Блумберг

Барањето азил од Груевски го става Орбан во многу незгодна ситуација

Осудениот поранешен премиер на Република Македонија побегна во Унгарија и побара политички азил, што е предизвик за Орбановото балансирање меѓу водечката европска политика и нејзините националистички маргини, пишува Блумберг.

Орбан се соочува со тешка одлука. Тој може да му даде азил на Никола Груевски, македонскиот лидер што избега за да го избегне двегодишниот затвор поради злоупотреба на службената должност, и така дополнително да го поткопа својот имиџ кај водечката европска политичка елита. Или може да го одбие и да се откаже од сојузникот за кој водеше кампањи, и можеби да го налути рускиот претседател Владимир Путин.

„Би било срамно за Орбан и дома и во странство да му даде азил на осуден балкански политичар“, рече Атила Јухас, аналитичар во „Политикал капитал“ во Будимпешта. „Тоа не би можело да се објасни со ништо друго освен со руско влијание“.

Македонија е во центарот на геополитичка борба во која Путин се обидува земјата да му остане тампон-зона помеѓу она што тој го смета за руска сфера на влијание и западниот воен сојуз НАТО. На референдумот во септември, Македонците со големо мнозинство го поддржаа менувањето на името на земјата за да им се отвори патот кон пристапувањето во Европската Унија и НАТО, иако одѕивот беше мал, вели Блумберг.

 

Непријатен сојузник

Сегашната македонска влада го обвини Груевски, кој повеќе од една деценија ја водеше оваа балканска нација, дека намерно го разгорува долгиот спор со Грција во врска со името на земјата. Тоа него го направи непријатен сојузник за Орбан, кој се залагаше за Груевски и покрај притисокот за проширување на ЕУ на Балканот.

Македонското Министерство за надворешни работи доцна во вторникот го повика унгарскиот амбасадор за да го праша дали Груевски пристигнал. Властите, исто така, се обидуваат да утврдат како точно тој стигнал до Унгарија, бидејќи судот минатата година му го одзеде пасошот на Груевски. Македонија издаде меѓународна потерница по него. Унгарските власти, пак, одбија да кажат дали ќе го затворат и екстрадираат Груевски или ќе му дадат азил.

Груевски, националист како и Орбан, кој водеше пропагандна кампања против американскиот инвеститор роден во Унгарија Џорџ Сорос, поднесе оставка од функцијата премиер пред три години, по скандалот што го предизвикаа објавените „бомби“ што укажаа дека неговата влада незаконски прислушувала повеќе од 20.000 луѓе. Откако загуби на изборите во 2016 година, тој беше осуден затоа што му наредил на Министерството за внатрешни работи да намести тендер за оклопна лимузина мерцедес во вредност од 643.000 долари за лична употреба.

„Во изминатите неколку дена добив безброј смртни закани“, напиша Груевски на својата официјална страница на Фејсбук во вторникот. „Сега сум во Будимпешта и побарав политички азил од унгарските власти“.

 

Балансирање

Двајца претставници од политичката партија на Груевски, ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески и поранешниот шеф на владиниот кабинет Кирил Божиноски, рано утрово беа уапсени. Тие се, исто така, меѓу оние што се обвинети во скандалот со прислушувањето.

Доаѓањето на Груевски во Унгарија може да ја искомплицира Орбановата стратегија - истовремено да е идеолошки водач на европските националистички движења, но со едната нога да гази во мејнстрим-таборот на ЕУ. Орбан активно водеше кампањи во источна Европа и на Балканот за да ја шири својата идеологија, која ги гази либералните демократски вредности на ЕУ.

Сепак, минатата недела Орбан се согласи да поддржи една антипопулистичка резолуција на конгресот на најголемата партија во Европскиот парламент, Европската народна партија, во која е и ЦДУ на германската канцеларка Ангела Меркел.

Овој чекор, барем привремено, помогна во обединувањето на едно политичко семејство во кое неколку члена повикаа да се протера Орбановата партија Фидес поради нејзините напади врз граѓанските слободи. Во септември Европскиот парламент ја казни Унгарија поради тоа што е „јасен ризик“ за владеењето на правото.

Миграција со достоинство (#WithDignity) е темата на Меѓународниот ден на мигрантите 2018 година, кој го одбележуваме во вторник (18 декември).

повеќе

Без оглед на фактот што од постоењето на уметноста постои и теорија и приказна за тоа, уметничкиот процес останува крајно неразбирлив.

повеќе

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе