„Одолговлекувањето на политички монтирани случаи и отсуството на правда ја врати Северна Македонија многу чекори назад. Смртта во затворска ќелија на еден од обвинетите во случајот „Алфа" уште еднаш го потврди нефункционирањето на владеењето на правото во државата и неставањето на правдата на вистинското место.
Смртта на Реџаил Ќерими е смрт за правдата во земјата и смрт за оние кои долги години не успеаја да го решат овој случај. Движењето Беса цени дека на прво место треба да се стави правдата во случајот 'Алфа', а невините да почиваат во мир“, се вели во соопштението и се изразува сочувство до семејството и пријателите на Реџаил.
Инаку, во судскиот процес за случајот „Алфа“ во 2010 година на доживотна затворска казна беа осудени Реџаил Ќерими и Агим Ислами. На 9 години затвор е осуден Рамадан Шаќири, како соучесник во делото, додека Алмир Дрпљани, на доживотен затвор, откако по бегството беше екстрадиран во Македонија.
Нападот врз полициските „алфи“ се случи на паркингот пред Природно математичкиот факултет во Скопје во кој полицаецот Албанец Африм Арифи беше убиен, а двајца негови колеги Македонци беа ранети.
„Алфа" е еден од случаите спомнати во преговорите за влез на Алтернатива во Владата, како судски случај кој би требало да се разјасни со анализа на процесот и пресудата со учество на странски правни експерти.