Во своето обраќање Мицкоски кажа дека решението што е постигнато е катастрофално.
„Сега само може да се констатира дека договорот е мртов. Договори договор без консензус ветувајќи дека ќе исполни нешто што не може да исполни, манипулирајќи ја и меѓународната заедница дека овој договор може да помине. И покрај притисоците, уцените, полнењето кутии, власта не успеа да ги изманипулира граѓаните кои покажаа одговорност кон својата земја. Власта е целосно делегитимирана, Заев веќе нема легитимитет и кредибилитет, неуспешниот референдум е и одговор дека криминалите не смеат да продолжат. Народот испрати порака дека Заев повеќе не може да биде премиер и треба да се повлече. Нова криза ќе ја доуништи и така кревката економија, а со овие луѓе ќе биде само полошо. Затоа и има две опции: избори, за кои мора да има пржинска влада каква што Заев имаше пред изборите 2016 година и јавен обвинител на предлог на опозицијата, како и анкетна комисија. Власта лажно ме обвинува дека сум барал некаква општа амнестија и сака да ме девалвира мене лично и измислуваат дека намерно сме го кочеле политизираното СЈО. Влегов во политиката да му служам на народот и поради тоа да создавам за народот, но и да се борам против криминалот.
Ниту сум условувал, сите пратеници имаат должност да ја следат волјата на граѓаните. Втората опција е Заев веднаш да се откаже од договорот, па потоа да оди на избори. Притоа ВМРО-ДПМНЕ после изборите ќе поддржи нова обвинителство, веднаш по завршувањето на СЈО, овојпат јавен обвинител со консензус кој вистински ќе се бори против криминалот, но и да ги доиспита прислушуваните материјали, како и криминалите на оваа Влада. Стојам овде и велам ајде да ставиме крај на криминалот и вистински да се бориме против него и да ставиме крај на сомнежите за криминал. Еве шанса оваа Влада да докаже дека вистински е против криминалот“, рече Мицкоски.
Прашан за коментар околу потврдената пресуда од Апелација на екс-премиерот Груевски и наводно тргување со пратенички гласови за негова слобода, Мицкоски рече дека самиот факт што некој мисли дека Владата на Зоран Заев тргува со правдата, зборува за тоа во каков амбиент и општество живееме. Мицкоски рече дека е непринципиелно и не би сакал да верува дека некој воопшто размислува да тргува за нешто за што граѓаните јасно се изјасниле на 30 септември без разлика дали се тоа пратеници од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ.
Прашан, што ако власта инсистира на избори по скратени рокови и дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на такви избори, Мицкоски рече дека тоа што власта сака брзи избори говори каква е желбата на оваа власт да остане и продолжи да го пљачка народот, кратко укажувајќи дека е неопходно формирање „пржинска влада“.