Интервјуто на македонскиот премиер Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС може да е игра на политичката сцена, рече за Бугарското национално радио Ангел Димитров, копретседавач на македонско-бугарската заедничката мултидисплинарна комисија за историски и образовни прашања.
Според него, луѓето во Северна Македонија треба да се замислат колку и на каков безумен начин се одалечуваат од своето минато. Димитров вели дека за да се земе кажаното како сериозно, треба да има и нешто посериозно, како меѓународно-правен документ, пренесува Радио Слободна Европа на македонски јазик.
Тој вели дека тоа што го кажа Заев треба да биде внесено и во официјален документ во кој јасно ќе се нагласат новите позиции, кои што вели, се во согласност со Договорот за пријателство и добрососедство.
Копретседавачот на комисијата вели дека тие документи треба да бидат усвоени и од македонското Собрание, но дека со актуелната политичка конструкција и несигурноста на владејачката структура не е јасно како тоа би се случило.
Димитров е категоричен дека откако Заев го направи тој чекор, да признае дека двете земји имаат заедничка историја и дека Бугарите не се фашистички окупатор, треба неговата партија да направи напор, чекор напред, а не , како што вели, ова да остане да виси во воздух.
„Ако не се најде медиумска поткрепа на веќе кажаното од Зоран Заев ќе биде тешко да се остане на овие позиции" рече Димитров за БНР.
Тој додаде дека по новиот развој на настаните во Скопје и тонот на разговорот во заедничката комисија ќе биде емотивен од страна на македонскиот тим. Тој тврди дека тие секогаш ги користат репликите разменети на политичко ниво за да создадат тон кој секогаш не е академски.
Инаку следниот состанок на заедничката комисија треба да се одржи, идната недела, на 3 и 4 декември, а ќе биде онлајн поради пандемијата.