Амбасадорот Која ги повика сите институции да стават крај на дискриминацијата

Борбата со дискриминацијата се однесува на целото општество, не само на една институција или одредена група. Оттаму, ги повикувам сите државни и недржавни чинители целосно да се вклучат и да преземат одговорност во постигнување еднаквост и ставање крај на дискриминацијата. Сите ние треба да се обврземе дека ќе прифатиме став на нулта толеранција кон дискриминацијата, порача Клеменс Која, амбасадор на ОБСЕ во Скопје. Тој потсети на податокот дека секој трет граѓанин пријавил дека бил дискриминиран.

На отворањето на Шестата регионална конференција на телата за еднаквост на Југоисточна Европа, која денеска и утре се одржува во Собранието, Која посочи дека анкетатата на ОБСЕ – Евробарометар, што се спроведува од 2018, покажува дека секој трет испитаник пријавил дека бил дискриминиран најмалку по еден основ, додека 40 проценти од испитаниците се изјасниле дека биле сведоци на нечија друга дискриминација.

„Резултатите од анкетата, исто така, покажуваат дека од вкупниот број жртви, во просек половина од нив доживеале дискриминација на повеќе основи, а најзастапена е дискриминацијата по основ на политичка и етничка припадност. Покрај тоа, една третина од испитаниците рекле дека не би барале заштита од институциите доколку доживеат дискриминација. Ова за нас е прашање на голема загриженост. За да се помогне во поправање на оваа ситуација, Мисијата и натаму останува посветена за да ги поддржува политиките, законската рамка, јакнење на националното тело за еднаквост, меѓуинституционаната соработка и поддршка на активности за подигнување на јавната свест“, истакна амбасадорот на ОБСЕ.

Потсетувајќи на принципот дека сите луѓе се еднакви пред законот, имаат право, без дискриминација, на еднаква заштита со закон, Која рече дека Мисијата на ОБСЕ има силна соработка со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Од најголемата важност е, рече тој, Комисијата да ги добие сите неопходни ресурси за да може ефективно да функционира и дека спроведувањето на нејзините препораки е исто така важен елемент во борбата со дискриминацијата, а на тоа соодветно внимание треба да посветат јавниот и приватниот сектор.

„Таа е се уште релативно млада институција и оттаму Мисијата ги посветува своите ресурси на поддршка со цел да се унапреди и развие натамошната работа во оваа област. Мисијата цврсто верува дека едно независно ефективно тело за еднаквост ќе ја зајакне заштитата од дискриминација и ќе ја унапреди инклузивната еднаквост овозможувајќи создавање праведно општество. Остануваат многу предизвици, како отсуство на координација помеѓу чинителите и националната структурата за еднаквост, ограничени капацитети и ресурси, низок степен на свесност во јавноста особено кај ранливите групи, што доведува и до недоволно пријавување на случаите на дискриминација“, додаде Која.

Добредојде на учесниците од телата за еднаквост во ЈИЕ им посака претседателот на Собранието Талат Џафери, кој истакна дека дискриминацијата е предизвик пред кој може да се најде секој поединец во секоја можна животна ситуација – може да биде во улога на директен или индиректен дискриминатор, или, пак, да биде дискриминиран.

Игор Јадровски, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, на отворањето на работниот дел од дводневната регионалната конференција, истакна дека соработката на телата за еднаквост од ЈИЕ со размена на искуства и најдобри практики се клучен аспект во нивното зајакнување во спречување и заштита од дискриминација.

„Сигурен сум дека на оваа динамична конференција ќе размениме вредни искуства и практики за три исклучително важни теми за телата за еднаквост – нивната улога во судските постапки, во стратешкото застапување и преминувањето на товарот на докажување во судските постапки за заштита од дискриминација и во постапките пред телата за еднаквост“, рече Јадровски.

Посочи дека КСЗД е најново и најмладо тело за еднаквост во регионот и дека се уште ги презема своите први чекори во вклучување во судски постапки за заштита од дискриминација и стратешко застапување.

„Сепак, и во досегашното скромно искуство во остварувањето на овие законски надлежности, можеме да се пофалиме со судска пресуда со која се утврдува дискриминација врз лицата со попреченост при остварување на нивното право на глас“, рече Јадровски, додавајќи дека тоа е прва историска пресуда во постапка иницирана со тужба од јавен интерес, во која КСЗД се вклучила со поднесок.

КСЗД ја организира Шестата регионална конференција на телата за еднаквост на Југоисточна Европа во соработка и под покровителство за Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Учествуваат претставници на телата за еднаквост на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Словенија, Србија и Хрватска, како и од други национални институции, организации и експерти кои работат во областа на еднаквоста и недискриминацијата.

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе