Американската „црна листа” надградена и проширена, но засега без нови имиња

Американските санкции се „проширени и надградени” со Таргетирање на корупцијата, кршење на човековите права и закани за демократијата во регионот на Западен Балкан, но нови имиња на листата засега не се најавуваат. 

„САД сметаат дека корупцијата е закана за економската еднаквост, глобалните напори за развој и за борба против сиромаштијата, како и за самата демократија”, вели во изјавата државниот секретар Ентони Блинкен. 

Со Извршната наредба на претседателот на САД, Џо Бајден се прошири опсегот на вонредни мерки за регионот на Западен Балкан, што опфаќа и замрзнување на имотот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор и нивното спроведување и ги поткопуваат мирот и регионалната соработка. 

Но, како што изјавил портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс за Гласот на Америка, САД сѐ уште не најавуваат нови имиња опфатени со Извршната наредба на претседателот.

„Но, оваа алатка ќе ни озвозможи да ги адресираме најитните закани за стабилноста и напредокот на демократските институции“, рече Прајс.

Според него, САД се посветени да ги промовираат демократијата, транспарентноста, одговорноста и демократското владеење низ Западен Балкан, во согласност со стандардите што државите мора да ги постигнат за да ја исполнат нивната цел за напредок на европскиот пат.

Извршната наредба ќе опфаќа и лица кои директно или индиректно се вклучени во корупција, злоупотреба на јавни фондови, поткуп и слично.

Администрацијата на претседателот Бајден, на почетокот на јуни, официјално ја прогласи борбата против корупцијата клучна за националната безбедност на САД.

На листата на санкции на Одделот за финансии на САД, сега се наоѓаат Љубе Бошковски, Мендух Тачи, Џеват Адеми, Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени. Повеќето од нив се ставени на оваа листа за време на администрациите на Бил Клинтон и Џорџ Буш.

Наредбата на Бајден за санкциите предизвика реакции на домашната и на меѓународната политичка сцена, со толкување на упатените пораки преку оваа постапка.

Но, од Европската унија не ја коментираа одлуката на Бајден и велат дека не планираат слични санкции.

Како што јави МИА од Брисел, Петер Стано, портпарол за надворешна политика во Европската комисија, одговори дека Брисел не ги коментира одлуките на САД и истакна дека ЕУ има сопствени ангажмани на Западен Балкан, како последната  „силна дискусија" во Советот за надворешни работи на ЕУ и одлуката редовно да се одржуваат неформални вечери со лидерите на земјите од регионот.

„Нашиот ангажман е силен, но можни санкции не се на дневен ред, она што треба да се каже е дека секоја одлука на режимот на санкции е прашање на едногласност помеѓу земјите членки на ЕУ и доколку земјите членки се усогласат за режим на санкции ќе се процесуира, но темата не е на дневен ред", изјави Стано.

Од македонската Влада наредбата на Бајден ја оценија како порака за сите што ги блокираат процесите, но и охрабрување и мотивација.

 

Kога веќе треба да се држи комбинирана настава, колку и да е комплицирана таа „равенка“, во неа не смее да се забораваат децата кои учат онлајн.

повеќе

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе