Делегација на македонската Влада во која се националните координатори Марјан Забрчанец и Нола Исмајлоска Старова и советникот на премиерот за надворешна политика Едмонд Адеми имаше работна средба во Вашингтон со Габриел Ескобар, заменик помошник на државниот секретар и специјален претставник за Западен Балкан на САД, во рамки на студиската посета во САД на регионалната координативна група на иницијативата „Отворен Балкан“.
На средбата, како што информира владината Прес-служба, претставниците на „Отворен Балкан“ од Македонија, Албанија и Србија со претставниците на Стејт департментот на САД разговарале за важноста на регионалното поврзување и на слободното движење на луѓе, капитал, добра и услуги. Тие уште еднаш ја потврдиле отвореноста на иницијативата за приклучување на Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово во иднина.
Иницијативата „Отворен Балкан“ беше оценета како соработка која дава конкретни резултати, која е препознаена од граѓаните, компаниите и институциите и која е на линија со европските политики и регулативи.
„Западен Балкан има недвосмислена европска иднина, земјите од регионот треба да станат членки на Унијата во разумен рок, бидејќи со тоа ќе донесат нови можности за Европа“, било истакнато за време на состанокот.
Во рамки на студиската посета која е во организација на Атлантскиот совет од САД, претставниците на „Отворен Балкан“ од Македонија, Албанија и Србија имаат средби и со претставници на Американскиот сенат, како и со претставници на меѓународните организации НЕД, НДИ и ИРИ.