Мигрантите и тероризмот во регионот (1)

Бегалскиот канал сѐ понеактивен, но повратниците од Сирија стануваат сѐ поактивни

Коронавирусот и зимата го намалија користењето на балканскиот канал за транспорт на бегалците од Блискиот Исток. Бројот на мигрантите што поминуваат на релацијата Грција – Бугарија – Македонија, на пат кон земјите-членки на Европската Унија е драстично намален. Но никој не знае што прават на Балканот оние лица што бегалскиот бран го искористија во планирањето разноразни терористички напади по европските метрополи. Чекаат команда?

Последниот случај, кога лани пред Нова година македонската полиција приведе осум лица осомничени за планирање терористички напади и во Македонија, само покажа дека во регионот и натаму има притаени терористички ќелии што се тука, спијат, се подготвуваат и чекаат наредба од џихадиските терористички организации. Според македонската полиција, овие осум лица биле дел од терористичката организација ИСИС, а планирале убиства и уништување јавни објекти. Тие подолг период се подготвувале, обезбедиле пари, оружје, муниција, воена опрема, изработиле импровизирани експлозивни направи, изведувале пробни испалувања и активирање на импровизираните експлозивни направи и оружјето што го набавиле.

При претрес на нивните домови во Скопје и Куманово биле пронајдени мински експлозивни средства, рачно изработени појаси исполнети со експлозив, метални кугли, запалки од рачна бомба за активирање на појасите, радиостаници, лаптоп-компјутери...

За двајца од нив било утврдено дека учествувале во паравоени формации надвор од Македонија, како припадници на терористичка организација ИСИС во Сирија. Тие биле рецидивисти, повратници од сирискиот фронт, кои одлежале и затворска казна за кривично дело учество во странска војска, полиција паравоени или параполициски формации. Сепак, и по излегувањето од затворот тие продолжиле со своите терористички планови и успеале да регрутираат нови „борци“.

Случајот „И“ предупредува

Според сите информации, во последниве две години не е забележана појава на заминување на македонски граѓани и граѓани од Албанија и Косово во Сирија и во другите земји од блискоисточниот регион. Многу повеќе случаи се регистрираат на враќање на поединци од сирискиот фронт. Тука, во нивните земји, се применуваат и програми за нивна ресоцијализација, но посветеност за тоа има малку и од двете страни – и од поединците и од државата.

Безбедносните служби лани регистрирале и еден случај на македонски граѓанин, припадник на Ал каеда, кој успеал да се врати во Македонија преку Турција. За неговото враќање македонските органи добиле информација. И покрај тоа, со помош на вработени од МВР, тој успеал да извади нов македонски пасош, заминал за Косово и од таму во Европа. Но информацијата за него веќе била дистрибуирана и преку Интерпол, па тој брзо бил вратен во Косово, а од таму и во Македонија, каде што конечно бил приведен.

Овој случај отвори уште една голема слабост на службите, нивна корумпираност и неспособност. Едноставно, се поставува прашањето како можел таков човек, за кого полицијата имала навремена информација, така лесно да стигне до Европа и да се врати во Македонија, кога конечно бил приведен. Ама стигнало и пријателското укажување од служба на земја членка на ЕУ, што значи и минус во нивните извештаи за напредокот на реформите во безбедносните структури согласно со стандардите за евроинтеграција.

Извор МВР

Пандемијата го намали приливот, но...

Мигрантите не се сериозна закана за безбедноста, но лицата што се инфилтрираат меѓу нив и имаат поинаква кауза од економскиот опстанок, претставуваат сериозна опасност по безбедноста и на Македонија, и на Косово, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија... и на ЕУ.

Минатогодишните крвави напади во Виена и во Ница покажаа дека заканите од џихадистичкиот тероризам и натаму се актуелни. Тероризмот повторно ѝ заканува на Европа. Еден од напаѓачите во Виена, кој беше ликвидиран од полицијата, е Албанец по потекло од тетовско Чегране. И овој случај отвори бројни слабости во третманот на австриската држава за човек, кој веќе бил осуден за терористичко здружување.

Пандемијата можеби го намали приливот, но веќе создадените ќелии очигледно во секој момент можат да се активираат. Јасно е дека оваа нова форма на меѓународен тероризам ја менува стратегијата на Исламска држава на атентати во командо-стил. Тие и натаму се фокусирани на Европа, таму се добива поголем ефект, но растечкиот број „борци“ лесно може да делуваат и во земјите на Западен Балкан. Македонија и другите земји од Западен Балкан остануваат поволно тло за повратниците од фронтовите во Сирија, Ирак и Авганистан, каде што се бореле за Исламска држава. Овој регион сега станува поволно тло за престој, регрутација и обука на борци за ИСИС. Се проценува дека во регионот таа бројка е околу 1.000, од кои во Македонија биле стотина.

Безбедносните власти почнуваат да ја разбираат постојаната дифузна закана од џихадистички мотивиран терор во Европа.

 

 Зголемување на илегално преминување на границите на Балканот

Во 2015 година, стотици илјади мигранти и бегалци го минаа Балканот во колони, пристигнувајќи на полуостровот преку Грција пред да тргнат кон север. Рутата беше официјално затворена според договорот меѓу Брисел и Турција во 2016 година. Но, во реалноста, движењето на мигрантите на Балканот никогаш не запре.

Според наводи на Високиот комесаријат за бегалци, во 2019 година бројот на илегални влезови во Грција преку Турција изнесувал 74.600.

Значително зголемување на мигранти кои преку Балканската рута - од Турција, преку Грција и Југоисточна Европа - се движат во насока на север, забележува и германската влада. Според овие податоци, најмногу илегални премини во 2019 година имало на македонските граници - 24.601 (за споредба, на македонските граници во 2018 година се забележани 17. 010 илегални преминувања, а во 2017 година само 3.777). Потоа следува Србија со 17.642 илегални преминувања во 2019 година, па Словенија со 15.450 и Албанија со 10.670. Останатите земји бележат значително помал број илегални преминувања: Босна и Херцеговина - 6.039, Хрватска - 4.075, Црна Гора - 2.709 и Косово - 151.

 

 Програма за ресоцијализација на повратниците од фронтовите во Сирија и други земји

Процесот на креирање и имплементација на програми за реинтеграција на странските терористички борци во Мaкедонија и нивните семејства е во надлежност на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам раководен од националниот координатор Борче Петревски. Тој вели дека работна група во текот на 2020 година го изработи Националниот план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на странските терористички борци кој беше усвоен лани во јуни и од страна на Владата. А на терен, според Петревски, во локалните заедници каде се очекува враќање на овие повратници во тек е формирање на мултидисциплинарни локални тимови за нивна и на нивните семејства реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација и дел од нив веќе отпочнаа со имплементација на одредени активности.

„Во текот на изминатите години, во рамки на казнено-поправниот систем се спроведуваат разни активности за третман на радикализирани осудени лица за време на нивното издржување на казната затвор, како и процедури за подготовка за отпуст и нивна постпенална помош.

Работната група за реинтеграција работи на активности за развивање на индивидуални планови за реинтеграција на повратниците и членовите на нивните семејства, врз основа на кои ќе се работи во наредниот период", вели Петревски.

 

Најкористени „премини" се кај Мрзенци, Моин, Негорци, Прдејци...

Бројот на обидите за илегални преминувања во 2019 година бележат тренд на зголемување за 45,6% во споредба со 2018 година. Регистрирани се вкупно 24.601 обиди за илегални преминувања, при што значајно е да се истакне дека бројот на откриените мигранти значително е зголемен во вториот квартал од 2019 година и со ист интензитет продолжува и во следните месеци. Анализирајќи ги состојбите по граници, на границата со Грција ризикот од илегални преминувања од мигранти е на високо ниво, кој е со речиси 90% застапеност на обидите. На овој дел од границата, илегалните мигранти претежно во ноќните и раните утрински часови ја поминуваат државната граница и го користат временскиот период кога се врши смена на патролните тимови. Најчесто патуваат во големи групи со иста националност за да избегнат ризик да бидат нападнати или ограбени. Места кои најчесто се користат се во околината на Гевгелија, селата Моин, Негорци, Мрзенци и Прдејци, а во Дојранскиот регион село Николиќ и село Костурино во правец на Струмица.

На границата со Србија бројот на обиди е зголемен за 27%. Тука забележана е промена во правецот на движење на мигрантите - обратен правец на движење (од Србија преку нашата држава кон Р. Грција). Ваквата состојба е како резултат на повторното враќање на визниот режим на Србија со државјаните на Иран, кои претходно користејќи директни авионски линии воведени од Техеран и од Истанбул доаѓаа до Белград, а потоа со помош на криумчари преку нашата земја транзитираа до Грција со намера да заминат до некоја од западноевропските земји, пишува во извештајот на МВР за 2019.

Александар Дамовски

(Продолжува)

(Оваа содржина ја изработи информативниот портал www.mkd.mk во соработка со Инстититут за комуникациски студии.)

 

Објавено

Понеделник, Февруари 15, 2021 - 10:23

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе