по средбите со албанската опозиција

Заев подготвува македонско–албанска предизборна коалиција?

Македонско–албанска опозициска коалиција ќе им се спротивстави на владеачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, најави неодамна Имер Селмани, поранешен претседател на партијата Нова демократија. Зоран Заев, претседателот на СДСМ, последниве десетина дена одржа неколку средби со лидери на неколку опозициски партии на Албанците во Македонија.

Селмани вели дека го охрабруваат информациите за окрупнување на опозицијата и иницијативите за формирање на заедничка македонско– албанска опозициска коалиција која би се спротиставила на владеењето на ВМРО–ДПМНЕ и ДУИ.

Пред неколку дена членови на „Алијансата за Албанците“ (НДП и Движење за реформи) се сретнаа со претседателот на СДСМ Зоран Заев. По средбата сите дадоа изјави дека не се согласуваат изборите да се одржат на 24 април.

Претседателот на Националната демократска преродба, Весел Мемеди рече дека изборите треба да бидат фер и демократски и додаде дека мора да се работи на зајакнување на државните институции.

„Само на тој начин ќе можеме да  зборуваме за фер и коректни избори. Ние како опозиција имаме јасен став, и денес истиот став го повторивме на состанокот што го имавме пред 3 месеци. Без решение за клучните прашања во земјата, нема да има избори на 24 април”, рече Мемеди од НДП.

Зијадин Села, претседателот на Движењето за реформи на ДПА рече дека нормално е да се создаде блок кој ќе се спротистави на Владата. Овие три политички партии ќе се борат против неправдите сторени од ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА.

„Многу е нормално да се очекува реакција од другата страна и координација на нашите активности”, рече Села.

Никој од нив, ни Заев, ни Села, ниту пак Мемеди не одговорија позитивно на прашањето за можна предизборна коалиција. Заев рече дека во интерес на граѓаните на Македонија, сите опции се отворени.

Шефот на СДСМ претходно имаше средба и со Гзим Острени, претседателот на новоформираната партија Унитети. Средбата беше остварена во ресторанот „Пелистер“ во Скопје, а обајцата рекоа дека се работи само за неформална и пријателска средба на која се зборувало за актуелната политичка ситуација.

Засега нема информации за позиционираноста во овие разговори на новата партија Беса и ПДП.

Сите овие средби и изјави, како да најавуваат можно окрупнување на опозицискиот фронт и тоа во една предизборна македонско-албанска предизборна коалиција. Досега, партиите на Македонците и на Албанците во Македонија никогаш не се обиделе заеднички да настапат, како коалиција пред одржување на изборите. Договорот за соработка, за коалицирање доаѓал секогаш по завршување на изборите. До изборите секој се обраќа само на „своите“ гласачи, само на својот етникум, не обидувајќи се да состават заеднички гласачки листи и да се организира заедничка кампања.

Тој, граѓански концепт, иако се работи за социјдемократска или за либерална идеологија, никој досега не се обидел да го проба на избори. Пред и по гласањето, секој секогаш зборува и во името на граѓаните и во името на некој либерализам, но никој не се охрабрил тој концепт да го проба и на денот на гласањето.

Засега, оваа соработка се сведува на заедништво во однос на ставот дека ќе има бојкот на изборите ако власта остане на решението парламентарните избори да се одржат на 24 април.

Сепак, изјавата на Селмани, а и некои неофицијални информаци кажуваат дека е можно формирање на токму таква предизборна македонско-албанска коалиција.

Засега сите се многу резервирани во отворањето на картите кога се знае поделеноста по етничка основа на македонското општество. Сепак, минатогодишните демонстрации на студентите Македонци и Албанци и на опозициските политичари Македонци и Албанци покажаа дека кога станува збор за проблемите со квалитетот на образованието, со квалитетот на здравствените услуги, за проблемот со иселувањето на младите образовани кадри, со невработеноста, со малите плати, со недоволно изградената инфраструктура... нема етнички граници и разлики.

A.Д.

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе