Интервју

Адвокат Кузмановски: Во случајот со Еуростандард банка се работи за разработен систем за извлекување пари

Здружението на оштетените штедачи од Еуростандард банка „Правда за штедачи“ веќе подолго време апелира, повикува, предупредува на, според нив, грабежот сторен во Еуростандард банка, но нема реакција од државните органи. Веќе осум месеци нема никаков абер од истрага, а податоците што ги објавува ова здружение навистина се запрепастувачки. Нивен адвокат е Љупчо Кузмановски, кој во интервјуто за МКД.мк вели дека има грабеж, ама нема потера.

Очигледно е дека се работело за разработен систем за извлекување пари од банката на различни начини, веројатно и со перење пари, за што има сериозни индиции, вели Кузмановски. Според него, според сѐ уште неофицијални информации, од трансакциите што ги правела банката, постојат многу одливи на пари кон економски оператори, кои добивале милионски износи во евра, а многу брзо потоа парите биле подигани од сметките и отворани се стечајни постапки како начин за „легално” затворање на грабежот.

Како го толкувате молкот на државата во овој случај?

- Навистина, државата предолго молчи во врска со пропаѓањето на Еуростандард банка. Освен неколкуте соопштенија на НБРМ дека нивното решение за стечај е законито и дека системот и по пропаѓањето на Еуростандард банка е стабилен, не гледаме некаква особена заинтересираност на државата за расветлување на овој случај, иако прозивки има од повеќе страни и по разни основи. Сепак, државата одлучи да молчи. Тоа може да се толкува на различни начини. Првиот е дека државата е свесна за сопствената улога во пропаѓањето на банката поради затајување на целокупниот контролен механизам за превенирање на ваквите случаи, па не сака да биде инволвирана во евентуален надомест на штета што оштетените можат да ја побаруваат доколку се утврди дека штетата произлегува како резултат на сторување или несторување на државните органи. Ваквиот пристап на државата кон проблемот е сосема погрешен, бидејќи за овој ризичен настан (пропаѓањето на Еуростандард банка) најмала вина имаат оштетените правни и физички лица, кои немале никаква можност да влијаат врз работата на банката, додека државата преку своите органи можела лесно да го пресретне ризикот и да го спречи или барем значително да го ублажи настанувањето на штетата. Во таква ситуација, секоја држава со дигнитет, би ја признала сопствената грешка и би го прифатила ризикот. Вака, преку молкот на државата, ризикот во целост паѓа на товар само на оштетените депоненти-правни и физички лица. Втора, и поверојатна причина зошто државата молчи кога е во прашање Еуростандард банка е дека некои од носителите на државни и други функции (сегашни и поранешни), особено во делот на банкарството и финансиите, кои своите функции ги вршеле на начин на што овозможил да се случи пропаѓањето на банката, сѐ уште имаат моќ да влијаат за да не се расветли состојбата, плашејќи се од сопствена одговорност. Тие веројатно ќе сторат сѐ никогаш да не се расветли случајот до крај. И трето, не смееме да ги заборавиме и т.н. „странични” влијанија на разни лоби групи што имаат моќ да влијаат на државните органи и да ја насочуваат нивната работа во, за нив посакувана траекторија на „мирна вода”, без многу бранувања. Целта за сите нив е идентична, да не се дознае каде завршувале испумпаните пари од банката и кој се учествувал во тие зделки.

Според она што го соопштуваат штедачите од извештајот на стечајниот управник, нема многу непознати во причините за затворањето на банката. Зошто не се реагира соодветно?

- Напротив, од извештајот на стечајниот управник може да се утврди дека има многу непознати за пропаѓање на банката. Познато е само дека врз банката е отворен стечај како резултат на паѓање на капиталот под нивото на адекватност пропишано со закон како минимално. Причина за ваквата состојба, пак, била што банката била доведена во ваква состојба затоа што во своето портфолио имала многу ризични пласмани, многу кредити дадени со минимално, дури и без никакво обезбедување. Овие кредити не биле враќани, кај некои од нив ниту една рата не била платена.

На тоа и мислев - давани кредити без соодветна хипотека и целосна негрижа во однос на обврските за плаќање на доспеаните рати. Се знаат фирмите, јасно е кој го одобрувал тоа...

- Од извештајот на стечајниот управник ова е познато, но не е познато зошто регулаторот НБРМ ваквата состојба ја толерирал речиси една деценија наназад пред стечајот, зошто другите органи, кои во државата ги има многу, и чија задача е да го следат текот на парите, а не го правеле тоа, зошто тие органи дури и по укажувања, па дури според некои информации, и по писмени пријави и известувања, не реагирале навреме за да спречат состојбата да метастазира до огромни размери. Зошто не се реагирало соодветно? Тоа прашање е за тие што требало да реагираат. Јас би рекол дека на ова прашање има два одговори, или не си ја вршеле работата за која се платени и не знаеле што се случува или кај нив постоела намера да се толерира ваквата состојба. Дали е во прашање едната или другата причина сеедно, кај нив постои одговорност за пропаѓањето на Еуростандард банка, и тие порано или подоцна ќе мора да се соочат со таа одговорност, каква и да биде таа.

Од вашиот увид во предметот, ваквата безгрижност во делењето кредити, без покритие, без плаќање на ратите се должи на незнаење на кредитниот одбор или на разработен систем за извлекување, перење на парите од банката?

- Премногу е наивна тезата дека може да се работи за незнаење на кој било орган во банката. Во банката не бил само кредитниот одбор, туку цела низа на органи што биле вклучени во одобрувањето на кредитите и делењето на парите „во неврат”. Врв на пирамидата во банката биле Управниот и Надзорниот одбор. Ако понекогаш можеби е можно да се „протне” нешто и да се прогледа „низ прсти”, сепак, не е можно износи во илјадници и милиони евра да се делат без покритие, без знаење и одобрување на Управниот и Надзорниот одбор. Пред или по склучените зделки, сеедно. Очигледно е дека се работело за разработен систем за извлекување пари од банката на различни начини, веројатно и со перење, за што има сериозни индиции бидејќи, според сѐ уште неофицијални информации, од трансакциите што ги правела банката, постојат многу одливи на пари кон економски оператори што добивале милионски износи во евра за многу брзо потоа парите да бидат подигнати од сметките и да се отворат стечајни постапки како начин за „легално” затворање на грабежот. Или, со други зборови, парите завршуваат во приватни џебови, додека фирмата преку која тоа се прави се затвора преку стечај, за сѐ да биде „чисто”, бидејќи банкротот-стечајот е „според закон”, додека сопственикот нема одговорност, бидејќи, нели, се работи за приватен субјект. Но, велам, тоа треба да го покаже истрагата, која може да дојде до конкретни податоци и да ја затвори шемата на криминални дејства, заедно со учесниците во нив, се разбира.

Дали се согласувате со оцената на здружението Правда за штедачи дека „станува збор за класичен грабеж“?

- Не е далеку од вистината ваквата оценка на здружението Правда за штедачи. Всушност, сѐ упатува на класичен грабеж, како во некој од старите добри вестерн-филмови. Само овојпат без пиштоли. Но да се случи класичен грабеж во услови кога топ тема во државата се борба против корупцијата и криминалот и правната држава, значи дека правната сигурност на граѓаните е на многу ниско ниво. Дотолку повеќе, што по случениот грабеж, нема соодветна „потера”. Тоа може сериозно да ја доурне и онака разнишаната доверба во домашните институции и да создаде огромен проблем што може да ја поткопа лојалноста на граѓаните кон државата. Сите гледаме дека ниту еден посериозен проблем не може да се реши без посредување од надвор, што е многу лош имиџ за Македонија како држава. Дури и во рамките на здружението на оштетени штедачи има сериозни размислувања да се „кренат” рацете од домашните институции и да се побара меѓународна помош. Затоа, јас би упатил апел до сите надлежни да покажат малку повеќе доблест, сериозно да му пријдат на проблемот, затоа што Еуростандард банка не е така бениген проблем како што можеби ним им изгледа. Нема така лесно да го стават под тепих. Затоа, подобро е да го изгаснат сега, кога сѐ уште е жарче, затоа што, ако прерасне во пожар, ќе биде доцна.

Имате ли индиции за некаков рекет, за извлекување пари во корист на поединци од власта? Како го толкувате молкот на државата во овој случај?

- За жал, одговорот на ова прашање зависи од резултатите што ќе произлезат од истрагата бидејќи ние можеме само да претпоставуваме. Погоре наведовме дека впечаток е како истрагата досега повеќе да сокрива отколку што открива. Ова е недвојбено мислење на огромен број членови на здружението, кои очекуваа дека ќе има многу поконкретна и експедитивна истрага, со веќе кристализирана слика за одговорноста, па да бидам искрен, и со очекување дека некои од одговорните лица ќе бидат лишени од слобода. Тоа го нема, што само по себе раѓа сомневање за вмешаност на поединци од власта. Но, се разбира, здружението нема конкретни докази за тоа, освен тоа што јавно го објавува и се однесува на фирми кои добивале кредити без покритие или со несоодветно покритие. Што се крие во позадина треба да расветлат органите на прогонот.

На што ја темелите вашата одбрана? Дали одлуката на Уставниот суд може да помогне во расветлувањето на овој случај?

- Нашата позиција е многу јасна, ние мислиме дека правдата е на наша страна и затоа инсистираме на цврста правна патека како решение на проблемот. Во таа насока, таа правна патека засега во системска поставеност на повеќе закони кои би требало да бидат во интерес на граѓаните и економските оператори (фирмите). Тука, спротивно на јавно декларираните ставови, законската регулатива од областа на банкарството е поставена во насока на заштита на банките и нивните профити, наместо во насока на заштита на граѓаните. Затоа, денес граѓаните се соочуваат со банкарски провизии при секој контакт со банката, и самите не знаејќи зошто и по кој основ ги плаќаат. Но поголемиот проблем е што граѓаните и правните лица согласно закон мораат да правата трансакции преку банка за да бидат во легалните текови на системот, но истиот тој систем направил премалку за да ја гарантира сигурноста на нивните пари. И кога системот (државата) ќе потфрли, како во случајот со Еуростандард банка, Законот за банки, (преку членот 163 став 3) ја наградува државата (Фондот за осигурување на депозити) за тоа потфрлање, со тоа што ѝ овозможува со приоритет, пред сите други, да си ги врати своите пари што ги платила на депонентите-физички лица до 30.000 евра. Значи, ризикот на државата е рамен на нула, бидејќи сѐ што платила си враќа, додека правните лица и физичките лица со депозити над 30.000 евра треба на своите плеќи да го понесат сиот товар и да го преземат во целост ризикот од пропаѓањето на банката. Убедени сме дека оваа одредба од Законот за банки е длабоко неправедна бидејќи ја урива еднаквоста на граѓаните гарантирана со Уставот, ги дискриминира во целост правните лица, го урива принципот на заштита на сопственоста и ги поткопува темелните вредности на уставниот поредок. Затоа, очекуваме дека Уставниот суд ќе ја усвои иницијативата и ќе го укине или поништи член 163 став 3 од Законот за банки. Дали одлуката на Уставниот суд ќе го расветли случајот со Еуростандард банка допрва ќе се види, но дека може да има значајно влијание и да биде иницијална каписла за реформирање на повеќе закони од областа на банкарството, тоа е сигурно. Затоа, велам, Еуростандард банка е само повод, додека вистинската причина за која вреди да се истрае во оваа борба е да се отстрани оваа одредба од правниот промет со цел да се реформира законодавството во интерес на граѓаните место на банкарските профити, и на тој начин, преку поголема правна сигурност, да се избегнат шокови каков што беше Еуростандард банка. И додека државата молчеше за стечајот на Еуростандард банка, за постапката пред Уставниот суд не молчи. Напротив, се случија неколку скандалозни обиди за притисок и влијание врз уставните судии во насока одлуката да биде донесена „по мерка” на власта. Врвот на тие притисоци беше министерот за финансии, од кого здружението побара да поднесе неотповиклива оставка поради мешање во надлежностите на Уставниот суд. Досега нема реакција од министерот, ниту од Владата. Но ние не застануваме тука, бидејќи борбата продолжува.

Александар Дамовски

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе