само ќе си го лажат умот дека прават анализи и реално планирање, инвестиции и развој.

Што мислите за законската одредба податоци за лице кое се попишува, а не е присутно, да може да даде лице кое е најинформирано за него? Дали тоа остава можност за манипулации, барем во дел од податоците кои не се содржани во базите, еве на пример, за верската припадност или за некоја друга категорија на податоци?

-Токму поради такви категоризации и можности се појавуваат реакциите и кај опозицијата и кај граѓаните, така што тоа предизвикува забуна кај обичниот човек. Секако, најреално би било сѐ да биде базирано на официјална документација.

Како ја оценувате критиката на новиот Закон за попис од страна пред сѐ на ВМРО-ДПМНЕ, која коалиција и не го гласаше. Или, колку држат нивните аргументи дека методологијата не е во ред и дека создава услови за фалсификување на одредени податоци?

-Не би сакал да се впуштам во политички анализи, но важно е дека опозицијата сака да има релевантен попис (како впрочем и сите останати страни), а во контекст на сегашниот Закон за попис (за разлика од оној во 2010 г. каде што имаше вградено методолошки аспекти) колку што разбрав од расправата и колку што знам методологијата ќе биде издвоена како посебен документ.
Во вториот дел од прашањето наведувате дека имало коментари дека методологијата за попис ја оценувале дека не е во ред. Јас би рекол дека, методологијата не им е позната, бидејќи истата се донесува и објавува во Службен весник после донесувањето на Законот за попис... Претпоставувам токму затоа (немање увид во методологијата) се рефлектираат реакциите на опозицијата.

Панта Џамбазоски

Објавено

Четврток, Јануари 28, 2021 - 15:40

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе