Марилена Копа, поранешна европратеничка од Грција, за МКД.мк

Ако двете страни отстапат еден чекор и се согласат околу името, ќе се реши сѐ друго

Откако Никола Груевски направи кариера на прашањето за името, најпосле имаме соговорник кој изгледа посветен на наоѓањето решение, вели Марилена Копа во интервју за МКД.мк. Според неа, двете страни сега имаат вистинска волја да го решат прашањето за името и да постигнат решение со кое двете страни ќе можат да живеат. Копа е поранешна европарламентарка од Грција, сега професорка на Пантео универзитетот во Атина. До 2014 година беше членка на ПАСОК, кога ја напушти партијата поради несогласувања со ставовите на партиското раководство. 

Македонските владини претставници, вклучувајќи ги премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, имаа оптимистички изјави дека прашањето за името ќе се реши наскоро. Грчкиот министер Никос Коѕиас пред неколку дена исто така рече дека тоа ќе се реши во првата половина од 2018 година. Го делите ли овој оптимизам? 

Да, го делам. Навистина мислам дека е дојдено времето за тоа. Двете страни изгубија премногу години со овој спор. Вистина е дека името е ирелевантно за секојдневниот живот на граѓаните, но за двете страни има голема симболична вредност. Сепак, грчката влада се чини посветена на наоѓањето решение. Да се надеваме дека конечно ќе може да зборуваме за напредок. 

Може ли да очекуваме решение во наредниот период или ќе зборуваме за истото прашање и во наредните 10 години?

Верувам дека денеска двете страни имаат вистинска волја да го решат прашањето. Тоа е и неопходен чекор за вашата земја да напредува кон евроатлантските институции, а за мојата земја да престане да биде дел од „балканскиот проблем“, туку да биде дел од решението. Многумина од нас сакаат договор без победници и поразени и решение со кое двете страни ќе можат да живеат. Навистина верувам дека ова е реалистичка перспектива.

Главните актери во меѓународната заедница се охрабрени од водството на македонскиот премиер Зоран Заев. Мислите ли дека овие пораки допираат до грчките политичари и до јавноста? 

Апсолутно. Општото чувство во Грција е дека не треба да го испуштиме моментумот и дека работите во вашата земја се движат во вистинскиот правец. Откако Никола Груевски направи кариера на прашањето за името, најпосле имаме соговорник кој изгледа посветен на наоѓањето решение. Во Грција исто така има политичари со сличен стил кои ќе имаат помалку конструктивен став. Но верувам дека мнозинството во мојата земја сака конечно решение. Вашата земја не е закана, туку е можност за Грција.

Каде ја гледате Вие суштината на проблемот и дали Грците навистина гледаат закана од Македонија?

Македонија е географска област поделена меѓу три држави: вашата, Бугарија и Грција. Она што ние го сакаме е решение што ќе може да ја разликува вашата земја од остатокот од Македонија. Тоа може да биде сложено име, со географска или друга одредница.

Но не верувам дека има перцепција на каква било закана. Сепак, сѐ уште има сомневање и недоверба. Ако двете страни отстапат еден чекор и се согласат околу името, ќе се реши сѐ друго.

Грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, неодамна изјави дека Грција може да организира референдум за решението. Мислите ли дека јавноста е подготвена за решение или дали Владата барем ја подготвува јавноста за тоа?

Не мислам дека референдум е решението. Имаме одговорни влади во двете земји, кои имаат јасен мандат за сите прашања од внатрешната и надворешната политика. Сега е момент за вистинско лидерство, а не да се дозволи популизмот повторно да преовладее преку референдум.

Министерот Коѕиас зборува за комисија за ревидирање на книгите по историја. Може ли тоа навистина да функционира, бидејќи впечатокот во Македонија е дека таа комисија ќе работи на промена само на нашите книги?

За грчката страна најголем проблем е иредентизмот, односно фактот дека во многу од вашите учебници се споменува „македонската држава“, а не „македонски земји“ . Тоа создава впечаток дека делови од вашата национална територија се под странско владеење. А ова, според Атина, е дестабилизирачко за целиот регион. Во секој случај мислам дека е реално да има дури и ревизија на грчките учебници со позитивна референца на нашиот северен сосед и на добрососедските односи.

Како го гледате Договорот меѓу Македонија и Бугарија, во контекст на односите со Грција?

Тоа е оптимистички знак и го покажува патот напред. 

Дали, според Вас, Грција има одговорност за неуспехот на Македонија да се приближи до ЕУ и до НАТО?

Разликата околу името, која трае со години, е одговорна. ЕУ и НАТО не сакаат да „увезат“ билатерални проблеми во своите рамки. Исправно или не, низ годините, но и преку манипулација на популистичките политичари, прашањето за името доби висока симболична вредност за Грците. Па затоа велам она што ни треба е респектабилен излез, решение со кое сите ќе можеме да живееме.

 Жана П.Божиновска

Уништувањето на шумите е една од најголемите еколошки катастрофи со кои се соочуваме, после загадениот воздух.

повеќе

Измените во законот за минимална плата е трул компромис меѓу социјал-демократите и бизнис-лобито во Владата.

повеќе

Македонската јавност е во исчекување од најавата на министерот Оливер Спасовски дека МВР ќе ги истражува сите агенции за обезбедување поради поврзаност со рекетарство.

повеќе