Заклучоци од самитот Брдо-Бриони

Барања за кандидатски статус за БиХ и за безвизен режим за целиот регион

Учесниците на денешниот самит на Процесот Брдо-Бриони донесоа заеднички заклучоци со кои се бара забрзување на процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан и барање кандидатски статус за членство во ЕУ за Босна и Херцеговина и безвизен режим за целиот Западен Балкан до крајот на 2022 година.

Шесте усвоени заклучоци денеска на Твитер ги објави словенечкиот претседател Борут Пахор, кој заедно со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ беа домаќини на средбата во Брдо кај Крањ, Словенија:

„1. Повторно ја нагласуваме важноста на проширувањето на ЕУ како најдиректен придонес за одржување на мирот и стабилноста во регионот, што е повеќе од кога било геополитичко прашање.

2. Се залагаме за побрз процес на интеграција во ЕУ согласно добро познатите услови за членство.

3. Повикуваме на доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина до крајот на 2022 година.

4. Повикуваме на воспоставување безвизен режим за целиот Западен Балкан до крајот на 2022 година.

5. Ја повикуваме ЕУ да застане на страна на Западен Балкан во ублажувањето на последиците од економската и енергетската криза.

6. Ја потврдуваме нашата посветеност на дијалогот како единствен начин за надминување на разликите и отворените прашања во регионот“.

На самитот Брдо-Бриони во брдо кај Крањ учествуваа претседателите на Северна Македонија Стево Пендаровски, на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, на Косово Вјоса Османи, на Србија Александар Вучиќ, претседателот на Албанија Бајрам Бегај, тројцата членови на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ, Милорад Додик и Шефик Џаферовиќ.

Проширувањето на Европската Унија, посочил претседателот Пендаровски, придонесува за одржување на мирот и стабилноста во нашиот регион, за подобрување на демократијата, владеењето на правото и заштитата на човековите права и слободи, и затоа е неопходно забрзување на интеграциските процеси на сите земји од Западен Балкан. Во таа насока, Пендаровски изразил очекување претстојниот состанок на Европската политичка заедница, што треба да се одржи во почетокот на октомври, да придонесе за натамошно забрзување на интеграцијата.

„Лидерите го поздравија официјалниот почеток на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ и ги повикаа институциите на Европската Унија да преземат дополнителни храбри одлуки во врска со интеграцијата на преостанатите земји од Западен Балкан“, се наведува во соопштението од кабинетот на Пендаровски.

Во рамки на дискусијата, претседателот Пендаровски посочил дека Босна и Херцеговина го заслужува кандидатскиот статус за ЕУ, а Косово безвизниот режим. Изразил очекување за натамошна силна поддршка од страна на Словенија и Хрватска во евроинтеграциските процеси на земјите од Западен Балкан.

Претседателот Пендаровски потенцирал дека на земјите од Западен Балкан им е неопходен пристап до механизмите на ЕУ што поскоро, како поддршка за справување со претстојната енергетска криза, и посочи дека економската и социјалната криза може да предизвикаат повеќегодишна политичка криза и да генерираат дополнителна нестабилност. Со цел да се ублажат негативните ефекти од војната во Украина, Пендаровски апелира на засилена соработка и дијалог.

Домаќини на самитот беа претседателите на Словенија и на Хрватска, Борут Пахор и Зоран Милановиќ. 

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе