На Форумот ЕУ-Западен Балкан

Аврамопулос: Ситуацијата со мигрантите не е како во 2015, но притисокот расте, треба да бидеме будни

Северна Македонија не побарала финансиска помош од Европската унија за градење кампови за мигранти и бегалци, изјави денеска еврокомесарот за внатрешни работи Димитрис Аврамопулос на Министерскиот форум за правда и внатрешни работи на ЕУ- Западен Балкан, одговарајќи на новинарско прашање.

Меѓу главните теми за кои разговараа официјалните претставници на земјите од Западен Балкан со претставниците на Европската комисија беше мигрантската политика, обезбедувањето на границите и соработката на овој план. Притоа беше истакната потребата за зголемување и обезбедување соодветни капацитети за сместување на бегалци и мигранти во овие земји.

„Пред се тоа е одговорност на Владата на Северна Македонија. Ако Владата има потреба од наша поддршка финансиска, ќе се обезбеди, тука сме да помогнеме со нашите експерти за да им обезбедиме на Владата и на властите соодветна поддршка. Меѓутоа досега не е доставено такво барање, но ако се случи ние сме тука да обезбедиме помош“, рече еврокомесарот Аврамопулос.

Според него, притисокот од мигрантите расте и затоа треба да останеме будни, но додаде дека ситуацијата со мигрантите во овој регион не е ни блиску до она што се случуваше во 2015 и 2016 година.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека во земјава има два транзитни центри, и во моментов нема проблем со прилив на мигранти.

„Ние сега немаме проблем со мигрантските текови, но треба да бидеме подготвени ако случајно дојде до таква ситуација. Инаку, денеска не се разговараше воопшто и ниту некој побарал, ниту ние сме ветиле, ниту сме разговарале за тоа дали треба да градиме кампови. Сакам да го повторам ставот на Владата дека ние имаме два транзитни центри во Македонија, едниот на југ на државата, другиот на север, и тие два транзитни центри опстојуваат и ќе опстојуваат при евентуална мигрантска криза. Ние немаме индиции сега во моментов дека би можеле да имаме миграциски текови како во 2015 година, но сакаме да бидеме поготвени заради тоа што се работи за безбедноста и за нашите граѓани и за ЕУ“, изјави Спасовски.

Едно од клучните прашања за кои се разговарало е борбата против тероризмот и националниот екстремизам, а во тој контекст и за повратниците кои учествувале во војните во Сирија, Ирак и Авганистан.

„Во земјава веќе се водат кривични постапки, а одредени лица се веќе во затвор. За оние лица за кои постојат докази дека учествувале во воените жаришта во Сирија, Ирак и Авганистан, а сѐ уште се наоѓаат таму тие секако дека ќе одговараат кривично-правно, додека за оние лица кои се дел од семејствата на странските борци, а се сѐ уште во камповите во Сирија, потребна е нивна репатријација во државата. Притоа е потребна посебна програма за ресоцијализација. Тоа го правиме со Националниот комитет за борба против тероризмот и насилниот екстремизам“, рече Спасовски на прес-конференцијата.

Министерот за внатрешни работи додаде и дека се јакнат капацитетите на државата во секој еден сегмент во однос на ова прашање и оти тоа е стратегија на државата што ќе продолжи да ја спроведува.

Освен за мигрантските прашања и граничната безбедност, тероризмот и насилниот екстремизам, на форумот се разговараше борбата против организираниот криминал, соработката на земјите од Западен Балкан, борбата против трговијата со луѓе.

Кодификацијата на бугарскиот јазик се случила цели шест месеци и 25 дена покасно од кодификацијата на македонскиот јазик.

повеќе

Два месеци по недобивањето датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ, малку знаеме која беше улогата на Бугарија во тоа.

повеќе

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе