Беџети ја прифати понудата од Ќулавкова, ќе се подели ли МАНУ на две еднонационални академии

Францускиот предлог за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, протестите, односите со Бугарија и гласањето на партиите на Албанците во Македонија за тој предлог предизвика сериозна поделба и меѓу членовите на МАНУ по етничка линија.

Најпрво Ќулафкова во интервју за ТВ Канал 5 предложи формирање на трета албанска академија. Во интервју за „Вечер“ таа оцени дека Бадентеровиот принцип е дискриминирачки спрема македонскиот народ. „Малцинските етнички заедници се привилегирани во однос на мнозинскиот и конститутивен македонски народ“, рече Ќулавкова. Таа нагласи и дека „полека-полека, нашава држава ќе почне да функционира како апартхејд, а сега се отвора и можноста да функционира како еден вид неопротекторат. Сето тоа е, се разбира, спакувано свечено во една празна, вакантна реторика... Има решение, има повеќе алтернативи, само најпрвин треба да ја организираме сопствената држава домаќински, чесно, функционално, праведно… Но, кога криминогени групации ги артикулираат приоритетите и политичките дискурси на една држава, во неа нема ни демократија, ни прогрес, ни хуманост, па дури и самата помисла на алтернатива се демонизира“.

Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, во колумна за „Нова Македонија“ прогнозираше дека до 2084 година Македонија ќе влезе во ЕУ како „делумно рамноправна членка“, а Македонците ќе исчезнат: „Речиси веројатно дека во државата Македонија тогаш веќе нема да живеат Македонци, бидејќи ќе бидат целосно истребени... Македонија несомнено сака да биде дел од ЕУ семејството, таа е веќе дел од НАТО, но Македонците на сметка на тоа загубија сѐ – нивниот идентитет, нивниот јазик и нивната етничка припадност… Затоа изгубеното треба да се поврати назад. И мора да се стори тоа. Од нас зависи. Придружете се“.

Следуваше брза реакција на академикот Абдулменаф Беџети во во колумна за „Лајм“ го прифати предлогот на академик Катица Ќулавкова за создавање на трета албанска академија, која би била во Македонија.

„Ние, Албанците, заедно со Македонците, но и со другите, ја направивме и ја развивавме државата, во некои аспекти и повеќе од нив самите, од Македонците. Прифаќаат тие или не, С. Македонија не е само нивна држава. Претседателот на МАНУ академик Коцарев ‘повикува’ на отпор кон интеграциските процеси на земјата под изговор за зачувување на македонскиот идентитет, кој инаку не е загрозен. Академик Катица Ќулавкова изнесе предлог за создавање трета албанска академија, но, ние можеме да се разделиме од МАНУ веднаш без двоумење. Ја прифаќаме ‘фрлената ракавица’! Ние веќе сме докажале дека знаеме да направиме научни и образовни институции и подобро од нив“, вели во текстот Беџети, кој е и ректор на Штуловиот универзитет во Тетово.

Беџети вели дека нема ништо против индивидуалните ставови на секој академик. „Во оваа пригода морам јавно да реагирам на индивидуалните ставови на некои македонски академици, па и на претседателот на МАНУ, Коцарев, кој е можеби и мотивиран од академик Ќулавкова и некои други колеги. Во нивните мисли, за што и да се случи, одговорни сме ние, Албанците... Ако не нѐ сакаат во својот круг, застапени колку што сме и како што сме, еве, јавно изјавувам, без консултација со другите колеги - Албанци, верувајќи оти ќе немаат забелешка, дека ние можеме да го создадеме тоа. Но, повеќе не ‘илегално, неформално и приватно’, како што сме постапувавме во минатото со нашите почетни, основни институции, туку да се разделиме веднаш и без двоумење со сите финансиски, просторни и технички средства. Веднаш да повлечеме 30 отсто од јавниот буџет на Македонската академија на науки и уметности и да станеме делничари со сите јавни активи, коишто се создадени од јавните пари на даночните обврзници“, вели Беџети.

Беџети во својата колумна го наведува и примерот со Мируше Хоџа за прием во академијата.

„На последниот конкурс, во Одделението за општествени науки што јас го предводам, од седум члена, со шест убедливи гласови ‘за’ го поминавме кандидатот проф. д-р Мируше Хоџа и на Собрание – го соборија! Нејзината научна и академска креативност (три магистратури и два докторати, од кои повеќето меѓународни) со CV од преку 20 страници, го надминува опусот на најмалку половина од постоечките членови на Академијата и – повторно не помина“, пишува Беџети.

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе