ИНТЕРВЈУ

Солза Грчева: На државата ѝ треба тотален ресет

Глас за Македонија е името на новата партија во формирање. Носител на оваа иницијатива е поранешната независна и пратеничка на СДСМ Солза Грчева. Нејзините досегашни јавни настапи го привлекоа вниманието на јавноста и ја дефинираа Грчева како нов тип политичар, поинаков од она што досега го гледавме на нашата политичка сцена.

Таа вели дека Глас за Македонија нема да биде нова, туку поинаква партија. Професорката Грчева се согласува со оцената дека двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ја доведоа Македонија не само на работ на сиромаштијата, туку на работ на опстанокот на државата и оваа иницијатива за формирање на нова партија ја гледа како последен гласен крик за обединување на нашето разединето македонско ткиво, во кое Македонецот е туѓинец во сопствената држава.

Вие сте професорка. Во почетокот реагиравте на проблемите во образованието, ама многу брзо потоа влеговте во политиката. Зошто?

- Да, јас сум универзитетски професор. Редовен професор е титула што ја носите цел живот. Модерниот политичар треба да има професија, а не партиска школа. Веројатно со прашањево имплицирате дека на неталентирани и луѓе без професија им е таман местото во политиката. Токму таа несреќа и ни се случува со децении. Безимени, непрепознатливи, некомпетентни, а со партиска книшка.

Не, политичарот треба да управува со системи што ги познава, а не да импровизира вооружен единствено со ароганција и слепа послушност. Јас сум цело време активна, а пак мојот пратенички мандат, за разлика од многу други, остави трага. Се разбира дека остро реагирав, а и сега реагирам на исклучително лошиот образовен систем и грешките поради кои огромен број млади луѓе ја напуштаат земјата секојдневно. За мене образованието е темел на здрава држава.

Но, ако сте ме следеле, јас бев и сум присутна во сите политички текови, реагирав за закони од сите сфери, реагирав на грубото поигрување и неразбирање за тоа што е модерна демократија, реагирав на поделбите во општеството, за прашањата од национален интерес, за партократијата која ги зароби сите институции, немилосрдната корупција итн. Гледате, не можам да набројам сѐ што е наше политичко живеење, а кое го гледам како погрешно, погубно. Со тоа не можам да се помирам. Ова е и моја земја, не само на тие штп ставиле шака на сè.

Зошто нова партија? Не издржавте како независна пратеничка, па неопходно стана и ваквото дејствување?

- Напротив, издржав како независна пратеничка и за тоа платив политичка цена. Да не се држев цврсто до моите ставови, сега веројатно ќе ме гледавте најмалку како пратеник во Собранието. Мандатот даден од граѓаните го задржав до крај во свои раце и напорно работев како пратеник од опозицијата. Мојот глас беше чуен. Не бев пратеник што одвреме навреме гостува на седниците и чека по еден месец да му кажат да одржи, најчесто и да прочита говор и да притисне однапред договорено копче.

Секој закон го анализирав, дискутирав и моите ставови, моето искрено обраќање до граѓаните оставаа впечаток и допираа до секој, независно од партиската припадност. Со други зборови, бев гласна и уверлива. Луѓето веднаш ме препознаа како ретка и автентична појава на ова загадено политичко небо. Тоа се случува и денес, кога не припаѓам во ниту еден од „моќните“ два блока, па моите настапи по медиумите се помеѓу најгледаните и најкоментираните. Прашајте ги луѓето зошто е тоа така.

Зошто нова партија, прашувате. Прашањето што почесто ми се упатува е, зошто дури сега? Акцентот не е на нова, туку на поинаква партија. Како што многу пати сум изјавила, овие две партии што се менуваат циклично со променети лидерства, нè доведоа до работ не само на сиромаштијата, туку на работ на опстанокот на државата Република Македонија. Сите можни показатели ни го потврдуваат ова. Водиме по корупцијата, сиромаштијата, лошото образование, загадувањето, невработеноста, си поигруваат со редефинирање на државата, дури се посегнува по нејзино преименување, општа распродажба на сè што сме стекнале со љубовта, знаењето и мудроста на постарите генерации.

Сите референтни системи ги срушија ненаситни, алчни политичари, полуписмени, кои кога зборуваат ние црвенееме, реваншисти, влегуваат во политика само за да се збогатат, подгазуваат под себе судови, медиуми, институции, создаваат атмосфера на страв и вазална послушност. Јас сум целосна спротивност на сето ова погоре кажано. Ако јас и таквите луѓе како мене бегаат од политиката сега, ќе ги сметам за неодговорни. На државата ѝ треба тотален ресет, кажано со компјутерски жаргон. Само луѓе вооружени со знаење, повторувам со знаење, со љубов кон татковината, со посветеност, без хипотеки, можат да направат драматични промени. Јас ја давам рамката што, ако е прифатлива за граѓаните, тие ќе ја поддржат. Ги повикувам тоа да го направат што побргу, бидејќи настаните од сценариото одат со филмска брзина.

Многумина се обиделе да го пополнат тој простор на т.н. трета опција. Сите пропаднаа влегувајќи во коалиција со левицата предводена од СДСМ или десницата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Што ќе биде поинакво со Глас за Македонија, ако е тоа новото име на партијата?

- Да, тоа е името на партијата, ќе повторам партијата во формирање: Глас за Македонија. Глас на луѓето на кои им е доста да бидат манипулирани од политички елити, глас како јасно изразен и чуен глас на граѓаните, глас како храброст да се има личен став, но и последен гласен крик за обединување на нашето разединето македонско ткиво.

Не верувам дека овие два блока што ги споменувате погоре и од кои ги береме „горчливите плодови“ на ваквото живеење, ќе се демократизираат и реформираат. Тие се соголија пред народот. Владеат на ист начин, само книшките се менуваат. Веќе немаат ни јасна идеолошка матрица. Проаѓа времето на уценети политичари од кои завршивме како грубо уценета држава. Проаѓа и времето на популисти што ветуваат брда и долини, а имаат празни каси.

Дојде време да се понуди пот, чесна работа и многу знаење. Во идната партија ќе им дадеме голема шанса на жените во политиката, јавниот живот, институциите. Нивното учество денес е многу скромно и најчесто само да се задоволат одредени законски норми. Не, жените се храбри, не се подложни на корупција, обединуваат, а не разединуваат. Почнувајќи од семејството, па пресликано на општеството. И да не заборавам. Многу мали партии практично се самоукинаа, не успевајќи да се профилираат како свои, туку ги повторуваа ставовите на „оригиналите“. Затоа имавме и толку мали партии што практично исчезнаа, а денес ќе беа драгоцени во составувањето на оваа наша тенка и уценета влада.

Каде ја грешевме досега за сѐ погласно да го слушаме заклучокот дека не нѐ бива за држава?

- Грешевме сите. Од лидерите правевме и правиме идоли, богови што ќе ни ги решат сите проблеми. Партијата стана работодавец, речиси единствен. Не баравме отчетност за тоа каде ни одат парите, не знаевме да казниме, се плашевме да бидеме гласни во своите барања и незадоволство.

Често велам дека Владата греши и кога е во право, за разлика од народот. Тоа е тој критички пристап што мора да го воведеме како култура на однесување, не плашејќи се од последиците. Немаме правна држава и ние се согласивме со тој погубен факт. Толерираме корупција, во стилот нека ги покачат за трошка платите или пензиите, а тие нека прават што сакаат. Народот треба да разбере дека колку се тие побогати, толку е тој посиромашен. Конечно, народот треба еднаш да разбере дека во него е силата, тој е суверенот што владее. Крајно време е да се промениме, да ги поставиме работите на нозе, а не наопаку, како што е сега. Нема да имаме поправни испити.

Каде згрешија нашите политичари што кратко по доаѓањето на власт и еуфоријата што ја предизвикуваа дека конечно дојде „новото време“, брзо го фаќаа натапканиот пат на претходниците, без разлика дали беа левица па десница или обратно?

- Тоа се нарекува гола борба за власт и бенефиции. Едни учат од други многу успешно и единствената цел е да се задржат што подолго на власт. Да не беше така, еднаш ќе се прекинеше со реваншизмот поради кој се менуваат и успешни директори на болници, училишта, па дури и службеници. Еднаш ќе се прекинеше со купување на медиумите, еднаш ќе се прекинеше со љубовната врска со судовите и обвинителствата, еднаш ќе се прекинеше со местењето тендери на недопирливите „успешни“ бизнисмени, немаше централите да вработуваат до последно име во јавна институција, еднаш ќе се прекинеше со навредите кон другите што не се дел од сектата итн.

Затоа не е добро за сите нас да имаме владејачки гарнитури што, преполни со пари што ги направиле со таквото владеење, лесно си купуваат и избори. Тие растат, ние тонеме. Потребна е богата, плурална политичка сцена каде што ќе има контролни механизми, а секако и казнени механизми за таквото однесување.

Дали сметате дека е соодветно луѓето што протестираа во „За заедничка Македонија“ да бидат осомничени за тероризам?

- Искрено, не. Да подведеш под едно такво високо дело за тероризам цела група луѓе што нешто значат во нашата средина е крајно дрско. И тоа тероризам за рушење на уставниот поредок, кога всушност во Собранието се изведуваше неуставен чин.

Ве молам, во 2001 немавме обвиненија за тероризам. Партијата што беше најгласна против селективна правда, против мерката притвор како одмазда, сега го прави тоа против што се бореше. Велам партијата, бидејќи судството повторно не е независно.

И како може со исти обвиненија да бидат сите обвинети во овој случај? Што правеа обвинителствата цели седум месеци? Зошто е одбран овој момент кога мислат да решаваат за нас, многу болни национални прашања? Има многу прашања, а одговорите се дрски, навредливи и безобразни за сите што поставуваат прашања. Еден убав ден ќе ги дознаеме и вистинските одговори. Во тоа сум сигурна.

Верувате ли во теориите на заговори и шпекулациите за можни игри за да се покрие потенцијалната главна игра: промена на името?

- Кусо и јасно: да, верувам. Потребно им е да се плашиме, да си седиме дома, да не бидеме етикетирани како патриоти бидејќи тоа не е модерно, не е ин, да не ја матиме водата во баруштинава во која само привилегираните убаво си пливаат. И сосема конкретна е заканата со губење или недобивање на работно место, со немање на права гарантирани со Уставот. Туѓинец во сопствената држава. Не е повеќе модерно да си Македонка/Македонец, туку Земјанин. Јас сум исклучително модерен човек, космополит, сум работела и живеела во развиени западни земји, но поглупаво нешто од одредницата „Земјанин“ не сум чула. Да, и јас ќе бидам Земјанка кога во Обединетите нации ќе ја укинат графата за нација. Ако до вчера ова беше во сферата на теоријата на заговори што признавам, не ми е блиска, сега, ова што ни се случува е јасно како ден.

Што ви значи тоа „гласна борба за Македонија“? Многумина досега токму во име на Македонија направија сериозни промашувања, пљачки, криминални, коруптивни и антидржавни зделки и договори, па никому ништо.

- Глас за Македонија, да Ве поправам. Тоа ќе значи гласно да за модерна демократска Македонија, праведна Македонија, Македонија со перспектива за младите, за врвно здравство, за мали бизниси, гласно да за градење релации со силни светски економии, гласно да за професија, а не за партиска книшка, но гласно не за промена на нашето уставно име, гласно не за редефинирање на државата, гласно не за криминали, гласно не за партиски вработувања.

Идната партија никогаш нема да помисли да влезе во антидржавни зделки и распродажби, криминали и пљачки. Знаете, во оваа држава има и луѓе на кои не им требаат пари за да обезбедат шест поколенија. Секогаш сум им се чудела на таквите. Има луѓе што нема за што да бидат уценувани. Политичарите мора еднаш да станат слуги на граѓаните, а не обратно.

Како што реков, само многу пот, знаење и работа може да нè извлечат. Сѐ друго е несериозно. Сите граѓани заслужуваат удобен и сигурен живот. Срамота е што по толку време самостојност, една мала, но во суштина богата земја, не успеавме да ја претвориме во најубавото место за живеење. Сега пак, таква слаба и сиромашна каква што ја направија, се обидуваат и евтино да ја продадат. Ги повикувам граѓаните што се пронаоѓаат во нашата понудена рамка, да помогнат со својот потпис да изградиме сосема нов концепт на управување. Како што рековте во прашањето, нѐ чека гласна борба за Македонија.

Александар Дамовски

Министерството за финансии во изминатиот период активно работеше на реформа за унапредување на фискалната децентрализација, која нуди сериозно системско решение за стабилни финансии на општините кои ќе значат одговорни општини и испорака на квалитетни и ефикасни услуги за граѓаните. 

повеќе

Либералната империјалистичка доктрина на Америка е одговорна за ужасниот масакр во места како Виетнам, Ирак и Централна Америка. Но Америка, исто така, произведе либерална антиимперијалистичка доктрина што останува затскриена во една ТВ-серија што ја восхитува американската публика уште од 1966 година.

повеќе

Граѓани, бегалци, мигранти, веќе не ни е важно – се чини дека никој не гледа светла иднина за себе во Албанија.

повеќе