Стоилковски рече дека долгогодишната наставничка од Средното медицинско училиште од Битола е вработена во АЕК на место соработник за информатички технологии.
„Антимакедонската СДС мора да објасни како Агенцијата за администрација оценува дека 56 - годишната наставничка од медицинско училиште во Битола е посоодветна за позиција соработник за информатички технологии во АЕК, како е посоодветна од 35 годишник со завршени информатички студии, којшто исто така конкурирал на огласот? Антимакедонската СДС мора да објасни дали зад максималниот број на поени за работа во АЕК и петте поени разлика од кандидатот информатичар, пресуден бил фактот што Емилија Костурски е член на ЦО на СДС и заменичка на екс-градоначалничката на Битола“, наведе портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој оцени дека Македонија тоне во кризи и во сиромаштија, а буџетот се користи за вработувања на „партиските миленици на ДУИ и на антимакедонската СДС“.
„Наместо да се занимаваат за струја, за гас, храна, млеко, наместо да се борат со растечката инфлација, тие го користат буџетот за вдомување на свои миленици во администрација и плата од празниот буџет. Ова мора да има крај и затоа се потребни итни тројни избори, парламентарни, претседателски и референдум“, рече Наум Стоилковски.
СДСМ од Битола возврати со реакција и на сличен начин во обраќањето кон ВМРО-ДПМНЕ:
„Три дена ДПМНЕ Врховистичко се мачи и не може да објасни во јавноста дека некаде се случило вработување по распишан оглас. Во последниот поход за оцрнување на личност, член на ЦО на СДСМ, впрегнати се пратеници, поранешни министри, а еве и портпароли на ДПМНЕ Врховистичко кои, по навика, судат дали некој треба или не да се вработи, дали некој има или не квалитети и исполнува или не критериуми. ДПМНЕ Врховистичко не може да разбере дека луѓето се вработуваат преку оглас“, пишува во соопштението на партиската организација на СДСМ од Битола.
Понатаму, во реакцијата се вели дека „ВМРО Врховистичко“ не знае што е тоа оглас за вработување, кои се процедурите и кој го има последниот збор.
„Не може да сфатат во ВМРО Врховистичко дека помина времето кога бегалецот од Будимпешта ги диктираше решенијата за вработување по партиските дувла. Вработувањата сега се случуваат по објавен оглас. Оглас! Нешто што беше непознатица за ДПМНЕ Врховистичко и што се врати 'на голема врата' од сите нивни градоначалници низ државата. Оправдувањето на ДПМНЕ Врховистичко за сите нивни партиски и роднински вработувања е 'Секој има право да работи', а всушност шансата ја имаат само тие со членска карта од ДПМНЕ Врховистичка. Ќе треба време да се помират со реалноста во која се почитуваат законите и процедурите наместо партиската директива“, пишува во реакцијата од Битола.