Заев изјави дека оваа година беше посебно тешка за земјоделците затоа што според него ниту пролетното, ниту есенското производство не се продаде по добри цени со којшто може да се каже дека земјоделците ќе ја поминат добро зимата.
„Ќе обезбедиме пласман на земјоделските производи по достоинствени цени, а главна задача на идната централна власт ќе биде да ги отвори новите пазари, да створи конкуренција, натпревар помеѓу откупувачите овде, кој повеќе ќе го плати земјоделското производство, тој да може да го купи. Тоа е едно од најсериозните барања на земјоделците и тоа се очекува од идната влада да биде направено“, изјави Заев
Тој на струмичани им вети дека субвенциите ќе растат, и дека во програмата СДСМ нудат годишна помош од 160 милиони евра субвенции, кои ќе стигаат навремено и во време кога земјоделците прават најголеми трошоци за подготовка, сеидба или она што значи организирање на земјоделското производство.
„За четиригодишен мандат тоа се 640 милиони евра, но тоа е само помош. При тоа ќе интервенираме со намалување на севкупните трошоци во земјоделското производство. Како намалување на давачките околу препаратите, околу вештачките ѓубрива, околу она што значи репроматеријали за земјоделско производство.
Заев потенцираше дека во програмата е предвидено воведување на зелената нафта, којашто за 50 проценти ги намалува севкупните трошоци за нафтата, бензините коишто се користат за наводнување и за механизација на земјоделието.
„Би можел да кажам дека овде се едни од најголемите работници што ги познавам ширум Македонија, а јас ја шетам цела Македонија. Луѓето велат, господине Заев, ние сме спремни да го поминеме и денот и ноќта во пластениците, да произведеме уште повеќе, уште поквалитетно, само ако се плати по достоинствени цени“, изјави Заев.