Алфа, Телма и Канал 5 сакаат да ја емитуваат подзаборавената ТВ серија за Кочо Рацин

Откако на 25 август МКД.мк го објави текстот со наслов „Македонските телевизии одбиваат да пуштат серија за Кочо Рацин, ги претпочитаат турските серии“, во редакцијата се јавија одговорните лица на неколку македонски национални телевизии да демантираат или да појаснат дека таква понуда не ни добиле и дека се подготвени, во договор со продуцентот, без никакви резерви да ја емитуваат ТВ серијата „Црвениот поет“.

Сцена од „Црвениот поет“

Се работи за телевизиска серија од 10 епизоди за животот на македонскиот поет и револуционер Коста Солев Рацин која е готова од пред пет години, уште во септември 2017 година. Продуцент на серијата е Сектор филм, а беше финансирана од Агенцијата за филм на Македонија. Во изјава за МКД.мк продуцентот Владимир Анастасов од Сектор филм изјави дека серијата била понудена на повеќе македонски телевизии со национална концесија, но досега не добил позитивен одговор. „Не знам дали станува збор за тивка цензура или за навистина неможност на националните телевизиски концесионери да ја прикажат серијата ‘Црвениот поет’ во ‘прајм тајм’ поради турските серии што редовно се емитуваат во тој термин. На Македонската телевизија неколку пати ѝ беше нудена оваа серија, но и од таму нема никаков одговор“, рече во изјавата за МКД.мк Анастасов.

Први се јавија од ТВ Телма кои рекоа дека таква понуда не добиле и дека се подготвени да ја емитуваат серијата. Во разговорот со Јани Бојаџи од ТВ АЛфа исто така ни беше речено дека и тие не добиле таква понуда и дека немаат никакви резерви да ја емитуваат ТВ серијата.

Вчера добивме и демант од директорот на Канал 5 Иван Мирчевски кој вели дека се работи за шпекулативни и невистинити заклучоци и клевети: „Продуцентот Анастасов никогаш не стапил во контакт со мене, како директор на Канал 5 ТВ,  ниту ја понудил серијата, која интересно, веќе 5 години е ‘во фиока’ иако е комплетно завршена, а не е емитувана на ниту една национална ТВ станица. Значи – Канал 5 ТВ не ја одбил серијата и истата со задоволство ќе ја емитуваме доколку продуцентот ја понуди под разумни услови“, вели Мирчевски.

Во повторниот разговор, Анастасов пак ни рече дека серијата била понудена на повеќе телевизии со национална концесија и дека по написот во МКД.мк бил контактиран од неколку од нив со кои во тек се разговорите за емитување на серијата.

Инаку ТВ серијата „Црвениот поет“ има 10 епизоди и е финансирана од Агенцијата за филм. Националната телевизија МТВ најпрво прифатила да ја емитува серијата, но, како што велат, „поради недостаток на средства“ не успеале да се договорат со продуцентот.

Серијата е завршена еден месец по потпишувањето на Договорот за пријателство со Бугарија. Во серијата има сцени на измачувањата на Рацин од бугарски фашистички иследник за време на Втората светска војна, има сцени за Првото заседание на АСНОМ, за Панко Брашнаров...

Според најавите, наскоро на една од македонските телевизии ќе биде прикажана оваа серија.

А.Д.

Легенда под Главна слика

Сцена од „Црвениот поет“

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе