Нови сомневања

Антикорупциска има пријава од Милчо Манчевски за работењето на Горјан Тозија како директор на Агенцијата за филм

Државната комисија за спречување на корупција води истраги по неколку пријави што ги добиле против Горјан Тозија, директорот на Агенцијата за филм. Една од пријавите е поднесена и од режисерот Милчо Манчевски, ни потврдија од ДКСК.

Во ДКСК има и пријава од приватно лице од Тетово за повлечени пари од една продукциска куќа, како и за договорот со хрватски филмски работник и „дебелиот“ хонорар за него, за што МКД.мк веќе пишуваше уште во мај минатата година.

Од ДКСК велат дека се води сериозна истрага, дека се побарани документи од Агенцијата за филм, од Министерството за култура, дека веќе било разговарано со повеќе лица засегнати од сето ова и дека кога ќе биде комплетна целата документација, ќе се донесе одлука во врска со наводите за наводна корупција.

Главното сомневање за нелегално и коруптивно работење на Тозија се однесува на одлуката на почетокот на коронакризата на 27 филмски проекти да им се исплатат парите, за да им „се помогне на независните филмски работници (фриленсери) и продуцентските куќи во време на коронакриза“.

„Директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија во рамките на своите надлежности презеде мерки за помош на независните филмски работници (фриленсери) и продуцентските куќи. По препораките на Владата, во договор со претседателот на Друштвото на филмските работници Игор Иванов, а по конструктивната средба со министерот за култура, Хусни Исмаили во рамките на своите законски овластувања, Агенцијата за филм, од средствата од годишниот буџет, пристапи кон исплаќање на веќе започнатите филмски проекти, кои се во поодмината фаза на реализација, односно оние што се завршени или се пред завршување. Спроведувајќи ја оваа мерка Агенцијата за филм во изминативе два работни дена исплати вкупно 27 филмски проекти“, соопшти на 24 март Агенцијата за филм.

Прашањето е дали Управниот одбор го одобрил начинот на кој директорот потрошил педесетина милиони денари од (државниот) буџет на Агенцијата во периодот март-април.

Александар Касапинов, претседателот на Управниот одбор на Агенцијата, вели дека тие последна одлука за распределба на средства донеле во февруари за филмски фестивали и дека од тогаш нема никакви исплати на пари. Касапинов во изјава за МКД.мк тврди дека во Агенцијата се работи според македонските закони и дека нема никакви незаконитости и коруптивни дејства.

Сомневањата се сведуваат на тоа дали овие 27 проекти ги задоволиле условите пропишани со Законот за филмска дејност, дали ја комплетирале претходната фаза на развој/претпродукција и дали поднеле банкарска гаранција за наредната рата од исплатата. Има сериозни сомневања дека ништо од ова не било исполнето, а парите биле исплатени без банкарски гаранции. Вонредната состојба не може да биде алиби за директорот да ги злоупотребува овластувањата. Законот за филмската дејност вели дека корисникот на средства (продуцент) е должен по секоја фаза од реализацијата на филмскиот проект до Агенцијата за филм да доставува извештај за потрошените средства и тоа е услов за добивање на средства од Агенцијата за следната фаза на филмскиот проект. Со овие наводни прекршувања на Законот, се влијае и на тековната селекција на филмските проекти доставени на конкурсот затоа што се фаворизираат проекти кои не ги исполниле сите претходни обврски.

Против Тозија има и кривична пријава за кршење на авторските права за дистрибуцијата на филмот „Ослободување на Скопје“.

А.Д.

 

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе

Ако идниот премиер биде македонски Албанец и ако успее сите граѓани на Македонија да се поклонуваат под едно знаме, тогаш – зошто да не!

повеќе

Стана премногу вообичаено да се слушнат повици за брза и сериозна одмазда како одговор на недокажани престапи на говорот и мислата, велат Ноам Чомски, Џ.К. Роулинг и 150 други интелектуалци во отворено писмо до јавноста.

повеќе