Македонија-Бугарија

Акциски план, одговор на планот, разговори во Софија... долг е патот до решение за разликите

Македонија останува на позицијата дека треба да се искористат сите можности за изнаоѓање соодветно, взаемно решение за билатералните разлики по различни прашања со Бугарија, како и за враќање на довербата во ефикасноста и успешноста на Договорот за пријателство од 2017 година, соопштија вчера од Министерството за надворешни работи за втората посета на Софија на специјалниот претставник за дијалогот со Бугарија Владо Бучковски.

Тој вчера во Софија се сретнал со вицепремиерката и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева со која, како што објавија бугарските медиуми, размениле идеи за продолжување на процесот за враќање на довербата меѓу двете земји.

„Република Бугарија предложи акциски план за соработка со Република Северна Македонија во спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Овој документ, кој се однесува на сите ресорни министерства, се очекува да биде потпишан на претстојниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија (согласно член 12 од Договорот)“, објавија бугарските медиуми повикувајќи се на бугарското МНР. Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, по таквата објава во телевизиско интервју рече дека тоа што вчера го добивме како одговор од Бугарија е всушност нивно гледање на нашиот Акциски план, односно размена на идеи по однос на тој план. Наредниве денови, според него, треба да го разгледаат внимателно, да видат што од тоа може да се реализира, што може да биде спорно, и потоа ќе имаат појасна позиција. Но, како што кажа, се работи за одговор на нашиот Акциски план.

Претходно МНР во соопштението потсети дека при крај на минатата година бил доставен Акциски план за имплементација на Договорот за пријателство од 2017 година, за што во разговор меѓу министрите Османи и Захариева било договорено да бидат разменети забелешки, мислења и соодветни предлози.

„Во оваа насока во претстојниот период ќе имаме конструктивен придонес преку нашиот специјален претставник, а истото го очекуваме и од бугарска страна, како единствен можен начин до изнаоѓање решение“, пишува во соопштението.

Следната меѓувладина конференција треба да се одржи во Скопје, но како што рече Османи, откако двете страни ќе проценат дека има доволно материјал за да може да се состане и да усвои документи кои потоа ќе бидат усвоени на Влада. Досега комисијата има усогласено текст во однос на пет историски личности, а два историски периоди се начелно усогласени – треба да се преточат во конкретни препораки за учебниците.

Османи тврди дека Бугарија е на јасна позиција дека не ги спори идентитетските прашања.

„Јас во неколку наврати кажав дека ако нешто корисно произлезе од последните четири месеци обиди за комуникација е јасната искажана позиција на Република Бугарија дека не ги спорат идентитетските прашања. Може да видите бројни изјави на бугарски официјални претставници кои тоа го кажуваат. Оттука треба да се почне дека ова прашање не е прашање на ревизија на идентитетските атрибути и дека историјата како предмет на историската комисија има за цел да ги корегира учебниците во двете држави што создаваат анимозитет меѓу двата народа, токсичност во амбиентот и да ги приближи двата народа, но не историјата како основа на идентитетските прашања. Во основа тука е и проблемот – недоволното разграничување околу предметот што го третира Договорот за добрососедство. Сметам дека со тек на време се повеќе се разграничува ова прашање“, смета Османи.

Претходно, поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас, во интервју за „Еурактив“ оцени дека Бугарија дејствува на дестабилизирачки начин, наместо да придонесува за мирот и пријателството на народите во регионот.

„Тонот на Софија во однос на бугарската блокада на европскиот пат на Северна Македонија го диктира членката на владината коалиција, екстремнодесничарската партија ВМРО-БНД на министерот за одбрана Красимир Каракачанов. Бугарија не сфаќа дека во Северна Македонија се роди нова нација, која има свој јазик. Наместо да ја почитува и да придонесува кон мирот и пријателството на народите во регионот, Бугарија дејствува на дестабилизирачки начин, преправајќи се дека е „Херкул без мускули“, вели Коѕијас.

За поранешниот американски амбасадор во САД во Бугарија и еден од коавторите на Охридскиот договор, Џејмс Пердју, Бугарија мора да биде бранител на членството на Северна Македонија во ЕУ, а не противник. Тој во интервју за Дојче веле истакнува дека завршило времето за „малтретирање“ на Северна Македонија.

„Ги следам настаните на Балканот. И се чувствувам близок и со Бугарија и со Северна Македонија. Мислам дека е грешка бугарската Влада да го блокира процесот што ќе доведе до пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Напротив, Бугарија мора да биде бранител на членството на Северна Македонија во ЕУ, а не противник. Бидејќи влезот на Северна Македонија во ЕУ е дел од долгорочниот национален интерес на Бугарија. Сигурен сум дека Стејт Департментот поддржува брзо решавање на проблемите меѓу Бугарија и С Македонија, иако темата главно се однесува на Европската Унија и нејзините членки, вели Пердју.

Прашан како би можел да изгледа излезот од ситуацијата и дали е можно двете земји наскоро да постигнат договор Пердју истакнува дека долгорочен национален интерес на Бугарија е да има добри и партнерски односи со соседите во услови на заеднички демократски вредности. Членството во ЕУ, вели, го охрабрува ова.

„Бугарија и многу луѓе во Северна Македонија имаат заедничка историја и култура, но Бугарија е понапредната нација и има предност со членството во ЕУ во остварувањето на своите цели. Двете земји се природни сојузници и можат да работат заедно за просперитетна иднина, доколку им го свртат грбот на некои од помалку важните прашања“, наведува Пердју.

Националистите во Бугарија, според него, гледаа како Грција го користи своето членство во ЕУ за да изврши притисок врз Северна Македонија. И тие одлучија да ја спроведат истата стратегија. Но, времето за малтретирање на Северна Македонија заврши, потенцира Пердју, додавајќи дека прашањата за историјата и јазикот не се доволно значајни за да ги оправдаат непријателските односи меѓу двете земји.

„На крајот на краиштата, Северна Македонија е суверена земја. И ниту една држава не треба да има право да принудува друга нација да ја менува својата историја. Историчарите и експертите нека ги расчистуваат контроверзните точки со текот на времето. Во меѓувреме, Софија треба да ја поддржи, а не да ја блокира кандидатурата на Северна Македонија за ЕУ. Сè друго е кусогледо“, вели Пердју.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторно упати обвинување дека „се планира Бучковски тајно да преговара за македонскиот јазик и идентитет, како и дека Владата ги крие условите и барањата од Анексот на Договорот со 12 точки од граѓаните“.

Министерот Османи, пак, негира дека постои таков документ.

„Анекс од 12 точки којшто се спомнува не постои. Од почетокот на септември од кога сум јас на оваа функција и откако ја интензивиравме  комуникацијата со Бугарија имаме споделено бројни документи, меморандуми, нон пејпери, предлози и идеи, дел ги има поднесено Република Бугарија, дел сме ги испратиле ние и врз основа на тие документи  работните групи од двете министерства и разговарале со месеци врз основа на тие предлози. Навистина не знам за кој  документ се зборува бидејќи бројни такви документи имало но нема документ кој се нарекува анекс и кој има 12 точки“, вели Османи.

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе