Томе Аџиев
За негов заменик е предложен Асан Лума. Предложен е и новиот состав на комисијата: Предраг Димитровски, Новица Велјановски, Даут Даути, Вецко Здравески, Шпенд Винца, Марија Милошевска, Ѓорѓи Малковски, Ристана Лалческа и Цветанка Соколова – Младеновска.
За СДСМ ваквиот избор всушност значи само продолжување на битката со неистомислениците, а не вистинска лустрација.
Илија Димовски, претседателот на комисијата вели дека би било добро и СДСМ да биде вклучен во процесот на лустрацијата. Опозициските пратеници беа главно против Томе Аџиев пак да ја води лустрациската комисија.
Во изминатите пет години Комисијата за верификација на фактите прогласи 124 лица за наредбодавачи и соработници или соработници со поранешните тајни служби. Од нив 106 се поранешни извршители на јавни функции, 11 биле актуелни и седуммина биле кандидати за извршување јавни функции. Триесет и три починати лица се прогласени за кодоши.
Комисијата за верификација на фактите не успеала да ги утврди матичните податоци за уште 40 лица за кои постојат сомневања дека биле соработници со тајните служби.
Денеска Томе Аџиев соопшти дека е задоволен од сработеното, но и тоа дека се соочувале со многу проблеми.
„Одредена група луѓе во државата сака да се спроведе процесот на лустрација, додека одредена група се противи на процесот“, изјави Аџиев.