СПЕЦИЈАЛНО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО

Случај Талир: Перење пари во ВМРО-ДПМНЕ, СЈО бара замрзнување на имотот на партијата

14 лица се осомничени за случајот Талир, кој денеска го отвори Специјалното јавно обвинителство, а се однесува на нелегално финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Денеска СЈО ќе побара замрзнување и на дел од имотот на партијата, меѓу кои и на зградата во која е штабот на ВМРО-ДПМНЕ.

Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека се работи за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и за основано сомневање дека првоосомничениот, претседателот на партијата, во период од 2009 до 2015 овозможил финансирање на партијата спротивно на законските одредби.

Има основано сомневање дека првоосомничениот прифатил пари и со помош на другите осомничени лица овозможил акумулирање на финансиски капитал за потребите на партијата преку перење пари. Во случајов станува збор за злоупотреба на службената потреба и овластување.

Има основано сомневање дека парите потекнуваат од сторено кривичното дело сторено од група лица што преку месните организации на партијата овозможиле перење пари, со внесување пари на партиската сметка преку готовински уплати како лични уплати, рече СЈО.

Од 2009 до 2015 на овој начин уплатени биле 301.531.662 денари (4,9 милиони евра). Дел од осомничените овие пари во завршните сметки ги прикажувале како донации. Парите биле трошени за трошоци за маркетинг, за плаќање сметки, за купување недвижен имот...

Од 2009 до 2015 биле склучени 71 договор за купување недвижен имот, платен од овие незаконски стекнати пари. Дел од имотот не бил во функција на остварување на целите на партијата и не се користи за партиски цели, без партиски обележја. 11 лица сториле кривично дело перење пари, од кои 9 лица биле директни извршители, а двајца биле помагачи.

Фетаи рече дека ова не бил единствениот начин на финансирање.

„Првоосомничениот овозможил за ВМРО-ДПМНЕ да бидат обезбедени услуги од ГП Бетон Скопје преку јавна набавка. Има основано сомневање дека второосомничениот склучил договор за коинвеститорство од 79 милиони денари, а вкупните вложувања на Бетон биле 556 милиони, од кои 442 милиони била вредноста на објектот, а 131 милион денари биле уплатени на сметка на партијата на име регулирање на меѓусебните права и договори за коинвеститорство. Ова всушност било донација на Бетон за ВМРО-ДПМНЕ. Според законските одредби, преку договор за јавни услуги, оваа компанија не можела да биде и донатор.

Првоосомничениот тоа не го спречил. Има основано сомневање дека 5 лица извршиле кривично дело злоупотреба на службената должност, од кои двајца биле директни извршители, а тројца помагачи. Вкупно осомничени се 14 лица, а идентификувани се лица од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, кои ја искористиле партијата и за лични мотиви.

Во предметите Траекторија и Талир првоосомничениот е исто лице, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, а меѓу останатите осомничени се генерални секретари на партијата во тој период, овластени потписници, како и директори на центарот за комуникации. 

„За овој предмет испратени се покани за 570 лица, од кои сослушани биле 260, испратени се повеќе од 200 барања за информации, има белешки и анализи од финансиски карактер на 300 страници, 11.886 уплатници од деловните банки, наредбата за покренување истрага има повеќе од 100 страници, издадени се 12 барања за привремена мерка за одземање и замрзнување на имот проследен со финансиски анализи на уплатите. Замрзнувањето што е побарано се однесува на имот купен со средства од кривично дело.

Од статистиката за ова дело интересни се и овие податоци: во 2009 година при уплати извршени во 12 дена, дневно биле уплаќани 28.000 евра. Во 2011 година за 22 дена дневно биле уплаќани по 12.000 евра. Во 2013 и 2015 уплаќани биле по 30.000 евра дневно, во 2014 на име на членарина за 45 дена дневно биле внесувани на сметката на партијата по 22.000 евра.

Има основано сомневање дека парите не потекнуваат од лицата што наводно уплатувале. Се работи за класичен случај за нелегално финансирање на политичка партија“, рече обвинителката Ленче Ристовска.

„Според анализите на сметката на политичката партија, голем дел од уплатниците биле пополнувани со ист ракопис и биле уплаќани во ист временски интервал. Се работи за кривично дело перење пари. Во овој период, од 2009 до 2015 година генерирани се обврски во вредност од повеќе од 5 милиони евра, или по 2.000 евра дневно, а нема целосни податоци за обврските. И не сите обврски се намирени, а тоа значи дека ова дело може да има и даночни импликации“, рече Ристовска.

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе