Антикорупциска уште чека одговори за набавките во ДИК и за ДУП-от кај Холидеј Ин

Институциите треба да бидат проактивни кога се работи за предмети кои се од особен јавен интерес. Антикорупциската комисија сѐ уште чека одговори по нивните иницијативи од Јавното обвинителство, како и по иницијативите за разрешување на одговорни лица, за ограничување на дискреционите права на одговорните лица за вработување и многу други препораки за кои чекаат да се имплементираат, а се во насока на подобрување на системот воопшто, изјави денеска директорката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска.

Како што кажа на денешната прес-конференција, одговори чекаат за предметот за јавните набавки во ДИК, кој е даден уште во 2019 година, а за деталниот урбанистички план кај Холидеј Ин предметот е даден уште пред шест месеци и сѐ уште нема разрешница.

„Сметам дека тоа е од особен јавен интерес, за кој што треба Основното јавно обвинителство да се произнесе, бидејќи има низа такви детални урбанистички планови кои што се донесени на ист начин. Од друга страна сметаме дека оценката на Уставниот суд досега требаше да ја добиеме. Уште летото го дадовме предметот за оценување на уставноста на законот поврзан со Бехтел и Енка“, информираше Ивановска.

Прашана да појасни за какви обиди на дискредитација на работата на ДКСК станува збор, Ивановска рече дека „сме сведоци на честите изјави во јавноста од поединци, професори и луѓе кои се сметаат за компетентни да приговараат“, посочувајќи дека тие не мора секогаш да се носители на власт, како и на малата примена, од само 30 проценти, на препораките и мислењата кои ги дава ДКСК.

„Медиумите се сведоци на сите случувања и на честите изјави во јавноста од поединци, кои што сакаат да ја дискредитираат работата на оваа Комисија велејќи дека ‘ги надминува своите надлежности‘ или дека ‘не е доволно стручна и компетентна‘. И самото непочитување на сите мислења и препораки што ги имаме дадено, на еден начин претставува дискредитација на работењето на Комисијата“, рече Ивановска.

За годишниот извештај, Ивановска посочи дека повторно прават оценка на тоа колку од препораките им се прифатени, нагласувајќи дека последниот пат, тоа било само 30 проценти од препораките.

„Нормално дека тоа не е доволно. Мислам дека клучни препораки не беа прифатени. Клучни мислења, кои што беа можеби одлучувачки за некои состојби“, појасни Ивановска.

Таа говореше за извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата во кој се нотира напредокот во делот на борбата против корупцијата и судирот на интереси и се оценува дека ДКСК е особено проактивна во превенција на корупцијата и во отворање голем број предмети, вклучително на оние кои се однесуваат на високо ниво на службеници.

Според Ивановска, ова е директна потврда за оправданоста на активностите преземени во претходниот период и ажурноста на Комисијата во овој состав, која преку својата работа и залагање за правилно разбирање на принципите и доследно владеење на правото направи сериозен исчекор во сегментот во кој работи.

Таа уште кажа дека во извештајот од ЕК се наведува дека треба да продолжат, но и да се зајакнат заложбите за поддршка и на останатите релевантни институции за борба против корупцијата, како и да продолжат заложбите за подобро функционирање на оваа институција особено преку обезбедување доволно средства за вработување на стручен кадар, како и доследна примена на Националната стратегија од страна на државните институции.

За оваа година, како што кажа, во ДКСК се предвидени 16 нови вработувања, но на барање на Министерството за финансии да се коригира планот, скратени се две работни места, кои ќе успеат да се обезбедат следната година.

„Обезбедувањето услови за работа е особено важно ако се има предвид дека досега процесите за обезбедување просторни, материјални и човечки ресурси се одвиваа многу бавно, па така дури во третиот квартал од третата година на мандатот на Комисијата оваа институција се пресели во нови простории и доби седум нови вработувања. Оваа состојба влијаеше на отежнато исполнување на зголемените надлежности дефинирани со новиот закон за спречување на корупција и судир на интереси“, рече Ивановска.

Но сепак, додаде таа, ДКСК успеа да  испорача резултати целосно различни од минатото, иако работеше во сосема исти услови, како и претходните комисии.

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе