Ал џезира: Прислушуваните материјали од „бомбите“ се автентични

По направените анализи, германска лабораторија ангажирана од „Ал џезира“ потврдила дека прислушуваните снимки што ги објавува опозицијата се автентични.

Конкретно, „Ал џезира“ тврди дека не е монтирана снимката со разговорот меѓу премиер Никола Груевски и бившиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Таа е една од низата снимки што наводно го инкриминираат премиерот Груевски, а за која „Ал џезира“ побарала анализа за автентичност од германската лабораторија „Тонамбуланк“.

Во спорниот разговор, како што објави „Ал џезира“, Груевски и Јанакиески наводно договараат провизија од кинеска компанија што гради автопат во Македонија.

Аудио експертот Фабиан Шерер анализирал исклучиво дали се работи за монтирана снимка. Предмет на анализа не било кому припаѓаат разговорите, односно дали е тоа Груевски или Јанакиески на снимките. По седумчасовно вештачење дошол до следниот заклучок:

„Мое мислење е дека се работи за оригинал. Не можете да бидете 100 проценти сигурни, но 99 отсто е сигурно дека снимката е оригинал. Некои силни факти токму на тоа укажуваат“, вели експертот Шерер за „Ал џезира“.

Како што вели, постојат два тонски канала, кои многу тешко е да се лажираат. Раздалеченоста од доцнењето од едниот канал до другиот е постојано иста.

„Кога тоа би се монтирало, доцнењето би се менувало и мислам дека овој е дефинитивно оригинален“, вели Шерер.

Квалитетот на снимките, смета тој, упатува на тоа дека разговорот е снимен со професионална опрема. Се работело за изразито чист глас, додека од другата страна можело да се слушне шум. Како што вели, тој формат од 8.000 битови е карактеристичен за професионална опрема, со што донесува заклучок дека се работи за професионална снимка.

„Во овој разговор константо се менуваат нивото и интензитетот на гласноста, така да ова е прилично тешко за лажирање“, потенцира Шерер за „Ал џезира“.

 Од „Ал џезира“ потсетуваат дека опозициската СДСМ објавува серија прислушувани разговори и ја обвинува власта за корупција, злоупотреби на положбата и местење избори.

Сферата на локалните јавни финансии претставува многу погодно поле за соработка на локалната власт со приватниот сектор.

повеќе

Драги пратеници, помислете добро пред да притиснете копче за двојазична Македонија.

повеќе