ИНИЦИЈАТИВА

Ново граѓанско здружение – ДЕМОС за собрание со 60 пратеници и влада со 9 министри

Сите граѓани се свесни за тоа како две партии владееја во изминативе 24 години и до кое дереџе ја донесоа државата. Сигурни сме дека овие две партии се минатото на Македонија. Време е за нов концепт за развој на Македонија, порачуваат од ДЕМОС-НОПОМА, „здружение на нови, неизвалкани луѓе со големо професионално и животно искуство“.

Претседател на ДЕМОС-НОПОМА (нова подобра Македонија) е Емил Анастасов, еден од основачите на поранешната Лига за демократија, кој од 1994 година не е во политиката и се занимава со бизнис.

Според програмата, ДЕМОС-НОПОМА нуди сосема нов концепт за развој и опстојување на Македонија.

„Политичарите треба да работат во интерес на граѓаните, кои ги избираат и ги плаќаат од парите собрани во народниот буџет, а не обратно како што беше досега – кога тие работеа само за себе, а на штета на граѓаните“. Втората цел на здружението е во иднина политиката и политичарите да станат споредна работа во општеството, т.е. да се дојде до стадиум кога народот нема да знае кој е претседател, ниту кој е премиер на Македонија...

ДЕМОС-НОПОМА предлага намалување на бројот на пратениците, на министрите, нивните заменици, државните секретари, потсекретари, голем број раководители на сектори, разни советници... Тие не треба да имаат службени автомобили за секојдневна употреба, ни службени мобилни телефони, ниту да бидат ослободени од плаќање на патарините, ни пак да можат да се гостат бесплатно во рестораните на Собранието и во Владата....! За да се намали криминалот и корупцијата платите на функционерите треба сериозно да се зголемат за да можат нормално да функционираат и за да не мислат на празнење на народниот буџет во сопствените џебови, пишува во програмата.

„Народното Собрание треба да има 60 до 80 пратеници, а не 123. Пратениците треба да се се избираат по пропорционален модел – со Македонија како една изборна единица, со минимално потребен цензус од 2% од гласовите за влез на секоја партија во Собранието.

Македонија треба да има концентрациона влада со претставници од сите партии застапени во Собранието (од партиите што добиле повеќе од 5% од гласовите). Владата треба да има најмногу 9 министри, без заменици министри, (улогата на заменик-министри ќе ја преземат државните секретари). Владата треба да одлучува со консензус на министрите и треба да биде во т.н. постојано заседание – треба да се состанува најмалку еднаш неделно. Претседателот на Владата треба да биде прв помеѓу еднаквите и треба да се менува на 6 месеци, започнувајќи со најстариот од министрите“, пишува во програмата на ДЕМОС-НОПОМА.

ДЕМОС-НОПОМА смета дека концентрационата Влада сама по себе ќе изврши целосна департизација на општеството, нема веќе да може партијата на власт да ја проголта државата и под своја капа да ги стави буквално сите органи и институции, па дури и голем дел од приватниот бизнис, како што беше досега. Освен тоа, во програмата се предвидува само министрите во Владата и функционерите од т.н. прв ешалон да бидат политички избрани функционери. „Сите останати високи позиции во извршната власт треба да се избираат со јавен конкурс и со јавно спроведена постапка достапна на интернет и на МРТВ, а изборите ќе ги вршат независни комисии составени од домашни и странски експерти во соодветните области.

Програмата на ДЕМОС-НОПОМА предвидува и голем број други промени во даночниот систем, во користењето на парите од буџетот, во инфраструктурата, развојот на туризмот, екозаштитата на Македонија, сеопфатна дерегулација и поедноставување на законите, воведување на непосредната демократија, односно граѓаните непосредно, преку локални и национални референдуми да се изјаснуваат за разни прашања од нивни непосреден интерес...

„Македонија конечно има шанси да го напушти тунелот на 25-годишната транзиција, што е само друг збор за општата кражба и секакво друго неприродно исцрпување на државата на кое досега бевме сведоци“, пишува во програмата на ДЕМОС-НОПОМА

 

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе

Во битката за фотелја во ФФМ секогаш решавачка била „техниката" на добивање гласови од делегатите со поткуп, ветувања, партиски и притисоци на локалните моќници... 

повеќе

Како може да се надминат исклучивите и националистички толкувања на минатото: што работат комисиите?

повеќе