Поповски потврдува дека АХВ лани од мај до септември немала договор со Ветеринарниот факултет, Институтот за јавно здравје и Државната фитосанитарна лабораторија за мониторинг.
„Но, причината за тоа е во спроведувањето на меѓународниот тендер, согласно новиот систем за јавни набавки, врз основа на кој се избира која лабораторија ќе го врши монторингот. Периодот во кој не се склучени договорите со лабораториите за мониторинг не влијае врз извршувањето на мониторинг програмите кои, пак, не ја потврдуваат безбедноста на храната, туку се пошироки показатели за анализа на ризик врз основа на која се базираат официјалните контроли. Николовски не прави разлика меѓу мониторинг и официјални контроли. Изнесува неосновани обвинувања зашто не ја разбира проблематиката. Официјалните контроли се вршат во текот на целата година, а мониторингот е неофицијална контрола која може да се спроведува во кој било период од годината и не ја потврдува безбедноста на храната, туку е алатка за евентуална анализа на ризик“, реагира Поповски и ги отфрли тврдењата и за наводното неспроведување здравствена заштита на животните во посочениот период.
Случајот со сточарот од Светиниколско кај чиј добиток била пронајдена бруцелоза, ќе биде детално испитан и ќе се утврди и одговорноста, рече директорот на АХВ.