„Го казнија Заев, ама не го наградија Мицкоски“

Атанасовски: Кој и да направи коалиција, таа ќе биде климава и ќе води кон предвремени избори

ДУИ е апсолутен победник на изборите, а граѓаните го казнија со гласови Зоран Заев, но не го наградија Христијан Мицкоски да биде премиер, коментира за МКД.мк политикологот Благојче Атанасовски.

Според Атанасовски, ДУИ е апсолутен победник на изборите од проста причина што веројатно ќе биде незаобиколен фактор во конституирањето на идната власт, а СДСМ и покрај тоа што е номинален победник со два пратенички мандати повеќе од противникот, повторно ќе биде „поведен“ на уцените на ДУИ.

Каде згрешија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ?

„СДСМ, односно лидерот Заев, цело време водеше кампања со која сугерираше дека е стасано време ДУИ да оди во опозиција, а според резултатите, нему ќе му биде многу тешко да направи влада без ДУИ, бидејќи ќе треба да земе неколку пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, како што веќе се шпекулира“, вели Атанасовски.

На прашањето дали е можно вакво сценарио, тој се навраќа на ситуација од претходниот парламент кога Алијанса за Албанците беше коалициски партнер со ДУИ и СДСМ за подоцна да ја напушти владата, па Заев направи политички маневар и зеде тројца пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ за да ја заобиколи Алијанса. Овојпат тие тројца пратеници ќе му бидат потребни за да ја заобиколи ДУИ.

Атанасовски во тој правец го толкува и заминувањето на Заев на одмор, како обид за отворање простор за таков маневар, со објаснување дека тие тројца пратеници би можеле да се бараат меѓу коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, односно Гром, Социјалистичка партија и партијата на Србите со цел да се бајпасира ДУИ.

Од друга страна, вели тој, ВМРО-ДПМНЕ не го надмина ни оној „историски минимум“ на партијата од освоени 300-313 илјади гласачи, а Мицкоски како претендент за премиерска функција не успеа да донесе десетици илјади гласови плус од неопределените, како алтернатива на власта.

„Несфатливо е како Мицкоски не успеа ни да ги преповтори гласовите за Гордана Сиљановска-Давкова од претседателските избори и тоа може да се протолкува дека граѓаните се незадоволни од СДСМ, кој доби помалку гласови, но апсолутно не гледаат алтернатива во лидерот на опозицијата. Затоа, номинални губитници се и двете партии. Го казнија со помалку гласови Заев, но не го наградија Мицкоски да биде премиер. Затоа и двете партии, односно коалиции, имаат вкупно десет мандати или околу 270.000 гласови помалку од минатите избори“, ни изјави Атанасовски.

За него релативно изненадување е Левица, но не верува во шпекулациите за коалиција ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и Левица, повикувајќи се на изјавата на Димитар Апасиев, дека би било „шиткање“ со два пратеници. Атанасовски очекува Апасиев како пратеник да оди на уште пожестока реторика во парламентот, со цел институционално да ја зголеми својата поддршка, надевајќи се дека на наредните избори ќе добие уште поголем легитимитет.

Што се однесува до сценариото за коалиција СДСМ-ДУИ, тој смета дека таквата коалиција ќе биде мачна, со тензии, услови и уценувања и нема долго да трае, можеби една или една и пол година или, пак, до локалните избори по што следуваат нови предвремени избори. На тие евентуални предвремени избори, вели Атанасовски, веројатно Левица ја гледа својата шанса да освои 5-6 пратеници, па тогаш наместо сите патишта да водат кон Мала Речица, да водат кон адресата на неговата партија.

На коментарите, особено од странски аналитичари, дека Заев и покрај промената на името успеал да победи, тој додава дека многумина очекуваа дека после Преспанскиот договор, Договорот за пријателство со Бугарија, случајот „Рекет“ и други непопуларни мерки, секоја опозиција би дошла на власт.

„Мицкоски сега, за да го спласне разочарувањето во ВМРО-ДПМНЕ вели дека има кредибилитет да формира влада, ама во партијата веќе се јавуваат незадоволства и оценки дека требаше да излезе на избори, да протрча и да обезбеди победа врз база на тие непопуларни политики на СДСМ. Затоа велам СДСМ победи, ама не беше награден, но Мицкоски не беше препознаен како алтернатива на Заев. Претпоставувам, сега тоа е хипотеза, да беше некој друг лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој би понудил повеќе или би бил похаризматичен, па граѓаните да ја препознаат таа политичка понуда, можеби би се случило да победи. Но тоа е хипотеза. Освен тоа, Мицкоски требаше да биде и на листа, не може да претендирате да бидете премиер, а да не се соочите со противкандидатот што бил премиер, да си го измерите сопственото гласачко тело во соочување. Ахмети и Тачи, можеби не се појавуваат во Собрание, ама се носители во Изборната единица 6. Така, во четворката можеше наместо Александар Николоски носител на листа да биде Мицкоски. Вака немате изборно соочување, а очекувате да бидете избран за премиер“, вели Атанасовски.

Во однос на последната изјава на Бујар Османи за грчки „Етнос“, пак, дека мандатот за формирање влада треба да го добие ДУИ, тој ја нарекува популистичка, бидејќи добро се знае кој го добива мандатот за формирање влада.

„Тоа е кревање на нивната политичка цена во преговорите. И со Насер Зибери отидоа на крајна националистичка карта за да победат, и победија, ама факт е досега никој се нема толку приближено до ДУИ како што се приближи Алијанса за Албанците со Алтернатива, за само три пратеници разлика. Знаејќи дека анкетите беа тесни, од ДУИ отидоа на таа националистичка реторика. Ги кренаа влоговите сега во однос на нивното позиционирање во однос на СДСМ. Бројките укажуваат дека СДСМ и ДУИ ќе направат коалиција освен, како што реков, ако СДСМ не земе пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и таа коалиција ќе биде климава и води кон предвремени избори“, објаснува Атанасовски.

Но, како што додава, ако ДУИ навистина е толку ригидна во своите ставови и да не може да се формира влада ни меѓу СДСМ и ДУИ, ни меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, тогаш не се исклучуваат предвремени избори уште во октомври.

Ж.П.Б.

 

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе