Кој ги контролира полначниците?

Купување на плински боци без соодветен сертификат може трагично да заврши

Официјалната истрага треба да ги покаже вистинските причини за вчерашната несреќа при експлозија на плинска боца во дом во кумановско Романовце при што загинаа три деца и еден возрасен, а две жени се тешко повредени. Сепак во јавноста не стивнуваат коментарите за (не)безбедноста на плинските боци што се користат во домаќинствата, a се наполнети по диви полначници.

Факт е дека користењето на плин за едно семејство е многу поисплатлива опција кога станува збор за готвењето и греењето, со оглед на високите сметки за електрична енергија на кои во континуитет се жалат граѓаните. Според пресметките на дел од граѓаните, со плин за 300 денари може да се готви цел месец. Но, кога се случуваат вакви несреќи со човечки жртви веднаш се наметнува прашањето за ризикиот од плинските боци полнети по диви полначници.

Упатените во областа смируваат дека плинските боци се безбедни доколку правилно се користат и дека нивото на ризик од нивна експлозија е многу низок ако редовно се сервисираат и соодветно се полнат.

„За да експлодира внатрешниот притисок на една боца треба да е многу понизок во споредба со надворешниот. Овие боци се многу безбедни доколку знаеме како да ракуваме со нив и ако се полнат на соодветни места за тоа. Доколку на нив се готви и на нив се наталожат маснотии, доколку сакаме да ги избришеме и притоа употребиме волнена крпа се создава статичен електртицитет и со самото тоа го зголемуваме волуменот на гасот внатре и може да дојде до експлозија“, појаснува пожарникарот Иле Коцевски.

Тој е дециден дека волуменот на гасот внатре во плинската боца може да се зголеми под дејство на топлина, односно висока темпретаура, поради што не треба да се поставуваат во близина на грејни тела.

Во оваа насока се и препораките од компанијата „Макпетрол“ како сертифициран сервис за контрола и сервисирање плински боци и полнење на истите.

„Пропан бутан гасот што го продава “Макпетрол” е секогаш со карактеристичен мирис, со цел за негово навремено препознавање при евентуално неконтролирано истекување, како на отворен така и во затворен простор“, велат од компанијата која веќе неколку децении располага со сертифицирана полначница за плински боци од 2, 3, 5,10, 23 и 35 килограми.

Оттаму апелираат плинските боци, како и боците за технички гасови, да се купуваат само од овластени полначници, а не и по бензински пумпи, каде боците се полнат како автомобилите, и нагласуваат дека во рамки на компанијата постои и инспекциско тело кое го следи квалитетот на плинските боци согласно европските стандари и параметри.

„Боците треба да се купуваат од овластени полначници, бидејќи таму се врши контрола на исправноста на боцата, таа се чисти, се полни под соодветен притисок, што гарантира висок степен на безбедност, стручните тимови појаснуваат како правилно да се се поврзе боцата“, појаснуваат од „Макпетрол“ додавајќи дека оние боци кои се одобрени од надлежни овластени инспекциски тела имаат жиг.

„Компанијата поседува своја современа карусел полнилница каде што се врши проверка на наполнетоста на секоја боца, а по завршениот процес на полнење и проверка на исправноста, се врши поставување на специјални заштитни капи на вентилите на боците, со што се гарантира точноста на наполнетоста на боците и нивната техничка исправност“, велат од „Макпетрол“. 

Македонските граѓани, тргнувајќи од економскиот аспект, многу често се одлучуваат да купат плински боци по пониски цени од неовластени продавачи и да ги полнат кај неовластени полначи кои вршат и дистрибуција на боците до домот на корисникот, преку огласите, на пазарите, па дури и во маркетите каде може да се најдат плински боци за чија безбедност и квалитет никој не гарантра.

На интернет огласниците се продаваат боци по најразлични цени, најчесто околу 1.000 денари за боца од 3 килограми, но и боци од 10 килограни за 2.000 денари, а најчесто во описите не се наведува колку се стари овие боци, односно дали им истекува рокот и од каде потекнуваат. Продавачите ги нудат со убедување дека „се малку користени и добро сочувани“. Ги продаваат и/или менуваат полни, не наведувајќи го начинот на кој се полнети со плин, па затоа се претпоставува дека нема гаранција за начинот на полнење на некоја бенизинска. 

Познавачите на оваа област предупредуваат дека корисниците кои набавуваат плин во боци од неовластени дистрибутери, ако внесат во нивниот дом неконтролирано наполнета боца со ТНГ, при најмало зголемување на температурата, може да дојде до несакани и трагични последици. Сепак македонските граѓани сѐ почесто се одлучуваат за поевтината варијанта која во комбинација со неследењето на главните препораки може да биде фатална.

 Х.Н.

 

 

 

За жал во овие тешки времиња некои политичари се занимаваат и со вируски патриотизам: на корона не сме се обратиле мултилингвално.

повеќе

Кога кризата со коронавирусот ќе заврши, светот повеќе нема да биде ист, концептот на неолиберализмот ќе биде редизајниран.

повеќе

Благодарејќи на коронавирусот, граѓаните го видоа вистинското лице на  оваа натприродна организација, наречена државна администрација. Алчна, себична, несолидарна, нечувствителна.

повеќе