Во интервју за ТВ Клан Бејта позитивно го оцени двецениското постоење и функционирање на ДУИ во земјата и во Владата. Направивме многу и тоа го ценат граѓаните, рече Бејта.
Сепак, тој оцени дека во последниот период министрите од редот на ДУИ не даваа отчет пред сопартијците во телата на партијата.
Токму на некои од нив Бејта е лут, а особено на Груби, оценувајќи дека поради нив тој не ја добил градоначалничката битка за Гостивар.
„Некои функционери на ДУИ тајно работат да ме ослабат, не се ангажираа на избoрите и затоа загубив во Гостивар. Разговаравме за овој загрижувачки проблем, тоа му го кажав и на лидерот Али Ахмети“, рече Бејта.
На прашањето дали се плаши од Алијанса за Албанците за позициите на ДУИ во Гостивар откако градоначалникот Арбен Таравари стана и претседател на таа партија, Бејта одговори дека нема зошто да се плаши, оценувајќи дека Алијанса за Албанците е ослабена особено по поразот на изборите во Тетово каде, како што нагласи, дожиева политички дебакл.
„Арбен Таравари требаше да си поднесе оставка, како што тоа го стори Зијадин Села. Анкетите покажуваат дека сме многу понапред од Алијансата за Албанците. Тие се слаби во повеќето региони, дури и во Гостивар се на половина од тоа што беа“, рече Бејта.
На прашањето што мисли за евентуален влез на Алијанса за Албанците во Владата, Бејта одговори:
„Нека нѐ победат на избори па нека влезат. Но ако сега влезат, таа партија ќе се спои со ДУИ. Всушност, треба да јакнат како опозиција. Во демократија треба да се има и опозиција и власт“.