По вчерашните концерти во 15 градови

Баклава и Лозано не настапија на прославата за НАТО, Љубојна и Ерик фокс ќе го донираат хонорарот

Вчерашните концерти во 15 града во Македонија организирани како прослава за условената покана за членство на земјава во НАТО предизвикаа сериозни реакции во јавноста. Најголем дел од нив беа против уметниците кои прифатиле да учествуваат на прослава за членство во воен сојуз. Од она што досега го дознаваме вчера не настапиле групата Баклава и пејачот Владимир Лозано, а групите Љубојна и Ерик фокс најавија дека парите добиени од Владата ќе ги донираат во добротворни цели.

Еве како на овие реакции по социјалните мрежи реагираше Љубојна ден пред вчерашниот нивен настап во Струмица:

„Настапот на Љубојна, кој што сите нé растревожи е закажан многу порано пред да знаеме за каков настан се работи и не е поврзан со личниот став на членовите на групата. Љубојна ќе настапи во свој манир, со добро познатата автентична програма и ќе продолжи и понатаму да ја презентира нашата музичка култура во земјата и во светот, без никакви отстапки.

Парите ќе бидат донирани за терапијата на едно болно детенце, како и на „Одделот за традиционална музика и игра" при ДМБУЦ "Илија Николовски - Луј", за понатамошен развој и истражувачка дејност.

За сета „лавина" од сите вас кои искрено ни се обративте, како и вие дежурни ФБ-„душегрижници", ви благодариме и продолжуваме посилно. Музичарите не се и не треба да бидат бедем за револт и распетие!

Ова е нашиот официјален став и ве молиме да не пишувате измислени изјави, кои не сме ги дале. Порталот/ите што објави/ја изјава без истата да биде дадена, очекуваме да напише/ат демант. Не би сакале нашата понатамошна комуникација да продолжи преку тужба“.

Пејачот Влатко Лозаноски- Лозано не се појави на прославата за НАТО во Охрид.

„Да, бев дел од листата на изведувачи, но одлучив да не присуствувам и не настапив во Охрид. Ова беше моја голема одлука, околностите не беа лесни и засегнати беа многу страни, но она што секогаш во прв план го ставам е публиката. До ова скалило до кое што сум дојден на музичката сцена е само поради вас и секогаш ќе биде само поради вас. Јас сум пејач, музичар и уметник и само поради такви причини сум прифаќал настапи пред публиката. Овојпат ситуацијата ескалираше и увидов дека во такви моменти не треба да пеам. Верувам дека ќе има многу убави музички настани во иднина каде ќе ја славиме музиката. Пред вас сум за да ве спојам меѓусебно преку музиката, а не да ве поделам. Никогаш не сум бил политички определен, музиката е таа што ме насочувала и ќе ме насочува во животот. Искажувам голема почит кон сите мои колеги и организаторите на настанот, но мене публиката секогаш ќе ми биде на прво место“, напиша Лозано на својот фејсбук-профил. 

И членови на групата Баклава за МКД.мк изјавија дека тие го откажале настапот на прославата во Кочани.

Групата Ерик фокс настапи во Гевгелија, но и од таму велат дека хонорарот што ќе го добијат од Владата веднаш ќе го донираат за СОС детско село.

А.Д.

 

 

Владите постојано ги повторуваат истите грешки. Тие го сметаат долгот како предност за долгорочен раст, наместо она што тој всушност е: тежок товар и извор на масивни долгорочни ризици.

повеќе

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе