Афера „Мафија 2“: Мицкоски тврди дека над 20.000 лица во земјава имаат двојни матични броеви

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска обелодени нова афера, како што ја нарекоа „Мафија 2“ за наводно изготвување и издавање лични документи на исти лица со ралични матични броеви во земјава. Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, на брифинг со новинарите рече дека, според нивните информации, над 20.000 лица во земјава имаат по најмалку два матични броеви.

Мицкоски пред новинарите објавил примери дека едно лице со два различни матични броеви го има два пати во Избирачкиот список.  Како што наведува, според проверките во Избирачкиот список, истото лице е регистрирано еднаш со неговото вистинско име, вистинска адреса, а вториот пат е регистрирано на друго име, во друга општина. Според Мицкоски, матичните броеви се разликуваат само во последните три бројки.

„Конкретно, при проверката на терен за лицето Џадин Адемовски, кој на една адреса се води во Чаир, а на другата во Сарај, кога го побаравме Џадин на првата адреса, таму ни кажаа дека овој човек не живее тука, дека не постои такво лице. Ова е класична злоупотреба на институциите и тежок криминал за кој треба да се сноси одговорност“, вели Мицкоски.

Тој наведува и дека таков матичен број има турскиот државјанин Седет Бекер, кој поседува македонски пасош. Лице со име како неговото во земјата не постои, вели лидерот на опозицијата, што било проверено од нивна страна, а ова лице има брат чиј матичен број се разликува само во последните три бројки.

Ова според ВМРО-ДПМНЕ е класична злоупотреба на институциите, и тежок криминал, пред се за гласање на избори.

Мицкоски рече дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски синоќа кажал дека опозицијата ќе продолжи со обвинувања и тоа за двојни матични броеви и споменал дека такви матични броеви се издавани од 1981 година и дека тие работеле на нивно чистење односно бришење.

Тој јавно праша како може да постои вакво нешто кога во 2016 година по барање на тогашната опозиција беше прочистен Избирачкиот список, а министер беше Оливер Спасовски. Дополнително, на новинарско прашање зошто ВМРО-ДПМНЕ, која учестуваше во акцијата за прочистување на Избирачкиот список, не реагирала тогаш, Мицкоски вели: „Или во 2016 година не бил прочистен Избирачкиот список како што треба или што е полошо и остава сомнеж – овие матични броеви се впишувани во последните 4-5 години поради криминални дејства во кои власта директно учествувала. Трето објаснување нема“.

На Спасовски му порача наместо да се занимава од каде му се овие информации, да се заземе да го истражи случајот и да излезе со конкретни одговори.

„И да не се правда пред јавноста дека ова било проблем од 1986 година затоа што списокот се прочистуваше, а тој цело време е министер, тогаш се наметнува прашањето колку вакви избирачки списоци потпишал? Освен тоа, симптоматично е и како 100.000 обрасци му недостигаат на директорот на Упрвата за водење на матичните книги. Остава отворен сомнеж дека оваа операција се случувала во последните 4 години, при што само последните три бројки се менувани, а некој, најверојатно, тоа го правел намерно и со конкретна цел“, рече тој.

Одговарајќи му на Спасовски кој најави дека внатрешна контрола ќе проверува од каде и се на опозицијата информациите за пасошите, Мицкоски рече дека тој овие информации ги има повеќе месеци и оти министерот треба да мисли што ќе прави, откако нема да биде министер, укажувајќи дека постои јасен начин како се издаваат пасоши. Мицкоски упати на исказот на Јован Вукотиќ, кој зел македонски пасош под името Ѓорги Андонов и за кој има сомнеж дека купил компанија од жител на Струмица опфатен со аферата со марихуаната. За Мицкоски е исто така спорно зошто за овој случај има само обвинителен предлог, а не и обвинителен акт. 

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе