Антикорупциска утврди непотизам кај вработувања на функционери, бара прекршочна пријава за Бектеши

Антикорупциската комисија утврди дека кај шест од вкупно 18 случаи на вработувања на блиски роднини на функционери имало непотизам и побара прекршочна пријава против министерот за еконимија Кресник Бектеши за влијание при вработување на неговата сестра, а  најави дека две прекршочни пријави ќе има и против претседателот Ѓорѓе Иванов за армиски унапредувања  за време на предизборниот период.

Според Антикорупциската комисија, при некои од вработувањата имало измени на актите за вработувања и тие не одговaрале на систематизацијата, туку критериумите во огласот биле местени за кандидатот што требало да биде вработен.

Меѓу овие случаи е вработувањето на синот на пратеничката Мира Стојчевска, Виктор, во ЕЛЕМ. Антикорупциска утврди дека иако во Правилникот на ЕЛЕМ се барало од нововработените да имаат двегодишно работно искуство, овој услов го немало во огласот на кој се пријавил синот на пратеничката. Исто така, во систематизацијата на ЕЛЕМ не постоело работното место на кое бил вработен Стојчевски, а директорот го искористил своето дискреционо право да го вработи. За овој случај, Антикорупциска одлучи да ја извести Владата која има ингеренции врз работењето на ЕЛЕМ, Надзорниот одбор на ЕЛЕМ и трудовиот Инспекторат.

За разлика од случајот со синот на Стојчевска, Антикорупциска 

Не утврди дека имало непотизам при вработувањето на сопругот и нејзиниот брат. Братот на Стојчевска, не бил вработен во РЕК Битола, туку како бравар – кранист бил ангажиран само 20 дена од приватна фирма, за што никакво влијание немала неговата сестра. Нејзиниот сопруг, пак, не бил унапреден на работното место, туку тој бил командир на шумска станица и претходно. По реакциите во јавноста побарал да биде сменет, но барањето не му е прифатено додека не се именува друг командир.

Антикорупциската комисија на денешната седница едногласно одлучи да поднесе прекршочна пријава против министерот за економија Крешник Бектеши затоа што не ја известил ДКСК дека сестра му се вработила во МЕПСО, а кога се вработила, живееле на иста адреса. 

На огласот на МЕПСО на кој се пријавила и сестрата на Бектеши се барале 23 работни места, а биле пријавени повеќе од 800 лица. За позицијата самостоен референт за кој конкурирала и сестрата на министерот имало 73 пријавени. Во МЕПСО била формирана Комисија за селекција која по еден месец до директорот доставиле листа од 5 кандидати за самостоен референт – но нема ниту еден документ на  кој начин било извршено бодувањето, ниту има  извештај од спроведените интервјуа.

„Нема образложение зошто токму сестрата била селектирана во првите 5, а потоа со одлука на директорот била и вработена“, констатираше Антикорупциска која за овие сомневање ќе ја извести и Владата и Надзорниот одбор на компанијата.

Министерот Бектеши пред еден месец изјави дека не чувствува морална одговорност и нема да побара од неговата сестра да го напушти работното место во АД МЕПСО, бидејќи, како што рече, таа не е вработена во Министерството за економија, полнолетна е, не живее со него, мажена е и сама одлучува за својот живот.

Индикации за влијание има и за вработувањето на сестрата на Минстерот за култура Асаф Адеми за која комисијата констатирала дека било креирано ново работно место две недли пред да биде објавен огласот. 

Антикорупциска утврдила дека имало влијание и во случајот со вработувањата на блиски луѓе на генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацоски. 

Непосредно пред да се објави огласот на кој била вработена  Мирјана Јосифовска, сестра на Александар Кирацоски во Централен регистар, оваа институција направила систематизација на работните места и го зголемила бројот на советници за дистрибуција на информатички податоци од два на три, а како услов за вработување било наведено дека се бараат лица со завршен Факултет по географија. Сите останатите кандидати кои се пријавиле биле дисквалификувани поради несоодветно образование. Исто така, по вработувањето, Јосифовска била испратена да работи во одделението во Битола каде што и живее.  Поради сето ова, Антикорупциска ќе побара да се утврди дали директорката на Централен регистер ја злоупотребила службената положба.

Во случајот со вработувањето на таткото на сопругата на Кирацоски во РЕК Битола, Антикорупцсика вели дека директорот на РЕК Битола требало да објави оглас, а не да ангажира лица преку Агенција за привремени вработувања. По реакциите во јавноста, Поповски се повлече од работното место.

Мајката на сопругата на Кирацовски, пак, била вработена во училишниот дом „Мирка Гинова“ во Битола како технички секретар на работно место кое било креирано непосредно пред да биде објавен огласот.

Антикорупциска  утврди непотизам и при вработувањата на сопругот на  државната секретарка во МВР Магдалена Несторовска во ЕЛЕМ кој како инженер по текстилна технологија е вработен како инженер за животна средина.

Сомнителен е и начинот на кој била вработена мајката на  пратеникот Костадин Костадинов во Централен регистер, но не е утврдено влијание при вработувањето на ќерката на Талат Џафери, Бесијана Џафери во ЕЛЕМ.

„Немало наменска измена на огласот или креирање на работно место за вработување на ќерката на Џафери во ЕЛЕМ. Таа имала повисоко образование од останатите пријавени кандидати и познавала повеќе странски јазици“, кажа претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

Непотизам не е утврден ни при вработувањето на сопругата на градоначалникот на Неготино во основно училиште.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе