Марш на ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски клекна пред Штипјани

Ми велат никогаш не треба лидерот и претседателот следбениците да го видат на колена. Но, јас имам еден одговор на тоа, ако лидерот не клекне пред луѓето кои ја следат каузата за Република Македонија и за независна Македонија, тогаш не ја заслужува нивната доверба, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на почетокот на своето обраќање на маршот во Штип.

„Стојам пред вас како пријател, и стојам пред вас како ваш сонародник, човек загрижен за истите работи за кои сте и вие загрижени. И како пријатели и сонародници, не смееме да имаме тајни меѓу себе, туку отворени срца и добри намери, за заедно да им погледнеме на проблемите во очи, затоа што поприлично ни се насобраа во нашата држава”, рече Мицкоски.

Посебна чест, како што рече, му е тоа што денес е во Штип, градот во чија близина се родиле, престојувале или учителствувале едни од најголемите синови на македонскиот народ: Гоце Делчев, Даме Груев, Тодор Александров, генералот Михајло Апостолски, поетот Ацо Шопов, првиот премиер на независна Македонија Никола Кљусев, првиот министер за внатрешни работи Јордан Мијалков, првиот претседател на независна Македонија Киро Глигоров и многу, многу други.

„Нема многу места што можат да се пофалат со вакви дејци, и јас во оваа прилика ви ја изразувам мојата најдлабока почит. Иако скромноста не ми дозволува да мерам што било со големината на нивното дело, одлучноста што денес ја гледам на вашите лица ми дава надеж дека во најмала рака можеме да бидеме нивни достојни наследници. А како ќе бидеме? Ќе бидеме единствено доколку се бориме за Македонија, со чиста мисла и со срце и мудрост. Белким ќе беше полесно и за Кљусев и за Глигоров доколку се согласеа на се што бараше јужниот сосед во деведесетите, но тие не го направија, зошто не дозволија да ја видат сопствената држава понижена и урнисана”, порача Мицкоски.

Пред собраните граѓани Мицкоски го повтори ставот на партијата за претстојниот референдум. 

„ВМРО-ДПМНЕ, почитувајќи ги своите вредности на индивидуална слобода и демократско поведение одлучи да остави на граѓаните на оваа држава да постапат на 30-ти септември по своја слободна волја и убедување! Тоа значи, дека ние нема да наметнуваме партиска агенда, туку ќе учествуваме во дебатата исклучиво презентирајќи факти и аргументи кои сме длабоко убедени дека се на наша страна.

Ова ќе го направиме затоа што сметаме дека за национално прашање, како што е менување на името на државата МОРА да одлучува нацијата. Улогата на партиите во овој случај е да му ги објаснат на народот фактите и последиците, добрите и лошите страни... Во тој процес, партиите имаат должност да ги презентираат фактите такви какви што се и имаат уште поголема обврска да не спинуваат вакви суштински прашања”, рече Мицкоски. 

 

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе