„Јас за разлика од моите противници не направив никаква негативна кампања за нив. Немам потреба од такво нешто, бидејќи локалните избори треба да бидат борба на идеи и проекти на ниво на градот. За жал овие избори некој ги направи извор на лажни вести и црни кампањи. Најавија дека сега повторно ќе бидат предмет на напади мојот татко, мајка, сопруг и дете. Тоа е и напад врз мене како нечие дете, нечија сопруга, нечија мајка. Никој не заслужува ваква црна кампања, никој не заслужува да биде предмет на монтажи, фалсификати и продуцирани видеа за да се исмеваат со некого. Никој во оваа земја не заслужува да биде понижуван и навредуван. Затоа што тој што тоа го прави покажува ароганција и слабост. Затоа што тој што тоа го прави сака да ги скрие своите криминали и да избегне одговорност“, вели Арсовска.
Таа на Шилегов и на Заев и порача дека се готови и дека ќе ги победи.
„Сега гледам право во нив, моите противници, бидејќи сега се двајца и градоначалникот во заминување и премиерот во заминување со порака „Ќе ве победиме! Готово е“.Сега јасно и гласно кажувам – се што кажавте досега е лага. И вие тоа го знаете, ама сакате да продолжите со вашата црна кампања бидејќи немате со што друго. Едниот мој противкандидат е познат по тоа што ги излажа скопјани и во 4 години оствари само 5% од ветените проекти. А другиот по тоа што континуирано се пазари со македонските национални интереси. Јас кажав дека лажат, побарав извинување, а добив нови напади и закани за мене и моето семејство. Сум победила многу пострашни битки во својот живот, а ќе победам и сега бидејќи не сум човек што се откажува. Колку е само очајно и тажно наместо да се бориш со квалитет и проекти да се бориш со лаги. Една порака и до предводниците на црната кампања – треба да знаете дека скопјани го имаат последниот збор, добив илјадници пораки и повици за поддршка да не се откажувам бидејќи проектите за скопјани ќе победат а не црната кампања“, додаде Арсовска.