ЈАВНО ОБРАЌАЊЕ ДО ВЛАСТА

13 граѓански здруженија бараат итни чекори против загадениот воздух и почва

Промена во легислативата, санација на големите загадувачи, дислокација на загадувачката индустрија, мораториум за градење особено во Скопје и Охрид, заштита на природата, континуиран  мониторинг, основање на т.н. зелен суд... ова се само дел од мерките кои 13 невладини организации и граѓански иницијативи ги бараат од Владата.

Со оглед на хронично алармантно висока загаденост на воздухот во Република Македонија, бараме ИТНИ подобрувања на квалитетот на воздухот и на почвата, чие влијание е недвојбено врзано за квалитетот на воздухот, пишува во писмото испратено до Владата на Република Македонија.

Писмото го пренесуваме во целост.

ЛЕГИСЛАТИВА

- Целосно ревидирање на легислативата поврзана со животната средина. Нејзино усогласување, елиминирање на спротивставени одредби во други закони и утврдување на потреби од суштински дополнувања, измени, воведување нова легислатива и сл.

КРИТИЧНИ ИЗВОРИ НА ЗАГАДУВАЊЕ

- Ремедијација на ОХИС, Скопје и Топилница, Велес како најризични од 16 индустриски жешки точки и започнување/продолжување на процесот кај останатите до комплетна санација.

- Усогласување на оперативниот план на РЕК Битола за А-ИСКЗ, филтри и затворен систем на отпрашување.

- Дислокација на загадувачката индустрија надвор од населените места, минимум 10 километри вон границите. Дислокација на фирмите за отпад вон населените места.

- Раскинување на постојните договори за концесии и запирање на отворање на нови рудници за јаглен и металички минерални суровини. Забрана за рудници од површински коп и употреба на цијанид.

- Забрана за движење низ градските средини на сите мобилни извори кои загадуваат под ЕУРО 3 стандард, почнувајќи од Скопје, вклучително мобилната механизација во индустријата, градежништвото и сл.

УРБАНИЗАМ И ЗАШТИТА

- Мораториум на градење, првенствено во Скопје и Охрид до комплетна ревизија на донесените ДУПови, особено СОВЖС и мандаторно вклучување во оценувањето на влијанието на климатските промени.

- Заштита на природата, на шумите, на реките, на езерата, на биодиверзитетот, на автохтоните видови, создавање на биокоридори, особено долж реките, поврзани делови низ цела држава кои ќе овозможат непречено движење и пренесување на животинските и растителни видови.

ЗЕЛЕНА ЕКОНОМИЈА

- Инвестирање и субвенционирање во одржлив туризам, органско земјоделство, обновливи извори на енергија, индивидуално производство на електрична енергија од сонце и ветер.

СОЦИЈАЛЕН АСПЕКТ

- Запирање на горењето на отпад, гуми, кабли од страна на ромската популација долж реката Вардар во Град Скопје и на други локации низ Македонија со нивно социјално згрижување и вклучување во обрзовниот систем и пазарот на труд. Вработувања во секторот на селектирање на отпад.

- Субвенционирање на ранливи категории во тек на грејната сезона со почисти извори на енергија, замена на печки, енергетска ефикасност.

ТРАНСПАРЕНТНОСТ

- Зголемување на транспарентноста на институциите и овозможување лесен и брз пристапот до информации, со еден клик, соработка со граѓанскиот сектор, формирање на работни групи за учествуво при изработка и измена на закони, прописи, стратешки документи и друго.

ИНСТИТУЦИОНАЛНА ЕКИПИРАНОСТ

- Обезбедување на доволно финансиски средства, резервни делови за мерните инструменти за континуирано мерење на квалитетот на воздухот и другите медиуми на животна средина, зајакнување со стручен кадар, персонал, опрема, обуки, стручна и подготвена инспекција за спроведување на сите проекти насочени кон ремедијација на деградираната животна средина, заштита на животната средина, мониторинг и информирање.

За таа цел бараме исполнување на следното:

БАРАЊА ЗА ИТНИ ЧЕКОРИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА СОСТОЈБАТА СО ВОЗДУХОТ И ПОЧВАТА

До крајот на 2017 година:

- ПРОМЕНА на прагот на информирање и алармирање за PM10 согласно со нашите барања од 25.12.2016, 05.04.2016 и 05.05.2017 до МЖСПП и Владата и согласно со прифатените забелешки од страна на тогашниот министер за бришење на предложените услови од страна на МЖСПП. Прагот на информирање и алармирање за PM10 НЕ СМЕЕ да биде поголем од тој на Унгарија, членка на ЕУ, која има блиска стапка на смртност поради

аерозагадувањето со нашата. Нивниот праг за информирање за PM10 е 75 μg/m3, 2 дена по ред, а на алармирање 100 μg/m3, 2 дена по ред.

- ФОРМИРАЊЕ на работни групи од граѓани кои ќе учествуваат при изработката и измена на закони, прописи и други акти од областа на животната средина и урбанистичкото и просторното планирање.

- НОСЕЊЕ на Законот за почва.

- НОСЕЊЕ на Правилникот за управување со контаминирани локации,

стапување во сила најдоцна 6 месеци од негово носење.

- НОСЕЊЕ на Правилник за максимално дозволени содржини на штетни супстанци во почвите, стапување на сила најдоцна 6 месеци од негово носење.

- НОСЕЊЕ на Уредбата за квалитет на течните горива, Закон за енергетика.

- НОСЕЊЕ на Законот за инспекција во животната средина во согласност со европските директиви.

- НОСЕЊЕ на Законот за контрола на индустриски емисии, со претходни измени во нацрт законот, како и подзаконските акти кои произлегуваат од него. ВРЕМЕТО за усогласување, поради лошото искуството со претходното усогласување со ИСКЗ, не смее да биде подолго од 5 години, каде ќе се усогласат сите големи загадувачи, со 1 година дополнителен рок со одлука на Влада на РМ.

1) став 1 од член 51: 2027 да се измени со 2022, односно 5 години од датумот

на стапување во сила на овој закон.

2) Став 2 од член 51 да се избрише.

- ИЗГОТВУВАЊЕ на правилник за квалитет на цврстите фосилни горива и нивна употреба во правниот и приватниот сектор (акцент на домаќинствата).

- ИЗМЕНА И ДОПОЛНУВАЊЕ на изгласаниот Закон за зеленило со цел да се даде приоритет на урбаното зеленило: јасно дефинирање на обврските за подигање и одржување зеленило на општините и приватните сопственици на простор со задолжителен / минимален процент на зеленило. Со овој закон треба да се гарантира дека зачувувањето и одржувањето на зеленилото ќе биде ставено во преден план, пред секаков вид неплански и непотребни градби. Бараме строго да се дефинира одговорноста за лицата кои се задолжени за негово одржување/уништување почнувајќи од највисоките инстанци, министерства, локална самоуправа, итн. Нашиот предлог ќе се достави преку работната група на граѓани која ќе учествува при измена на Законот за зеленило.

- ИЗМЕНИ во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, поради пристап до документи за време на јавни анкети, расправи, секаде каде што рокот е ограничен со закон: во член 21 став 1, зборот „30“ се заменува со зборот „10“ во член 22, став 1, зборот „40“ се заменува со зборот „14“ во член 22 став 3, зборовите „во рок од осум дена“ се бришат.

- ИЗМЕНИ во Законот за просторно и урбанистичко планирање, во член 20, 21, 28, 30, 34, 35, 37 пред сè, во насока на зголемување на времето за разгледување на целосната документација за предложените урбанистички планови, времето на траење на јавните анкети, стручните расправи, информирањето за истите согласно главните информативни сервиси на располагање денес, фреквенцијата на изработка и носење на урбанистички планови, достапноста на документацијата за јавноста. Нашиот предлог ќе се достави преку работната група на граѓани која ќе учествува при измена на Законот за просторно и урбанистичко планирање.

- ИЗМЕНИ во Законот за квалитет на амбиентниот воздух, во насока на поефикасно дејствување и спроведување на соодветни мерки. Нашиот предлог ќе се достави преку работната група на граѓани која ќе учествува при измена на Законот за квалитет на амбиентниот воздух.

- ДОПОЛНУВАЊЕ на легислативата во поглед на управувањето со отпад од пестициди.

- ДОДАВАЊЕ на прашањата од областа на животна средина во Законот за бесплатна правна помош, член 8, став 2 и услови за добивање на правна помош како група граѓани против индустрија, рудник, држава, град, општина и сл.

ОДВОЈУВАЊЕ на доволно средства од Буџетот на Министерството за правда и АВАНСНО финансирање, односно давање грант на здруженија кои ќе бидат специјализирани во еколошко право за нивно ефикасно работење.

- ЦЕЛОСНО транспонирање во националното законодавство на сите членови на меѓународно ратификуваните договори, конвенции, протоколи од областа на животната средина и климатските промени, поради сериозниот проблем од страна на македонските судови со членот 118 на Уставот.

- РАТИФИКУВАЊЕ на потпишани договори и нивно СПРОВЕДУВАЊЕ, како:

Минамата - обезбедување средства, кадар, техника за брзо завршување на потребните анализи кои се потребни за ратификација, Парискиот договор за климатски промени

- ИНТЕГРИРАЊЕ на законите во областа на животната средина, поради нивно постојано менување.

- КОНТИНУИРАН МОНИТОРИНГ на сите загадувачки супстанци за кои се опремени сегашните мониторинг станици како на пример, NO2 во Центар, Ректорат, Гази Баба, Кавадарци, Кочани, Кичево, SO2 во Центар, Ректорат, Битола 1, CO во Центар, Карпош, Кичево, Битола 1, Кавадарци, озон во Кавадарци, Кочани, за кои нема податоци.

- ОБЈАВУВАЊЕ на податоците од мониторинг на BTX (бензен/толуен/ксилен) во Карпош, Центар, Ректорат, Миладиновци на страната на мерење на Квалитетот на воздухот во Република Македонија.

- ПОСТАВУВАЊЕ на мерен инструмент за PM2.5, озон, BTX на сите мониторинг станици низ Македонија каде нема. РЕЛОКАЦИЈА на мониторинг станиците Мршевци и Велес 1 во други градови и оспособување за мерење.

- МОНИТОРИНГ на тешките метали, првенствено на арсен, кадмиум, никел, олово и бензо(а)пиренот и бензенот низ цела година низ цела Македонија согласно законската обврска. Објавување на податоците континуирано како што се одвиваат мерењата на страницата за мерење на Квалитетот на воздухот во Република Македонија.

- ИТНО воведување на автоматски мониторинг систем кај инсинераторите во Дрисла, кои се обврзувачки. КАЗНА за не воведување досега и казна за инспекторите кои не поднеле пријава за овој прекршок.

- СООДВЕТНИ инсталации на системите за автоматски мониторинг кај големите индустриски загадувачи и СПРОВЕДУВАЊЕ тековно калибрирање и контрола.

- ОБЈАВУВАЊЕ на информации за калибрирање на инструментите во мониторинг станиците, датум, на кој начин и кое лице, институција ја вршело калибрацијата, контролата.

- СЕРТИФИЦИРАНИ стандарди за калибрација на гас.

- АКРЕДИТАЦИЈА на Калибрационата лабораторија за квалитет на воздух и потребен стручен персонал, лабораториска опрема и реагенси за хемиска анализа.

- АКРЕДИТАЦИЈА на Централната лабораторија за животна средина на МЖСПП и потребен стручен персонал, лабораториска опрема.

- АКРЕДИТАЦИЈА на државна лабораторија за испитување на квалитетот на горивата на Институтот за Хемија при ПМФ.

- ОБЈАВУВАЊЕ онлајн резултатите од испитувањата на квалитетот на горивото на бензинските пумпи.

- ЗЕМАЊЕ на примероци од страна на инспекторите од инсталациите и валидирање на истите во Централаната лабораторија за животна средина.

ПОВИКУВАЊЕ на Законот за квалитет на амбиентниот воздух, покрај Законот за животна средина.

- МЕРЕЊЕ на емисии од подвижни извори на загадување и мерење по потреба со мобилните мерачи на разни локации. ОБЈАВУВАЊЕ на податоците од мерењата во ноември 2015 и по овој датум од мобилните мерачи.

- ВОСПОСТАВУВАЊЕ на дежурна инспекциска служба на повик 24 часа низ цела година, во општините, Град Скопје, ДИЖС.

- ПОСТАВУВАЊЕ на систем од камери кои ќе ја покријат Скопската контлина со 24ч надзор за секаков вид на палење, каде одредена служба, тип на пожарникарска ќе одговори одма на терен со помош на локалната полиција за утврдување на кој палел, каков тип на материјал и сл.

- ВОВЕДУВАЊЕ на посебен казнен систем за горење на гуми, пластика, особено ригорозен.

- ДИСЛОКАЦИЈА на фирми за отпад од градски, населени места, почнувајќи од Скопје. ЗАБРАНА за оперирање на вакви фирми во населени места, градови.

ЗАПОЧНУВАЊЕ НА ПРОЦЕСОТ ВЕДНАШ, БЕЗ ОДЛАГАЊЕ!

- ДИСЛОКАЦИЈА на загадувачка индустрија надвор од населените места, градовите, заштитените подрачја, минимум 10 километри вон границите и согласно ружата на ветрови на најмалку влијателна локација, почнувајќи од Скопје, поради најголемиот број на жители и најголемата концентрација на загадувачка индустрија. ЗАБРАНА за нови загадувачки погони во радиус од 10 км од населени места, градови, заштитени подрачја. ЗАПОЧНУВАЊЕ НА ПРОЦЕСОТ ВЕДНАШ со планирање кои индустрии прво, каде, итн.

- ОБЕЗБЕДУВАЊЕ на средства од буџетот за заштита на животната средина, со минимално 2.5% од вкупниот Буџет на Република Македонија. За 5 до 6 пати повеќе од сегашното. Со максимум од 5% нереализирани средства годишно, од сегашните 20-25%.

- ЗАПОЧНУВАЊЕ на санација/ремедијација на индустриските жешки точки со голем ризик: ОХИС, МХК Злетово топилница во Велес. ОБЕЗБЕДУВАЊЕ на потребни средства, стручен кадар, опрема.

ОДЛАГАЊЕ НА ОВОЈ ПРОБЛЕМ Е НЕПРИФАТЛИВО!

- ЗАВРШЕН процес на поставување на електрофилтри и затворен процес на отпрашување на РЕК Битола.

- ПОКРИВАЊЕ со соодветен материјал на депониите со HCH изомерен отпад на ОХИС за спречување на разнесување во воздухот, кој покажува енормно високи вредности за линдан, сè до започнување на процесот на отстранување на овој високо токсичен и опасен отпад.

- РЕВИЗИЈА на издадената дозвола за НЈСК Холдинг ДООЕЛ Скопје, која оперира во областа ОХИС, отсекот за POPs на МЖСПП да донесе одлука дали воопшто може да се издаде дозвола за работа на тоа подрачје, МАНДАТОРНО тестирање на воздухот околу и во овој објект за HCH изомери, жива и органохлорирани јаглеводороди кои се присутни во областа според анализите.

- СТОП за издавање дозволи за градба, работа на објекти, издавање на површини додека не се ограничат индустриските жешки точки.

- ЗАБРАНА за издавање под концесија земјоделско земјиште до депонија, дива или стандардна.

- ЗАБРАНА за работа на правен субјект на загадено земјиште.

- ЗАБРАНА на горење на сè освен суви и нетретирани дрва и пелети за затоплување во градските средини.

- ЗАДОЛЖИТЕЛНО чистење на оџаците од лиценцирани оџачари пред секоја грејна сезона. Електронски катастар на оџаци со точен број на домаќинства и број на оџаци во една општина, со субкатегорија месна/урбана заедница и мапа на катастарот на оџаци.

- МОЖНОСТ за инспекција на огревниот материјал внатре во домаќинствата.

- СТАНДАРДИЗИРАЊЕ на печките за употреба во градските средини со висок степен на согорување. Забрана за другите.

- ЗАДОЛЖИТЕЛНО мерење на издувните гасови од моторните возила во станиците за технички преглед, не само за возила за кои има одреден сомнеж.

- ЗАБРАНА за движење на возила под ЕУРО 4 стандард во градовите со висока загаденост на воздухот од Октомври до Април, вклучително автобусите за јавен превоз, ЈСП и приватни, градежна и друга мобилна механизација. Во тој период ВОНРЕДНА КОНТРОЛА со мобилни мерачи на возилата во сообраќајот и исклучување од сообраќај на возилата под ЕУРО 4 стандард со казна и привремено одземање на возачката дозвола. Формирање на бодовен систем за прекршоци, каде од одредено бодовно ниво се покачува

осигурувањето, а од друго бодовно ниво се одзема возачката дозвола на година дена и сл. ЗАДОЛЖИТЕЛНИ едукативни курсеви за типот и ефектите од загадувањето и други, соодветно на прекршокот.

- КОНВЕРЗИЈА на автобусите под ЕУРО 4 стандард на автогас со вградување на автогасен уред. Отстранување од градското подрачје на автобусите под ЕУРО 3 стандард.

- ПРОВЕРКА на сите ИСКЗ дозволи дали граничните вредности на емисиите се усогласени со Правилникот за ГВЕ на сила. Објавување на листа на СИТЕ ИСКЗ дозволи со датум на прво издавање за усогласување со оперативниот план, датум на усогласување на веб страницата на МЖСПП.

- ОБЈАВУВАЊА од мерења на фугативни емисии.

- МЕНУВАЊЕ на условите за давање на депонија под концесија според кои со депонија ќе може да управува само компанија која го има бараното искуство и финансии, исклучување на можноста за конзорциум. Поради договорот и интересот на мафијата во Италија за водење на депониите во регионот, посебна предострожност и критериуми кои не можат лесно да се изиграат, строга контрола и БАРАЊЕ депониите да се водат од две компании најмалку, поради контрола и спречување на злоупотреба и мафија активности.

РЕВИЗИЈА на доделената концесија на Дрисла и испитување на поврзани мафија активности.

- СТОП на нови рудници за јаглен. Развивање на обновливи извори на енергија, план за фотоволтаични панели за индивидуални домаќинства и колективно домување и топлински пумпи, на вода за Скопскиот регион кој лежи на вода.

- СТОП за нови термоелектрани на јаглен и план за затоврање на сегашните или нивно траснформирање на гас.

- СУБВЕНЦИИ за енергетски ефикасни фасади и прозори во постоечките резиденцијални објекти, за промена на грејни котли, за користење на пелети, за користење на гас.

- СТАНДАРДИЗИРАЊЕ на критериумите за производство на електрична енергија од обновливи извори и правото вишокот да се продава на државата. Елиминирање на пристрасноста и монополизирањето во оваа сфера.

- СТОП за рудници со отворен, површински ископ во Република Македонија.

- СТОП за рудниците Иловица и Казандол, ревизија на студиите за ОВЖС на овие рудници, ревизија во однос на единственото мочуриште во Македонија,

Моноспитовско Блато, споменик на природата во близина на Иловица и во однос на близината на вештачкото езеро од каде што со вода за пиење се снабдуваат седум села, ревизија во однос на влијанието на Казандол врз Дојранското езеро, земјоделското производство во Богданци и валандовската котлина.

- РЕВИЗИЈА на влијанието врз животната средина на рудникот Бучим и изјаснување на жителите на село Тополница и Бучим за рудникот. ФАКТ: 90% од опасниот отпад во Република Македонија доаѓа од рударството.

- СТОП за рудник за злато и сребро во селото Коњско и Коњска река.

- СТОП за рудникот за злато, сребро, олово и цинк во Башибос и Бајрамбос.

- ЗАБРАНА за употреба на цијанид при експлоатација на руда.

- УКИНУВАЊЕ на концесиите за експлоатација на металички минерални суровини и РАСКИНУВАЊЕ на постоечките договори.

- СТОП за укинување на акцизата на нафтениот кокс.

- СТОП на дефорестацијата. КОНТРОЛА на диво сеча со специјално опремени единици. ПОШУМУВАЊЕ на оголени планини, ридови, особено тие подложни на ерозија и порои.

- МОРАТОРИУМ на сечата на дрвја во градските средини како и на непотребното уништување зеленило. Објавување мандаторен фитопатолошки наод за секое дрво кое планира да се исече. Овие наоди да бидат достапни за јавноста.

- МАНДАТОРНИ европски стандарди при градежни активности со константен мониторинг на прашина, бучава и вибрации околу секој секој поголем градежен објект за цело време на градежните работи, обврска на компанијата што изведува работи.

- МАНДАТОРЕН рок во кој една градежна активност треба да се заврши. Пр. Не може улица со земја или канал затрупан со тампон да чекаат асфалтирање 1-2 години. Ако со фазата асфалтирање не се почне по два дена, следува казна.

- ЗАБРАНА за работа на лица во МЖСПП, ДИЖС, Град Скопје, општините, за кои имало/има кривични пријви, обвиненија од областа на животна средина.

- ЗАБРАНА за работа на одредено време согласно големината на фирмата и обемот на загадување, одземање на А или Б интегрираната или друга дозвола на фирми кои барале злоупотреба на службена положба и овластување од лица во МЖСПП, ДИЖС, Град Скопје, општините, како поткуп, издавање на дозволи без потполна документација, менување на вредностите на загадувачките супстанции и сл.

- ЗАБРАНА за работа на лица кои издаваат дозволи, инспектори кои се дел од Управата за животна средина, ДИЖС и дел од општинските, Градските сектори за животна средина, за кои постоеле/јат обвиненија за злоупотреба на службена положба и овластување.

- СЕКОЈА измена и носење на урбанистички план мора да го земе струењето на воздухот и неговото менување како еден од клучните елементи поради кој еден урбанистички план неможе или може да се донесе, измени.

- УТВРДУВАЊЕ на точна статистика на број на семејства и вкупен број на живеалишта: станови, поединечни куќи, вкупен број на непродадени станови, вкупен број на празни станови, број на станови во градба, вкупен број на деловни простори, број на празни деловни простори, по општина, Град Скопје.

- МОРАТОРИУМ на градење во Град Скопје и Охрид до целосна ревизија на донесените ДУП-ови и утврдување на уставноста во однос на здрава животна средина како гарантирано право на секој граѓанин и унапредувањето и штитењето животната средина и природата и начелата во Законот за просторно и урбанистичко планирање, услови за хумано живеење и работа на граѓаните, оддржлив развој и заштита и унапредување на животната средина и природата.

- ЗАКОНСКО ограничување на бројот на бензински пумпи во една област, град.

- БЕЗБЕДНА густа мрежа на велосипедски патеки низ градовите, рамни рабници за премин, простор за велосипеди пред сите јавни установи.

ПРОДОЛЖЕНИ субвенции за велосипеди.

- СИЛНА МЕДИУМСКА кампања за загадувањето, ефектите врз животната средина, врз здравјето. ОБЈАВУВАЊЕ на кратки информативни видеа, на ТВ, на веб, интерактивни емисии, во училиштата, градинките, вклучување на студентите во проекти од областа на заштита на животната средина. Масовно подигање на јавната свест. Почнувајќи од најгорливите проблеми - горење на отпад, гуми, пластика, зошто не, што се ослободува при горење, какви здравствени последици и сл.

- МАНДАТОРНО објавување на веб страните на општините, Град Скопје,

Владата, министерствата, институциите, на СИТЕ документи, извештаи, планови, програми, стратегии, мерења од областа на животната средина, буџети, целосна документација за секој ДУП и др. документи од областа на урбанистичко и просторно планирање. Ретроградно и курентно.

- АЖУРИРАЊЕ и ОБЈАВУВАЊЕ на вкупни податоци од сите клиники, болници, институти, здравствени домови, за морбидитетот и морталитетот по болест, возраст, пол, општини на дневна, неделна, месечна, годишна основа.

- ПОНИШТУВАЊЕ на Одлуката за изградба на регионална депонија во с. Годивје и нејзино преместување надвор од сливното подрачје на Охридското Езеро.

- ОТФРЛАЊЕ/ПОВЛЕКУВАЊЕ на измените на Планот за управување со НП Галичица 2011-2020.

- ПОВЛЕКУВАЊЕ на планот за изградба на Марина на потегот канал Студенчишта кон Хотел Парк.

- ИНФОРМИРАЊЕ на јавноста навремено и сеопфатно за сите мерки кои РМ планира да ги преземе за да ги усогласи активностите со препораките од  УНЕСКО.

- НОМИНИРАЊЕ на Охридско Езеро и Студенчишко Блато за Рамсар локација.

- ПРЕКИН на издавање под концесија на рибниот фонд на Охридско Езеро за стопански риболов.

- ДОСЛЕДНО СПРОВЕДУВАЊЕ на Стратегијата за одржлив развој и ИТНО преземање мерки за исполнување на задоцнетите цели.

- УСВОЈУВАЊЕ Стратегија за биодиверзитет.

- РИГОРОЗЕН МОНИТОРИНГ на искористување на водата од Охридско Езеро од страна на ЕЛЕМ.

- ОТПОЧНУВАЊЕ активности за изградба на рибни патеки на јагула или слични решенија за непречен излез и влез на рибите во и од Охридско Езеро во соработка со Р. Албанија.

- УТВРДУВЊЕ на границите и означување на СИТЕ објекти прогласени и ПРЕДЛОЖЕНИ за прогласување како природно наследство.

- ВОСПОСТАВУВАЊЕ на мониторинг, перманентна контрола и надзор на сите заштитени подрачја во РМ и санирање на негативните појави.

- ПРОГЛАСУВАЊЕ на Национални паркови: Јабланица, Јакупица и Шар Планина.

- ЗГОЛЕМУВАЊЕ и РЕВИЗИЈА на мрежата на заштитени подрачја во Република Македонија до 20% од територијата на Република Македонија со план кон 50%, особено во Источна Македонија, со што повеќе заштитени  подрачја од прва и втора категорија. ПРОГЛАСУВАЊЕ за заштитени на веќе предложените подрачја од Просторниот план на Република Македонија (2002 - 2020), пределите во склоп на Европскиот зелен појас, Емералд мрежата, Натура 2000, МАК-НЕН, подрачјата за заштита на биодиверзитетот и автохтоните видови, предложените подрачја за ЗОЛ (значајни орнитолошки локалитети), на ЗРП (значајни растителни подрачја) и ЗПП (значајни подрачја за пеперутки), важните коридори за движење на дивите растителни и животински видови, биокоридорот Илинска – Плакенска, предложените подрачја за сливот на река Брегалница, Осогово, прекуграничните подрачја „Шар Планина – Кораб – Дешат“, „Јабланица – Шебеник“ и прогласување на новите биосферни резервати согласно со критериумите на УНЕСКО.

- УПОТРЕБАТА на заштитените подрачја и на офсет мерките за биодиверзитет да се усогласи со Предлогот 26 Светскиот конзерваторски конгрес на IUCN во 2016 на Хаваи според кој националните паркови и заштитените подрачја се сметаат за зони каде што се забранети големи инфраструктурни проекти.

До крајот на март 2018 година:

- НОСЕЊЕ на нов Закон за природа.

- НОСЕЊЕ посебен Закон за заштита на Охридско Езеро.

- УСВОЈУВАЊЕ План за управување со УНЕСКО регионот со РИГОРОЗНО придржување до забраната за градење во заштитен појас од 50 метри од највисок водостој на водните тела.

- НИКАКВИ отстапки за легализација на дивоградби во заштитен појас од 50 м од највисок водостој.

- Комплетно УСОГЛАСУВАЊЕ на РЕК Битола со сите еколошки стандарди за работа.

- РЕКУЛТИВАЦИЈА на деградирани површини од површинските копови, депонии на рудна јаловина, на топилничка јаловина (Топилница, Железара, Југохром, Фенимак, поранешен рудник за хром Радуша, во регионот на Првата заштитна зона на изворот Рашче) и пепел од термоелектраните (РЕК Битола и Осломеј).

- ИДЕНТИФИКУВАЊЕ на илегалната депонија на линдан надвор од Охис, во предворието на Драчево за која се смета дека има околу 8.000 тони линдан.

ПОКРИВАЊЕ на истата сè додека не се започне со процесот на отстранување на отпадот. Квалитативно и квантитативно испитување на воздухот, почвата и подземните води во таа област.

- САНАЦИЈА на жариштето Годел кожарница, РЕМЕДИЈАЦИЈА и РЕВИТАЛИЗАЦИЈА на Вардариште.

- ФИТОРЕМЕДИЈАЦИЈА на контаминираните површини и на земјоделскотоземјиште со тешки метали во урбаните и населените подрачја, првенствено во и околу Велес, Битола, Скопје, Кавадарци и други градови, населени места каде индустриското загадување било/е големо.

- ОГРАНИЧУВАЊЕ на локацијата на жешките точки преку соодветни испитувања на почвата и подземните води и во согласност со таргет вредностите за контаминирани локации. ЗАБРАНА за вршење на било каква дејност во таа област.

- ТЕСТИРАЊА на земјоделски производи кои се одгледуваат на почви природно богати со тешки и други метали, согласно изработените Геохемиски атласи на Македонија и Скопје и да се одреди кои земјоделски производи може, а кои не може да се одгледуваат во тие области, а каде не е дозволено воопшто.

- ТЕСТИРАЊЕ на земјоделското земјиште околу жешките точки и ЗАБРАНА за употреба кога вредностите на загадувачките супстанции се над дозволените.

- РЕДОВНО тестирање на диоксини и фурани и други POPs со оглед на нивната биоакумулативност, перзистентност во сите медиуми на животната средина, а големо ослободување при горење на отпад, депонии.

- ВОСПОСТАВУВАЊЕ на систем за селекција на отпад во најзагрозените и најбогатите општини во Македонија. Додека не се овозможи рециклирање на хартија, пластика, метални конзерви, стакло и сл., да се складира.

Компостирање на органскиот отпад. ПЛАНИРАЊЕ во сите други општини. ВКЛУЧУВАЊЕ на Ромската популација во процесот на селектирање на отпад во општините на официјален начин.

- ВОСПОСТАВУВАЊЕ на електронски систем за инспекциски активности.

Пристап на јавноста онлајн до сите документи за извршени инспекции, од општини, Град Скопје, ДИЖС, со целосна информација за датумот, времето на инспекција, објектот, што точно се извршило при инспекцијата, мерења, наодот, име и презиме на инспекторот и сл.

- ВОСПОСТАВУВАЊЕ 24 часовен онлајн мониторинг на големите индустриски загадувачи на воздухот и онлајн објавување на интерниот мониторинг на правните и физичките лица кои вршат мониторинг на имисиите во согласност со интегрираните еколошки дозволи.

- СТРУЧНО урбано пошумување, зазеленување со видови кои апсорбираат загадувачки супстанци, како тешки метали, бензен, PM, NO2, CO, SO2, VOC, а се соодветни на климатските промени и услови на градовите, што значи отпорни на болести, суша, порој, ниски и високи температури, и др.

- УТВРДУВАЊЕ каде нема поставено и РЕВИЗИЈА на постојни санитарно- заштитни зони кај индустриски, деловни и занаетчиски објекти загадувачи на воздухот.

- МАНДАТОРНИ заштитни зелени зони околу загадувачките капацитети на нивен трошок, со соодветна вегетација во зависност од типот на загадување.

- РЕВИЗИЈА на постојните просторни и урбанистички планови од аспект на аерозагадувањето, климатските промени.

- ВОСПОСТАВУВАЊЕ на пешачки зони во градските центри.

- РАЗРАБОТКА на царински, даночни и други финансиски поволности за премин од бензин/дизел на автогас, од горење дрва и др. цврсти фосилни горива за затоплување во енергетски ефикасна фасада, прозори, употреба на фотофолтаични системи за топлински пумпи.

- ВОВЕДУВАЊЕ на режим на платен паркинг заради поттикнување употреба на јавен сообраќај.

- ВОСПОСТАВУВАЊЕ на регистер или инвентар на пестициди и заштитни средства кои се употребуваат во земјоделието, а содржат компоненти на жива.

- ВОСПОСТАВУВАЊЕ редовен мониторинг на медиумите и областите, сегментите на животната средина (воздух, почва, вода, бучава, отпад, биосфера (биодиверзитет, еколошки површини)), вклучително редовен мониторинг систем на пестициди, POPs, PCB, PCDD/PCDF (диоксини и фурани), PAHs, HCH, HCB преку мониторинг мрежа на територија на Република Македонија.

- АЖУРИРАН катастар на загадувачи на воздухот, водата, почвата, создавачи на отпад, заштитени подрачја, регистар на загадувачи со лесно електронско пребарување онлајн по загадувач, општина, загадувачка супстанца, медиум (Катастар за животна средина: Катастарот на загадувачите на воздухот, водите и на почвата, Катастарот на создавачите на бучава, Катастарот на создавачите на отпад, Катастарот на заштитените подрачја, Регистарот на загадувачи и другите катастари утврдени со посебните закони.)

ВОСПОСТАВУВАЊЕ на мониторинг мрежа за следење на хемискиот состав на дождовницата и утврдување на степен и количество на кисели дождови на територија на Македонија.

- РЕДОВНА анализа на киселите таложења во почвата и на ефектот на еутрофикацијата односно делувањето на биогениот азот.

- ОДРЕДУВАЊЕ на критичните оптоварувања на загадувачките супстанции кои вршат закиселување и еутрофикација во Република Македонија.

- МОНИТОРИНГ и ОЦЕНКА на состојбата со шумите во поглед на закиселувањето и еутрофикацијата.

- ПРИМЕНА на модел за интегрирано оценување на квалитетот на воздухот.

- ИЗРАБОТЕН Национален план и Акциона програма за справување со опустинувањето и ублажување на ефектите од суши.

- ИДЕНТИФИКАЦИЈА на био-коридори, основни подрачја, подрачја за реставрација и тампон зони за видовите и живеалиштата во Македонската еколошка мрежа, МАК-НЕН.

- ДОСЛЕДНА имплементација на НАТУРА 2000 СТРОГО според западноевропски критериуми со ревидирање и корекција на постојните номинации.

- СУБВЕНЦИОНИРАЊЕ органско производство на земјоделски култури на ниво на цела РМ.

- ЗАБРАНА за ГМО, храна, семе, препарати и др., БЕЗ ИСКЛУЧОК.

- ФОРМРАЊЕ на Зелен Суд, специјално одделение во склоп на Судството кое ќе работи само со случаи кои се однесуваат на животната средина, за нивно експедитивно и ефикасно решавање, за брз еколошка правда која нема да е скапа. Судии обучени во законите за животна средина, Уставнато право за чиста животна средина. По пример на најдобрите во светот и спрема нашите околности и потреби.

До крајот на јуни 2018 година:

- КОМПЛЕТНО усогласување на Националното законодавство со законодавството на ЕУ во делот acquis за животна средина, поглавје 27 од процесот на пристапување кон ЕУ: Животна средина и Климатски промени, со усвојување, измена, дополнување на закони и подзаконски акти, носење, ажурирање и спроведување на програми, планови, мониторинг за ЦЕЛОСНО транспонирање и имплементација на Директивите (како за VOC, намалување на содржината на сулфур на одредени течни горива, квалитет на амбиентниот воздух, индустриски емисии, депонии, отпад, опасен отпад)

- НОСЕЊЕ на нов закон за управување со отпад, во согласност со најновите европски директиви.

- ПОДГОТВЕНИ стратегии, планови, програми, мерки, протоколи за ЦЕЛОСНА ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА на сите потпишани и ратификувани конвенции, acquis за животна средина на ЕУ, закони поврзани со животната средина.

- ПРОШИРУВАЊЕ на мониторинг мрежата за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух, во нови градови, дополнителни станици на прометни раскрсници, во индустриски зони.

- ОТВОРАЊЕ регионални фабрики за селекција и рециклирање на сите категории отпад. Вклучително компостари.

- ЗАПОЧНУВАЊЕ со концептот „нула отпад“ во општините кои генерираат најмногу и најопасен отпад.

- ИСПИТУВАЊЕ на населението, првенствено предпубертетски деца, потоа и сите други, во околината на Охис и депонијата кај Драчево, потоа од Кисела Вода, Лисиче, Аеродром, Драчево и пошироко во цело Скопје за присуство на HCH изомери, линдан и други POPs во организмот.

- РЕДОВНО испитување за линдан, HCH изомери, диоксини и др. POPs во месото, млекото, млечните производи, рибата.

- ЗАПОЧНУВАЊЕ на санација/ремедијација на СИТЕ индустриски жешки точки каде процесот не е започнат со проекција од 4 години за КОМПЛЕТИРАЊЕ на санациските мерки, мерките за ремедијација за сите 16 жешки точки.

- КОМПЛЕТНА информација за секоја жешка точка на веб страната на МЖСПП, какво загадување, во која мера, концентрации, студии, што се направило до сега, што преостанува да се направи до целосна санација, ремедијација, план на активности.

- САНАЦИЈА на локалитети контаминирани со POPs, PCB, PCDD, PCDF, PAHs, HCB, пестициди, тешки метали

- ИСПИТУВАЊЕ на земјиштето околу сегашните и некогашни рудници, постоечки и некогашни големи индустрии, фабрики (Фени - Кавадарци, речни наноси од рудникот Алшар по течението на Црна река, итн.), околу депонии и во најблиските населени места околу овие локации и според геохемиските атласи за Македонија и Скопје, ОГРАНИЧУВАЊЕ на загаденото земјиште или природно богато со тешки метали, ЗАБРАНА за употреба и ЗАПОЧНУВАЊЕ на процес на ремедијација на загадените површини.

- УТВРДУВАЊЕ на појас за забрана на огледување на земјоделски производи на загрозени локалитети (покрај автопатишта, аеродроми, големи индустриски комплекси, урбани населби)

- ИНТЕНЗИВНА работа за воспоставување на стандардни регионални депонии, обезбедување на краткорочни и среднорочни решенија до затворање на нестандардните општински и ИТНО затворање на дивите депонии во Република Македонија. Депониите наведени приоритетни за затворање, врз основа на ризикот за животната средина и економските фактори и сите диви депонии треба да се затворени до 2020. БЕЗ ОДЛОЖУВАЊЕ!

- ОДГОВОРНОСТ од СИТЕ лица кои ја одобриле Струшката депонија, отворена како дива пред 10 години, кои ја дале под концесија, наплаќале кирија за земјиштето, сите одговорни во општина Струга. И за сите диви депонии кои функционираат како општински, а се формирани во време кога законите за животна средина и управување со отпад се во сила.

- ОДГОВОРНОСТ од градоначалниците на општините и на град Скопје кои биле должни да ги затворат и рекултивираат дивите депонии до пролетта 2006.

- ОДГОВОРНОСТ од сите институции, органи, Влада, министерства, општ*ини, град Скопје, градоначалници, одговорни правни и физички лица, за недонесување или ненавремено изготвување и неспроведување на Планови, Програми, Стратегии, извештаи и др. документи пропишани во одреден рок со законот за животна средина, законот за управување со отпад, законот за квалитет на амбиентниот воздух, законот за заштита на природата, законот за хемикалии и сите други закони кои се поврзани со животната средина.

- ОДГОВОРНОСТ од надлежните институции, лица за неспроведување на казнени одредби согласно законот за животна средина, законот за управување со отпад, законот за квалитет на амбиентниот воздух, законот за заштита на природата, законот за хемикалии и сите други закони кои се поврзани со животната средина. РЕТРОГРАДНО казнување и наплаќање.

- ДОДАВАЊЕ на казнените одредби, покрај парични, привремено одземање на дозвола за работа, недела, две, месец дена, три месеци и сл., зависно од прекршокот и зачестеноста на прекршоци. Лицата од социјално ранлива категорија, му се одредува казна од пр. чистење на депонија со задолжителна едукација за штетноста на прекршокот, 5-7 дена работа за отплата на казната, ако се покаже како добар работник, можност за вработување, ако е невработено лице. За сите ЗАДОЛЖИТЕЛНО присуство на едукативни курсеви за ефектите од загадувањето на животната средина, конкретно за нивниот прекршок и општо.

- РЕКУЛТИВАЦИЈА на диви депонии, особено на подрачја со загрозени природни ресурси (површински и подземни води, обработливи површини) - ДОСТАПНОСТ преку соодветен редовен мониторинг на квантитативни податоци од земјоделството за состојбата на животната средина.

- ПРЕСМЕТУВАЊЕ на АОТ60, акумулирана изложеност на озон во текот на една година и прикажување во годишните извештаи за квалитет на воздухот.

- ПРЕДВИДУВАЊЕ на загадувањето на воздухот преку моделирање и вклучување на мерки навремено пред да настане пикот на загадувањето, по пример на европските земји.

- МЕРЕЊЕ според ЕУ стандрадите на сите мобилни извори на загадување за издувни гасови: CO2, CO, HC, NOx, PM, одредување на ЕУРО стандард и соодветно маркирање на возилото. ЗАПОЧНУВАЊЕ на реално тестирање во сообраќај за издувните гасови, особено на дизел возилата, со крајна цел за 4 години да биде стандардно тестирање за СИТЕ возила, покрај тестирањето во станиците за технички преглед. ОБЈАВУВАЊЕ и редовно АЖУРИРАЊЕ на Регистарот на возила со измерените податоци од техничкиот преглед за секое возило и категоријата на ЕУРО стандард. Одредување на еколошка такса според степенот на загадување.

- ОДЗЕМАЊЕ на лиценци за работа и казна на станиците за технички преглед кои ќе презентираат лажни резултати и дозволат да поминат возила на технички преглед кои не ги задоволуваат условите.

- СПЕЦИЈАЛНИ поволности, од субвенции, ослободување од даноци, намалено или отстрането ДДВ, ослободување од атест трошоци, поевтин или бесплатен паркинг, намалени трошоци при регистрација, за конверзија на автогас на транспортните возила, такси и другите приватни возила под ЕУРО 4 стандард, со приоритет на таксистите, транспортните и најстарите возила.

- ЗАБРАНА за увоз на дизел возила и план за постепено тргање од сообраќајот (освен работни машини, камиони и автобуси, но со строга контрола на издувните гасови и конверзија на автогас).

- ОСЛОБОДУВАЊЕ од царина и драстично намален или целосно ослободување од данок на електрични и хибридни возила, со пожелно евтина регистрација.

Крајна цел е загадените урбани средини за 4 години да бидат LEZ, каде издувните гасови од возилата нема да бидат под ЕУРО 4 стандард.

- НАБАВУВАЊЕ на електрични автобуси со станици на соларно полнење.

- САНАЦИЈА и ДОИЗГРАДБА на колекторскиот систем околу целоОхридско Езеро како итен приоритет (вклучително соработка со Р. Албанија). МОРАТОРИУМ на идната комерцијална урбанизација додека не се обезбеди целосно функционален систем.

- УТВРДУВАЊЕ на конзервациони јадра, вклучително подводни резерви и План за управување со крајбрежјето, како и тампон зони за Охридското Езеро.

- НОСЕЊЕ План за спречување еутрофкација на Охридското Езеро како последица на климатските промени со намалување на нивото на фосфор за 50% во согласност со препораките од Мацингер и др., 2006. Со активноста ќе се избегнат сигурни и големи финансиски загуби (Додс и др., 2008).

- УТВРДУВАЊЕ и ЗАДОЛЖИТЕЛЕН МОНИТОРИНГ на бројната состојба, трендот и опасностите за пастрмката според критериумите на IUCN и ажурирање на податоците во Црвената листа што не е направено од 2006, иако уште во 1996 била означена како vulnerable.

- ВРАЌАЊЕ на р. Сатеска во старото корито.

- ПРОГЛАСУВАЊЕ на Студенчишко Блато за споменик на природата, според препораките од Спировска и др., 2012.

- РЕСТАВРАЦИЈА, РЕВИТАЛИЗАЦИЈА И ПРОШИРУВАЊЕ на блатните екосистеми на територија на цела РМ.

- НОСЕЊЕ План за финансиска самоодржливост на НП Галичица во согласност со принципите на одржлив и паметен развој.

- ИНВЕНТАРИЗАЦИЈА на шумите во Република Македонија.

- УСВОЈУВАЊЕ Национална стратегија за развој на туризмот според принципите на одржлив развој кои нема да ја компромитираат заштитата на животната средина (научен туризам: еволутивна биологија, медицина, палеонтологија, биомимикрија итн.; активен туризам: возење велосипед на планина, параглајдинг, качување по карпи, нуркање; рурален туризам итн.).

ДАНОЧНО ОСЛОБОДУВАЊЕ за сите кои ќе инвестираат во ваков тип на туризам.

Потписници на ова писмо се:

Граѓанските иницијативи „Стоп на загадувањето“, „Воздух сега“, „Ние сме Карпош 4“, „Охрид СОС“, „Мајка и дете“, „Скопје смог аларм“, „02 Колаиција за чист воздух“, „Спас за Водно“, „Куманово бара чист воздух“, здружение за развој и активно делување и поттикнување на граѓанскиот сектор „За нас се работи“, „Меѓаши“, еколошкото здружение „Еко герила“ и здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.

Измените во законот за минимална плата е трул компромис меѓу социјал-демократите и бизнис-лобито во Владата.

повеќе

Македонската јавност е во исчекување од најавата на министерот Оливер Спасовски дека МВР ќе ги истражува сите агенции за обезбедување поради поврзаност со рекетарство.

повеќе

Сите овие промашувања на Груевски имаат едно заедничко - дирекно ја загрозија државноста на Република Македонија.

повеќе