Љупчо Николовски
„Причината поради која е направен овој скандалозен пропуст е немањето договор во овие пет месеци со Факултетот за ветеринарна медицина, Институтот за јавно здравје како и Државната фитосанитарна лабораторија. Прашуваме дали во овој перидо од 2 мај до 17 септември АХВ ги спроведувала мониторинг програмите. Ова всушност значи дека во овој период не се правеле микробиолошки испитувања, не се испитувало присуство на тешки метали и нитрати во одредени видови прехранбени производи, остатоци од пестициди во храната, како и можно присуство на ГМО храна...штетни материи и супстанци, чии последици човекот ќе ги почувствува после неколку месеци или години од нивното конзумирање. Во овој период АХВ нема сознанија ни за здравствената состојба на животните, бидејќи не се спроведувала во целост ни годишната наредба за здравствена заштита на животните. Едноставно кажано АХВ немала сознанија за безбедноста на храната, а со тоа директно придонела во загрозување на здравјето на граѓаните на Република Македонија“, вели Николовски.
Според него, кај еден сточар од Светиниколско, на 12 мај 2015 година земени се примероци на крв од неговите кози и овци за испитување на бруцелоза, известувањето од лабораториското тестирање е издадено на 29 септември 2015, а решението за прогласување на заразна болест бруцелоза од страна на инспекторот е издадено на 5 октомври.
„Во меѓувреме сточарот заедно со целото семејство и вработените консумирал од млекото, а исто така и го ставил во промет. Оваа сведочи дека тој и неговото семејство, меѓу кои и петгодишно внуче биле жив експеримент на пропустите на АХВ. За ова мора да има одговорност. Прво за директорот на АХВ, а потоа и за министерот Михаил Цветков, одговорни лицаа за спроведување на политиката во безбедност на храна и храна за животни и ветеринарното здравство“, рече Николовски.