Честитка од претседателот на САД

Бајден до Пендаровски: САД остануваат ваши силни и непоколебливи поддржувачи

САД остануваат ваши силни и непоколебливи поддржувачи, нашето партнерство ќе продолжи да им користи на нашите народи во годините што доаѓаат, вели претседателот на САД Џо Бајден во честитка до претседателот на Македонија Стево Пендаровски по повод 8 Септември, Денот на независноста.

Во честитката се вели:

Во име на американскиот народ, го честитам денот на независноста на Северна Македонија. Одбележувајќи ја оваа прилика, ние исто така ја одбележуваме 25-годишнината од нашите дипломатски односи и силното пријателство меѓу нашите две нации. Нашите земји ги обединуваат семејните и историските врски, како и нашите заеднички демократски вредности и посветеност на човековите права. Нашето партнерство ќе продолжи да им користи на нашите народи во годините што доаѓаат.

Со гордост ја поздравивме Северна Македонија како 30-ти сојузник на НАТО минатата година, признавајќи дека Вашата земја даде витален придонес за безбедноста и стабилноста на регионот долго пред таа да се приклучи на Алијансата. Ви благодариме што оваа година бевте домаќин на мултинационалната вежба „Решителен удар 21" во Центарот за воена обука „Криволак" и што повторно ги покажавте водечките капацитети и подготвеноста на Северна Македонија.

Како што Вашата земја продолжува да напредува – зголемување на просперитетот за сите Ваши граѓани, подобрување на владеењето на правото, зајакнување на Вашите демократски институции – САД остануваат Ваши силни и непоколебливи поддржувачи.

Со нетрпение очекуваме да соработуваме со Северна Македонија на патот на спроведувањето на реформите што ќе ја обезбедат европската иднина на Вашата земја, вклучително и пристапувањето во Европската Унија.

Ви посакувам безбеден и среќен Ден на независноста и Ви благодарам за Вашето долгогодишно пријателство.

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе