„Чест е, моја и на СДСМ, што по скоро 11 години режим, добиваме можност да ја формираме новата демократска влада на Република Македонија. Нашите цврсти определби се тоа да биде реформска влада, во којашто приоритет број еден се интересите на граѓаните на Македонија“, изјави Заев, а соопштија од СДСМ.
Тој изјави дека СДСМ се води согласно со Уставот на Македонија и е определена за квалитетен живот на сите граѓани и праведно и правично општество за сите.
„Следува период во којшто ќе се посветиме на поставување квалитетна владина програма, која ќе ја реализираат одговорни политичари, кои ќе водат реални политики, така како што избраа граѓаните на Македонија. СДСМ носи живот за сите граѓани на Македонија“, изјави денес претседателот Заев пред членовите на Централниот одбор.
Од СДСМ соопштија дека претседателот Заев ги информирал членовите на СДСМ, пратениците, претседателите, градоначалниците од редовите на СДСМ присутни на состанокот, за текот и содржината на разговорите со политичките партии што имаат добиено мандати во Собранието на Македонија.