Реакции по најновите условувања од Софија

„Aко има Бугари во Уставот на Македонија, треба да има и Македонци во бугарскиот Устав“

Преговорите со Бугарија треба веднаш да се прекинат, затоа што нејзините барања кон Македонија се спротивни на меѓународните конвенции, изјави вчера академик Катица Ќулавкова по најновите условувања од Софија за наводната угнетувачка политика на Македонија кон македонските Бугари. И организациите на Македонците од Бугарија реагираат и велат дека во случајов е неопходен реципроцитет – ако Бугарите во Македонија можат да кажат и да се попишат дека се Бугари, тоа право мора да го имаат и Македонците во Бугарија.

Академик Катица Ќулавкова вели дека по неодамнешните барања на бугарската страна, земјава нема гаранции дека ќе започне преговори со ЕУ. „И да имаме, мислам дека треба да се зачлениме на начин да не се самонегираме и да бидеме преседан, значи непримерен во човештвото“, рече Ќулавкова.  

Таа вели дека ние се претворивме во преседан на Балканот, затоа што сите други држави се национални, а Македонија е мултиетничка. Однесувањето на бугарските политчари е недозволиво и не треба треба да се прифати Бугарите да влезат во Уставот, смета Ќулавкова.

Со ова не се согласува премиерот Зоран Заев. Тој повтори дека вклучувањето на Бугарите во Уставот не е проблем. „Република Бугарија во својот Устав, за разлика од нас, не признава организирање на граѓани врз основа на етничка припадност. Затоа, реципроцитетот во овој случај не е возможен. Северна Македонија е обврзана со договор дека нема да се меша во внатрешната организација на Република Бугарија, односно во овој случај во уставниот поредок“, вели Заев.

Првиот човек на МАНУ, Љупчо Коцарев, на вчерашното одбележување на Денот на Македонската академија на науките и уметностите изјави дека ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европска интеграција. „Непромислените политички одлуки на државниот врв, водат кон губење на македонскиот идентитет. Така што ЕУ ќе нема што да интегрира, а Македонија што да одбележува и слави“, ја оценува Коцарев политиката на актуелната Влада. 

За преговорите со Бугарија, Коцарев бара широк политички консензус и изготвување на нов документ во кој со консензус ќе бидат прецизирани црвените линии од кои нема да има отстапки.

„Ако во изминатите 30 години бевме сведоци на ерозија и на уништување на македонската држава, вклучувајќи ги тука науката, уметноста, културата, образованието, здравството, судството, економијата, јавната администрација, македонската мисла и интелигенција или кажано со еден збор сѐ, тогаш неминовно се наметнува прашањето, како понатаму? Ако секоја досегашна влада нудеше сѐ понови и сѐ  поиновативни пристапи во разнебитувањето на македонската држава, зарем не е време да се каже - вака повеќе не може“, вели Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ.

Главното прашање е зошто Бугарија одбива да го признае постоењето на македонското малцинство во Пиринска Македонија, кое е домородно население. А за овој случај има веќе и 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права кои земја членка на ЕУ, како што е Бугарија, со години одбива да ги спроведе. Реципроцитетот во овој случај мора да се примени, сметаат експертите. Академик Ќулавкова вчера порача дека не постои цел која може да ги оправда средствата, кои се спротивни на сѐ што е предвидено во меѓународното право, а тоа значи отстапување на легитимното право на самоопределување и толкување на сопствената историја.

Од ОМО Илинден Пирин, нерегистрираната партија на Македонците во Бугарија велат дека Македонците и Марсовците имаат ист статус во Бугарија.

Пописно ливче на кое Македонец од Пиринска Македонија инсистирал попишувачот да напише Македонец

Во Бугарија исто ти се фаќа, дали си попишан како Марсовец или Македонец, ниту едното ниту другото не се признава, вели во изјавата за ТВ Сител Стојко Стојков копретседателот на ОМО Илинден Пирин. „Веќе 60 години политика на Софија е дека нема македонско малцинство. Така е на секој попис, па и на овој кој за два дена треба да заврши во Бугарија. Посебна графа Македонец нема. Граѓаните можат да се попишат како Бугари, Турци, Роми или да се определат под графата други во која теоретски можете да се изјасните како Македонци, но во пракса тоа е речиси невозможно поради манипулации од страна на попишувачите кои најчесто инсистираат дека македонска народност не постои“, вели Стојков.

Софија и покрај ваквото негирање на се што е македонско бара од Скопје да го почитува правото на Бугарите за самоопределување, а тие да влезат во македонскиот Устав. Се работи за двојни аршини на бугарската политика, велат Македонците во Бугарија.

На последниот попис во Бугарија во 2011 година како Македонци се пребројани 1.654 лица. Најмногу Македонци биле пребројани во 1956 година – 187.789, а веќе на следниот попис во 1965 година, под влијание на репресивниот комунистички режим на Тодор Живков, нивниот број паднал на девет илјади. Македонија со Договорот за добрососедство се обврза да не се меша во начинот на кој Бугарија го третира и попишува македонското малцинство.

А.Д.

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе