Аристотелис Ѕиамбирис, професор по меѓународно право на Универзитетот во Пиреја

Ако Грција го блокира членството во НАТО под „БЈРМ“, може да се соочи со втора осуда од Судот во Хаг

Она што треба да се има на ум е дека спорот за името трае повеќе од четврт век, а во изминатите години стана уште полош и потежок. Влошувањето беше поради проектот Скопје 2014, поради антиквизацијата, но и поради реториката на поранешната влада од какви било причини, што не го правеше полесно наоѓањето решение. Факт е дека прашањето е сериозно и создава проблеми и грижи, оценува за МКД.мк професорот по меѓународни односи Аристотелис Ѕиамбирис од Универзитетот во Пиреја. 

Проблемот е долготраен, но факт е дека е крајно време нешто да се направи...

-Има две важни работи што треба да се споменат. Една е релативно лесна и брза, а другата е подолгорочна и потешка, интеграцијата на земјата во ЕУ и во НАТО. Првиот процес ќе трае долго, можеби и 15 години, и ако нема решение за спорот за името, Грција ќе може секогаш да блокира, за секое поглавје, ако се отворат преговори за членство. И за тоа нема никаков притисок.

Но сосема поинаква работа е членството во НАТО и тоа може да биде многу побрзо и делумно автоматски, а придобивките да се добијат веднаш.

 

Можно ли е тоа брзо зачленување во НАТО?

-Секако дека е можно, бидејќи Западот е заинтересиран за нова членка на НАТО. Сега членките од Западот се заинтересирани за нов член на НАТО од две причини: едната е да се стабилизира земјата, која мина низ многу превирања. Тука се случувањата во парламентот во април, целокупниот изборен процес. Се работи за поделена земја, и тоа не само етнички, туку подлабоко. Од тој аспект, членството во НАТО може да ја стабилизира земјата, а освен тоа Албанците се многу заинтересирани за тоа.

Истовремено, не треба да се занемари и зголеменото руско влијание во регионот, како втора причина. Тоа е факт. Со приклучувањето на земјата кон НАТО се ограничува руското влијание на Западен Балкан во блиска иднина.

 

Велите дека е можно брзо зачленување на Македонија во НАТО, но последните изјави од грчките политичари се дека нема да дозволат влез на земјата во НАТО со привременото име?

-Кога се говори за блокада од страна на Грција, морам да кажам дека има големо недоразбирање, особено во грчката јавност, за она што се случи во Букурешт во 2008 година. Грција не стави вето, туку прашањето за членството не дојде до гласање. Грција го блокираше членството, но не со вето. Друга работа е што Владата на Груевски, и покрај советите од повеќе европски земји, не аплицираше за членство со привремената референца, туку со уставното име. Тоа беше „подарок од Бога“ за грчката страна и е една од причините зошто не се ни стигна до гласање. Факт е дека ниту една грчка влада

нема да гласа за членство под уставното име. Но не треба да се заборави дека гласање немаше и поради некои сојузници на Грција.

Во врска со последните изјави на грчките политичари дека нема да дозволат влез со Бивша југословенска Република Македонија, треба да се каже дека Привремената спогодба ќе биде проблем за Грција. Ако бев советник на грчките власти, ќе им речев дека ако сакаат да блокираат влез со „БЈРМ“ тогаш треба сериозно да размислат да се повлечат од Привремената спогодба, и тоа со претходна најава. Како професор можам да кажам дека ако Грција блокира или стави вето на членството со употреба на БЈРМ, според Привремената спогодба, ризикува втора осуда во Хаг и тоа е прашање за кое Грција треба да размисли.

Подобриот начин би бил да се постигне договор за името пред членство во НАТО.

Но мора да се спомене дека кога се зборува за постигнувањето договор за името, се влегува и во светот на домашната политика. Грција влегува во период на веројатни избори за 12-14 месеци, со националистичка партија во коалициската влада, а освен тоа, политичката реалност во двете земји покажува дека има мал простор за решение. Луѓето мора да разберат дека ако има решение за името, мора да има компромис, што значи никој да не е целосно среќен. Тоа значи дека треба да се плати политичка цена. Сепак, мора да се каже дека сега сме на суштинска крстосница, има отворен прозорец за решавање на спорот, поврзано со членството во НАТО, иако засега прозорецот е само малку подотворен.

 

Мислите ли дека ќе има притисок од меѓународната заедница врз Грција, како што се шпекулира во јавноста?

-Сигурно ќе има, и тоа огромен.

 

Од кого, од САД, од ЕУ?

-Да, апсолутно. Во последните 2,5 години Грција не трпеше никаков притисок за ова прашање поради грегзит, Грција беше ранлива и никој не сакаше да додава друго прашање што ќе предизвика нова криза.

 

Зошто мислите дека Американците би вршеле притисок, ако веќе се знае дека сегашната администрација на Доналд Трамп е поинаква од поранешните?

-Можеби е поинаква, различна, но бирократијата има континуитет. Може да мислите дека Трамп е различен барем во однос на Русија. Сигурно е дека Трамп не станува наутро и вели „леле, што ќе правиме со прашањето за името“, дури мислам дека многу е веројатно дека не знае што е тоа, но има класична ситуација во која администрацијата и бирократијата можат и играат голема улога. Нивната идеја е да се стабилизира регионот и да се намали руското влијание. За тоа зборуваме и затоа мислам дека ќе има суштински притисок.

Сигурно ќе има и притисок од ЕУ, но ЕУ е слаб играч и мислам дека она што ЕУ го нуди е 15-годишен пат до интеграција. Евентуално би можело да има притисок од Германија.

 

Зошто тогаш Грција не прифаќа членство на Македонија во НАТО ниту под референцата?

-Од грчка перспектива гледано, кога земјата ќе се приклучи на НАТО, ќе има можност да влијае на настаните и подготвеноста за компромис ќе биде мала. Кога Бивша југословенска Република Македонија ќе стане членка на НАТО, исто како и во ОН, ќе има сила на вето за секое прашање, како на пример за Грција и Егејот. Затоа велам, но ќе повторам, од грчка перспектива гледано, Атина треба да го зголеми влијанието во однос на спорот, бидејќи по членството во НАТО, тоа влијание ќе исчезне.

 

Но Грција секогаш ја има и ЕУ за блокирање...

-Тоа е на долг рок. За 15-20 години којзнае што ќе се случи со актуелните политичари, но и каква ќе биде ЕУ тогаш. А НАТО е важен сега. Од грчка перспектива сега има голема шанса да се влијае за решавање на името, а по членството тоа влијание се намалува многу, ако не и сосема. Тогаш „БЈРМ“ ќе се заканува со вета. Затоа велам дека времето не работи за Грција.

Ако не најдеме компромис, тогаш може да се случи Грција да блокира и повторно да оди на Меѓународен суд во Хаг, што нема да биде добро за грчката дипломатија и ќе има многу негативни последици.

Што треба да се прави сега, според Вас?

-Ситуацијата е деликатна и затоа мислам дека треба повеќе мерки за градење доверба. Има 20-тина, но треба повеќе и требаше да се случат уште пред десет години. Од нив може да произлезат само позитивни работи.

 

Што може да произлезе од утрешната средба на министрите Коѕиас и Димитров?

-Средбата може да биде многу корисна, особено за мерките за градење доверба. Двете земји се соседи и тоа не може да се смени. Треба да разговараат, може да се согласуваат или не за нешто, но географски предодредени се да бидат соседи и треба да разговараат. Можеби не преку изјави во јавноста, но треба да разговараат. Утрешната средба ќе биде добра можност да се види за што не се согласуваме и кои мерки треба да се преземат за намалување на јазот.

Уште една важна работа што треба да се каже е дека дури и да се согласат двете страни на некое решение, тоа нема да се случи за еден ден. Погрешно е луѓето да мислат дека спорот за името е само за името. Кое било решение за името нема да биде во два-три збора, туку ќе биде поширок текст со други прашања, некои комерцијални, а некои ќе вклучуваат и други земји како Албанија и Бугарија. Решението ќе биде пошироко отколку само името. Знаеме дека сите досегашни предлози биле на неколку страници и со многу точки. Затоа велам дека нема да се реши за еден ден, преку ноќ.

 

Какво е мислењето во Грција за новата влада на премиерот Зоран Заев?

-Генерално дека е помалку националистичка од претходната, помалку оптоварена со чувствата против Грција, поумерена, подемократска. Но има чувство дека ќе биде сериозна грешка за Грција ако смета дека владата на Заев ќе биде умерена за прашањето за името. Ако се гледа историски на неговата партија, ќе се забележи дека никогаш не се видоа напори за компромис, можеби поради политичките околности.

Во Грција се смета дека сегашните се подобри „момци“ од претходните, но не треба да има конфузија дека се лесни за компромис, без оглед дали сакаат или можат.

                                                                                               Жана П.Божиновска 

„Сметам на вас“. Со овие зборови, претседателот Макрон апелираше до граѓаните на Северна Македонија да гласаат за Преспанскиот договор на референдумот на 30 септември 2018.

повеќе

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе