Прес-конференција на Заев и Гаши

Алтернатива ги доби Министерството за здравство, за информатичко општество, неколку заменички места, МЕПСО, ФЗО...

Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција соопшти дека постигнале договор со Алтернатива која го добива Министерството за здравство, Министерството за информатичко општество, заменичките места во образование и култура, како и МЕПСО, ФЗО, Транспорт и железници, Клинички центар Тетово.

„Заедничка констатација е дека не ни се потребни предвремени или вонредни избори кои само би ја турнале државата во криза. На нашата татковина ѝ треба мирен и стабилен период. Нема да има вонредни избори за да има стабилност. Алтернатива ќе раководи со Министерството за здравство, ќе има повеќе министри без ресор, министер за информатичко општество, како и заменици во обрзование, култура.. Ќе ги добие и управувачките органи во МЕПСО, ФЗО, Транспорт и железници, Клинички центар Тетово...", изјави Заев.

Тој додаде дека со постигнатиот договор се испорачува стабилност. 

„Постигнавме договор и испорачуваме стабилност. Новото мнозинство е одговор на државата и предизвиците и е постигнат со консултации. Се здруживме околу заедничката определба дека во овие моменти е најважно институциите да функционираат со полн капацитет. Посигнат е договор и имаме мнозинство кое ќе работи на наоѓање на решенија со Бугарија, членство во ЕУ, справување со пандемијата и енергетската криза. Едногласни сме дека на државата ѝ е потребна Влада која испорачува резултати во интерес на граѓаните. Само така може да очекуваме почеток на преговори до ЕУ и Бугарија... Во Северна Македонија има стабилно мнозинство и подготвени сме да го надминеме проблемот. Се водевме од императивот да се стави крај на опструкциите во Собранието", изјави Заев.

Земјата излегува од политичка криза, констатира претседателот на Алтернатива Гаши и истакна дека од вчера парламентарното мнозинство е зголемено, стабилизирано и проширено.

Шеесет и четири пратеници ќе бидат од парламентарното мнозинство и ќе работат искрено и сериозно, со цел да се излезе и од здравствената, и од енергетската и од економската криза, во која сите ние се наоѓаме и ја чувствуваме, изјави Гаши.

Според него, Алтернатива била исправена пред многу тежок период и предизвикот дали да продолжи таму каде што е или да придонесе во историскиот процес за отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ. Примарно било да бидат во функција и во интерес на државната и регионалната стабилност и во интерес на Албанците и на сите граѓани во нашата држава.

Гаши ги престави деветте точки односно договорените принципи и начела со кои ќе се надгради односно дополни владината програма.

Тие се однесуваат најмногу на европските интеграции, на економскиот добробит за народот, на рамномерниот регионален развој, правната држава и на брзата и квалитетна испорака на услуги кон граѓаните од страна на институциите.

Инаку, договорено е и Владата на Република Северна Македонија да ги мобилизира сите капацитети на државата и општеството со цел отворање на преговорите со ЕУ, успешно комплетирање на сите поглавја и полноправно членство во ЕУ како стратешка цел, во најкус можен временски рок.

Владата ќе испрати официјално барање до Европската Комисија со кое ќе побара тим од независни експерти кои ќе извршат меѓународна истрага на процеси за кои постојат сомневања дека врз нив било вршено политичко влијание, како што се: Монструм, Алфа, Диво Насеље, Малиот Алмир, беше кажано на прес-конференцијата.

Владата ќе усвои и нов Закон за рамноправен регионален развој и ќе работи на отстранување на сите пречки за да овозможи развој и на Липковскиот регион со цел овој регион да стане рамноправен и еднаков со сите други региони во државата во однос на развојните компоненти.

Согласно договорот, Владата ќе развива и имплементира политики за унапредување на правата и интересите на сите индивидуи и заедници во земјата и дополнително за поддршка на семејството како една од суштинските компоненти на општествениот живот.

Ќе се направи и анализа на вкупните закони и политики во однос на борбата против криминалот и корупцијата и истите ќе ги унапредува во насока на поефикасно спроведување.

Ќе се редефинира и Законот за извршители водејќи се пред се од барањата на граѓаните, со цел да биде во поголема функција на нивните интереси , а потоа и на интересите на институциите.

Владата ќе иницира процес на градење Национална стратегија за развој и подигнување на квалитетот во образованието, во кој ќе настојува да учествуваат сите чинители од образовниот процес, како и политичките партии, граѓанските организации и меѓународни институции, а во меѓувреме Владата ќе испрати и официјален повик до меѓународните институции за евалуација на домашните високообразовни институции.

Во договорот со Алтернатива стои и дека Владата ќе застане во економска заштита на населението и нема да дозволи поголемо покачување на цената на струјата од 20 проценти во текот на 2022 година, преку субвенционирање на граѓаните и компаниите и други економски мерки.

Владата ќе работи и на зголемување на квалитетот, ефикасноста и експедитивноста на испораката на услуги кон граѓаните и на реализацијата на проекти на сите нивоа, преку зголемување на нивото на одговорност кое носителите на јавни функции и државните службеници го преземаат пред граѓаните.

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе

Грејната сезона заврши во месец април како и секоја година, но последнава беше со многу проблеми кои произлегоа од енергетската криза, од војната во Украина и генерално од светската економска криза.

повеќе

Откривањето на минатото ни помага многу да ги научиме изненадувањата на иднината.

повеќе